Примателот непознат, retour à l'expéditeur

18.01.2018 11:43

Многу фала за облаците.
Многу фала за Добро темперираниот клавир
и, зашто да не, за топлите зимски чизми.
Многу фала за мојот чудникав мозок
и толкуте други скриени органи,
за воздухот и, се разбира, за бордото.
Од срце фала што запалката не ми се гаси,
ни копнежот, ни жалењето, сесрдното жалење.
Многу фала за четирите годишни времиња,
за бројот е и за кофеинот
и, се разбира, за јагодите на чинија,
од раката на Шарден, како и за сонот,
за сонот сосема посебно,
и, да не заборавам,
за почетокот и крајот
и неколкуте моменти помеѓу
сесрдно фала,
а ако е по мое, и за полската волухарица во бавчата.

Превод: П. В.

Лангенхорст смета дека во песнава станува збор за „иронично книжевно поигрување со традицијата на молитвата-благодарница, структурирана на речиси детски начин“, но дека таа иронија, од една страна, го доведува во прашање изреченото, иако, од друга страна, не го порекнува. Текстот живее од таа двосмисленост. „Примателот, во класичната молитва-благодарница - Бог, е непознат. Но да обрнеме внимание: непознат, не и непостоечки. (...) Не е исклучено дека зад оваа двосмисленост се крие дури и копнеж по постоење адресат и по можноста тој да биде досегнат. Таа димензија, меѓутоа, во текстот останува отворена.“ Фацит: „Времето помеѓу ’почетокот и крајот’ не е одбележано само со сетилно доживеаната животна радост, туку и со рефлексијата за нејзините услови и граници.“
-Бројот е се сретнува во многу формули што ги опишуваат природните законитости и процеси. Игра значајна улога во многу области на математиката. Приближно изнесува 2,7.
-Добро темперираниот клавир, збирка композиции на барокниот композитор Јохан Себастиан Бах.
-Шарден (Jean Baptiste Chardin, 1699-1779), француски барокен сликар на жанровски слики и мртви природи, еден од најголемите реалисти во француското сликарство.
-Полска волухарица, глодар кој од полскиот глушец се разликува по обликот на ушите, муцката и по краткиот опаш. Може да направи голема штета на нивите.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото