Предлозите од дебатите што ги организираше Јадро - дел од акцискиот план за културата во 2018 година

25.12.2017 17:49
Предлозите од дебатите што ги организираше Јадро - дел од акцискиот план за културата во 2018 година

Министерството за култура ја објави последната верзија на Националната стратегијата за развој на културата во периодот 2018-2022, а денеска и Нацрт- акцискиот план за 2018 година за имплементација на стратегијата во кој се вградени дел од барањата, забелешките и предлозите кои произлегоа од серијата дебати за Националната стратегија за култура 2018-2022 што ги организираше Јадро - Асоцијација на независна културна сцена заедно со партнерите.

Колективен договор за вработените во културата, детален попис на културното наследство и негова категоризација, анализа на специфичните услови во секоја општина пред културните институции да станат дел од надлежност на општините, расчистување проблемите што ги предизвика претходната власт, а кои оневозможуваат нормално функционирање на институциите од културата, департизација и вработување според стручност, ова се дел од барањата и најголемите проблеми со кои се соочуваат културните работници, институциите и граѓанските организации од културата во Битола, Велес, Охрид и Струга и кои можеа да се слушнат на дебатите.

„Рак рана во нашето општество е како се ефектуира децентрализацијата во сферата на културата, загрижува што политиката има голем удел во одлучувањето и распределбата на финасиските средства во културата, децентрализиацијата може да биде опасна за натамошниот опстанок на независната култура, но и на институциите од културата“, беше речено да дебатите.

„Целата држава е во една фаза на реконструкција, односно обнова н асостојбите коишто во изминатите 11 години беа донесени речиси до нула и во таа смисла, ова астратегија во нејзината прва фаза предвидува посериозна деконтаминација на културниот простор, кој беше и се уште е загаден од разни импровизации, манипулации, сето тоа во функција на една структура која земјата ја владееше како што ја владееше. Потоа оваа стратегија во следните фази ќе предвиди неколку работи: прво ќе се прегледаат сите закони и подзаконски акти во врска со делувањето во културата, потоа Министерството за култура ќе заземе нова позиција, кое досега беше во својство на прилично наредбодавен орган“, рече Ѓунер Исмаил, член на Советот за култура.

Јане Чаловски, претседател на Јадро, истакна дека овие дебати се од големо значење и за независниот културен сектор.
„Исклучително е важно да се забележи значењето на независната сцена во градењето на идната стратегија за култура на Република Македонија“, вели Чаловски кој на дебатата во Битола го објасни првиот пример на јавно – граѓанско партнерство меѓу Општина Центар и Јадро.

Претставници на Министерството за култура на овие дебати беа Валентина Поцевска и Искра Гешоска, членови на работната група што ја подготви Нацрт стратегијата за култура 2018-2022, Златко Теодосиевски и Донка Барџиева, специјални советници во Министерството за култура, Решад Ахмети, член на Советот за култура, а освен Чаловски како претставници на институциите од културата и од независниот сектор учествуваа: Никола Гелевски, Илина Арсовска, Дејана Николовска, проф. Небојша Вилиќ, Ване Трајков од Стрип центарот во Велес, Анита Ивковиќ од Центарот за современа уметност – Скопје, Милован Шутиновски, Владимир Самониковски, Енгин Насув од Завод и музеј, Битола и други.

А освен во Велес, каде на дебатата учествуваше и градоначалникот Аце Коцевски, во другите општини, иако поканети, немаше интерес за учество на овие дебати.

Во повеќеетничките градови како Струга, учесниците во дебататите потенцираа дека треба да се работи на интеркултура наспроти мултикултура. Но, според оние што говореа на дебатите, кои траеа по повеќе часови, состојбите во сите пооделни области во културата се загрижувачки, независниот културен центар заради својата мобилност и честопати независност од власта, во изминатите години успеал да направи значајни проекти но потребно е негово системско учество.

Проектот „Дебати на тема Национална стратегија за култура 2018-2022“ го имплементира Јадро – Асоцијација на независна културна сцена во партнерство со своите членки МКЦ –Битола, Стрип центар на Македонија – Велес, К.Ц. Медиа Артес-Охрид и ИНКА – Струга.Проектот е финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ) а се реализираше во соработка со Министерството за култура на Република Македонија.

 

ОкоБоли главаВицФото