Промоција на „Танатополитика и права“ од Вики Младенова на Саемот на книги во ГЕМ клуб

22.12.2017 12:48
Промоција на „Танатополитика и права“ од Вики Младенова на Саемот на книги во ГЕМ клуб

На 25 декември, во 19.30 часот во ГЕМ Клубот во рамки на Малиот новогодишен саем на книги ќе се одржи промоција на книгата „Танатополитика и права“ од Вики Младенова, а промотори ќе бидат Славчо Димитров и Љубомир Фрчкоски. „Танатополитика и права“ е прва книга на Вики Младенова, односно овој текст е прилагоден за издавање по одбраната на нејзината магистерска теза „Преиспитување на принципот на универзалност на човековите права преку парадигмата на Џорџо Агамбен ‘гол живот’“.

Книгата е издадена од издавачката куќа „Сигмапрес“, уредена од професорката Маја Бојаџиевска, со поговор на Славчо Димитров.

„Танатополитика и права“ содржи обид за „современо“ мислење на човековите права и нивната онтологија, нудејќи различни теориско-филозофски позиции на критичко мислење на современата криза на човековите права и потребата од реконструкција на заедницата, на човекот или воопшто на субјектот.

* * *

„Авторката релевантно нѐ води низ возбудите на кризата на субјектот и неговата универзалност, низ местата на дистопија и распаѓање на модерната автономија и самодетерминација на индивидуата, носител на човековите права. Места каде што се распаѓаат големите системи на политиките на сила зад кои зјае логорот и голиот живот во него. Места кои значат зачекорување кон тера икогнита на новите сингуларности и солидарност на телата во борба.
Извонредно и возбудливо четиво!“

Љубомир Фрчкоски


„Како критика во времиња на криза на човековите права, Вики Младенова ја зграпчува кризата како конститутивна за концептот на човековите права, како сведоштво за онтолошкиот процеп во човековите права, нивната бестемелност и контингентно основоположување, притоа посочувајќи ги вкоренетите односи на моќ и доминација во самиот концепт за човекови права, и механизмите на исклучување инхерентни во дефинициите на истите. Младенова нè става, на овој начин, пред, можеби едно од клучните прашања на нашето време, прашањето какви политики се можни после или отаде биополитиките на човековите права и негативните и исклучувачки темели на истите?“

Славчо Димитров

* * *

Вики Младенова е родена на 02.10.1991 година. Своето високо образование го завршува во Скопје, на Правниот факултет „Јустинијан Први“, на додипломските политички студии и потоа на пост-дипломските правни студии (Меѓународно право и односи). Покрај „Танатополитика и права“ пишувала и други пократки текстови, токму во областа на политичката филозофија, филозофијата на правото и критичката теорија. Сега е на истражувачки престој во Пиза, на Scuola Normale Superiore, под туторство на професорот Роберто Еспозито.

Слични содржини

Книжевност / Култура / Настан
Книжевност / Култура / Настан
Книжевност / Култура / Уметност / Настан
Книжевност / Настан
Книжевност / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото