16-то издание на Europe Theater Prize – Eвропска театарска награда

20.01.2018 13:55
16-то издание на Europe Theater Prize – Eвропска театарска награда

Сцена од претставата „Ричард II“ на Питер Штајн

 

Неодамна, од 12 до 17 декември 2017 година, во Рим се одржа 16-то издание на реномираната културна манифестација Европска театарска награда – Europe Theatre Prize. Со повеќе од триесет години постоење, Европската театарска награда се претвори во амблематски настан за европскиот театарски живот. Во времетраење од неколку дена, околу четиристотини учесници на оваа манифестација, театарџии од целиот свет, живееjа во ритамот на театарот, со живописниот град Рим како сценографија.

Оваа манифестација за прв пат беше презентирана како пилот проект на Европската комисија во областа на театарот во 1987 година. Во 2002 година, таа беше прогласена од страна на Европскиот парламент и Европскиот совет за „манифестација од европски културен интерес“ чија цел е да го промовира знаењето и ширењето на театарската уметност во Европа, и да придонесува за развојот на културните врски и зајакнувањето на европската свест. Оваа манифестација, исто така, ја поддржува интердисциплинарноста, интеграцијата и соработката меѓу театарот и другите уметности. Оваа година, после неколкуте изданија одржани во различни европски земји, Европската театарска награда се врати во Италија, со специјална поддршка од страна на италијанското Министерство за култура и на Претседателот на Р. Италија, и тоа во Рим, град којшто совршено го отелотворува прославувањето на шеесетгодишнината од склучувањето на Римскиот договор и одбележувањето на Европската година на културното наследство во 2018-та година.

Како што тоа го кажува и нејзиното име, Европската театарска награда се доделува на театарски личности или институции (театри или театарски компании) кои се клучни фигури на европската сцена и чие творештво го потпомага разбирањето и познавањето меѓу народите. Добитникот се наградува за неговата целокупна уметничка кариера помеѓу бројни меѓународни театарски личности. Првата добитничка на наградата беше француската политички ангажирана режисерка Ариан Мнушкин за нејзините креации со култниот „Théâtre du Soleil“. Понатаму, добитници на оваа награда беа реномираните театарски режисери Питер Брук, Боб Вилсон, Патрис Шеро, Кристијан Лупа, како и незаменливата германска кореографка и режисерка Пина Бауш.

Почнуваќи од третото издание на оваа манифестација, еднакво се доделува и Европската награда нови театарски реалности која ги охрабрува современите тенденции и иницијативите на европскиот театар во неговите најразновидни облици и изрази. При изборот на добитникот на оваа награда се води сметка за целокупноста на професионалите постигнувања на авторот како и за нивниот иновативен и оригинален карактер.

Овогодишната манифестација, во чии рамки имаше по неколку театарски претстави дневно, тркалезни маси и разговори со добитниците на наградите, траеше цели шест дена. Освен наградените претстави, во категоријата „Враќања“ беа прикажани дела од наградените уметници во претходните изданија. Така, беа изведени претставата „Хамлет Машина“ од Хајнер Милер, во режија на светски познатиот Боб Вилсон, шекспировите „Кралот Лир“ и „Ричард II“, првата во режија на италијанскиот режисер Џорџо Барберио Корсети, а втората, на германскиот режисер Питер Штајн. Освен тркалезните маси посветени на добитниците на наградите и на нивната работа, беше организирана и тркалезна маса посветена на педесетгодишнината од постоењето на театарскиот фестивал „БИТЕФ“, како и тркалезни маси посветени на иднината на театарската критика. Тоа беше несекојдневна можност, од една страна, да се запознаат одблиску наградените уметници како и да се видат нивните престави, а од друга страна, да се споделат размислувања за современата театарска уметност со театарџии од целиот свет.

Дискусија по повод 50-годишнината од БИТЕФ

Оваа година, шеснаесеттата Европска театарска награда за првпат им беше доделена на двајца актери, Изабел Ипер и Џереми Ајронс, две амблематски фигури на меѓународната сцена, подеднакво успешни во театарската и во филмската сфера. Овие светски познати актери, добитници на бројни меѓународни награди за своите филмски улоги, имаат и многу богата театарска кариера зад себе. Така, Изабел Ипер има работено со најголемите театарски режисери како што се Боб Вилсон, Питер Задек, Клод Режи, Бенедикт Ендрјус, Лик Бонди и други. Џереми Ајронс е добитник на наградата „Тони“ за улогата во пиесата „The real thing“ од Том Стопард. Тој играл на сцената на најголемите лондонски тетари, како што се : „National Theater“ во Лондон и „Royal Shakespеare Company“, „West End“ и други. Во рамките на доделувањето на наградата, во прекрасната ренесансна палата „Palazzo Venezia“, беа организирани и тркалезни маси посветени на наградените, со учество на Фани Ардан или Пети Смит. Присуството на супер ѕвездите Ипер и Ајронс во Рим претставуваше своевиден куриозитет, не толку својствен за театарот, предизвикувајќи ја љубопитноста на присутните кои не се двоумеа да ги оковечат истите со своите фото-апарати. Во тој контекст, за публиката на манифестацијата, двајцата добитници ја изиграа пиесата од Харолд Пинтер, „Пепел на пепел“, напишана во 1996 г. Гледачите имаа прилика да ја проследат изведбата на двајцата култни актери, носени од Пинтеровата жестока и критичка драматургија, во која особено студената, неколегијална, па можеби и каприциозна интерпретација на Изабел Ипер предизвика нелагодност кај публиката.

Од друга страна, оваа година, специјалната награда во рамките на Европската театарска награда му беше доделена на добитникот на Нобеловата награда за литература во 1986 г., нигерискиот драмски писател, романсиер, поет и есеист, Вол Сојинка (Wole Soyinka). Сојинка со своето дело успеа да изгради идеален мост меѓу Европа и Африка, драгоцен придонес со оглед на актуелните проблематични односи на стариот континент со Африка. Во Нигерија, Сојинка е основач на театарските компании : „Thе 1960 Masks“ и „Orisun Theatre“. Истотака, тој е политички активен и борец за човековите права на африканскиот континент. Предава на повеќе универзитети, меѓу кои и на „Харвард“.

Во рамките на овогодишното издние, Специјална пофалница му беше доделена на Фадел Жаиби (Fadhel Jaïbi), клучна фигура во современиот туниски и арапски театар, кој секогаш ја имал потребната лууцидност и критичност, особено во овој бурен период за арапскиот свет, на протестирања и повлекувања, илузии и разочарувања. Тој е ко-основач на регионалната театарска компанија „Gafsa“ во 1972 г., како и ко-основач на првата независна театарска компанија во Тунис „Новиот театар“, како и на компанијата „Familia Production“ во 1993 г. Во моментов, тој е директор на Националниот театар во Тунис. Неговиот театар, кој тој го квалификува како „елитен за сите“, е познат како во Тунис и Бејрут, така во Дамаск или Каиро. Жаиби е често поканет да режира во најпознатите европски театри и гостува на големите светски театарски фестивали. Во 2006 година тој беше поканет да режира во култниот театар „Одеон“ во Франција, што е навистина исклучок за неевропски режисер.

Рускиот режисер Кирил Серебреников

Почнувајќи од третото издание на Европската театарска награда, се доделува и Европската награда Нови театарски реалности која се обидува да го сврти вниманието кон најкреативните и иновативни продукции од разни делови од Европа, дела кои можат да бидат разновидни по својот стил и израз, без жанровски ограничувања. Фокусот се врти кон театарските творештва во подем, кои можат да доаѓаат дури и од вон Европа, и кои од уметнички, но и од географски, општествени и политички причини, заслужуваат внимание, визибилитет и поддршка. Овогодишни добитници на четиринаесеттата Европска награда Нови театарски реалности се Јернеј Лоренци (Jernej Lorenci), Кирил Серебреников (Kiril Serebrennikov), Алесандро Шиарони (Alessandro Sciaroni), театарската компанија „Тheater NO99“ од Талин, Сузан Кенеди (Susanne Kennedy) и Јаеле Ронен (Yael Ronen). Специјалната награда, во оваа категорија, му беше доделена на Димитрис Папајону (Dimitris Papaioannou).

Словенечкиот режисер Јернеј Лоренци, завршува театарска режија на Драмската академија во Љубљана и набрзо станува еден од најбараните театарски режисери во Европа. Уште од почетоците на својата кариера, Лоренци си го поставува прашањето за целта на театарот и доаѓа до заклучок дека театарот не може и не треба да биде авто-референцијален. Поради тоа, тој се стреми кон тоа во секоја своја престава да создаде вистинки контакт меѓу сцената и публиката, за да воспостави посебен проток на взаемни односи и емоции, на начин гледачот во нив да има главна улога. Лоренци е добитник на многубројни театарски награди во Словенија и во странство, меѓу кои главната награда на фестивалот „БИТЕФ“ за Шекспировата „Бура“, како и главната награда на фестивалот „МЕСС“ во Сараево за претставата „Кралот Иби“ од Алфред Жари. Оваа претстава требаше да биде прикажана и во Рим, но, за жал, претставата беше откажана поради ненадејната смрт на главниот протагонист, големиот словенечки актер Јернеј Шугман.

Рускиот драмски писател и режисер, Кирил Серебреников, уметнички директор на Центарот „Гогољ“ во Москва, од „оправдани причини“ беше спречен да присуствува на доделувањето на Европската награда нови театарски реалности. Од мај 2017 г. против него во Русија се води судска постапка за наводна проневера на јавни пари во износ од 68 милиони рубљи (околу 1 милион евра) од субвенциите кои биле доделени на неговата театарска компанија „Студио 7“ за работата на театарскиот проект „Платформа“. На режисерот кој е жесток критичар на руското анектирање на Крим, му се закануваат до 10 години затвор. Неговиот филм од 2016 г, „Ученикот“, претставува остра критика на верскиот екстремизам во рамките на Руската православна црква. Во мигов, тој се наоѓа во домашен притвор и не може да излезе од земјата. Меѓутоа, многумина, како и тој самиот, тврдат дека станува збор за чисто политички процес и барањата за неговото ослободување се сè погласни. Жирито во своето образложение наведува дека тој е пронаоѓач на инвентивни сценски решенија, архитект на нови сценски простори. Серебреников, објаснува понатаму жирито, е автентичен уметник кој умее да ја разбере реалноста и да ги прикаже критички нејзините клучни аспекти, изразувајќи ги нелагодите на нашата епоха.


Алесандро Шиарони, италијански визуелен уметник и изведувач, ја започнува својата уметничка кариера како актер и соло изведувач, за полека да премине на колективни сценски творби во кои танцот зазема централно место. Неговите сценски поставки, кои се доближуваат до кореографии, со силен емоционален импакт, се насочени кон телото на танцувачите-перформери, кои се исто така и акробати, жонглери, и се движат на празен сценски простор, без сценографија. Со своите театарски истражувања Шиарони ги надминува традиционалните жанровски поделби. Во Рим, меѓу другото, беше изведена неговата претстава „UNTITLED_I WILL BE THERE WHEN YOU DIE“, кореографски перформанс за времето кое минува, вдахновен од вештината на манипулирање со предмети: жонглирањето. Идејата водилка, притоа, е да се прочисти оваа циркуска уметност од стереотипите со кои често се поврзува во колективното имагинарно, за таа да може да се истражува како јазик. Вежбање, правила, дисциплина и посветеност, тоа се составните елементи на ова колективно дело кое бара од изведувачите да останат во сегашноста, без да можат да се вратат во минатото.

Сцена од „The Virgin Suicides“ на Сузан Кенеди

Естонскиот „Theatre НО99“ е неодминлива референца за естонскиот културен и театарски живот. Во просториите на овој театар, театарските претстави се менуваат со џез концертите и музичките спектакли. Но, пред сѐ, тоа е театарски експериментален центар кој ги истражува екстремните граници на сценската уметност. Тој покажува дека тетарот може да се прероди само доколку радикално се преиспита себеси, за да се отпочне одново со незгасната жар, жар која заслужува да ѝ се посвети внимание особено во некои можеби премногу млаки земји од театарска гледна точка.

Сузан Кенеди е еклектична германска уметница и режисерка, која дипломирала на Уметничката академија во Амстердам. Од 2009 г. таа работи во Германија, иако е чест гостин на бројни меѓународни сцени и фестивали. Постмодерните сценски поставки на оваа „сурова“ и иронично-цинична режисерка, користејќи поп елементи, играјќи си со претераното и гротескното, наликуваат на уметнички инсталации. Користејќи ги современите технологии во своите претстави, Кенеди ги истражува границите меѓу театарот и другите уметнички форми. Честопати кај неа, маските го бришат лицето на актерот, создавајќи притоа вознемирувачко присуство. На оваа нелагодна безличност се надоврзуваат нејзините сценографии кои честопати се „затворени“, клаустрофобични, сценски простори. Тоа е особено видливо во нејзината последна постановка, „The Virgin Suicides“, премиерно прикажана во Kammerspiele во Минхен во 2017 г.

Јаел Ронен e родена во 1976 г. во Ерусалим. Денес таа се смета за една од најфасцинантните драмски писателки и режисерки од својата генерација. Црниот хумор што таа го користи во својот пристап кон историските конфликти е нејзиното најдобро оружје. Театарот на Ронен особено се фокусира на интеркултурните и политичките конфликти, деконструирајќи ги со помош својот субверзивен хумор. Притоа, нејзиниот космополитски пристап е полн со комични дијалози и смешки, кои ги опуштаат и доближуваат луѓето, но и ги освестуваат за скандалозните политички прашања. Привидната леснотија овозможува дедраматизиран и ефиксен пристап кон битните прашања на нашето време. Меѓу 2005 и 2012 г. таа работи пред сѐ во Израел. Нејзината претстава „Plonter“ (2005) во која игра мешана актерска екипа, составена од палестински и израелски актери, се здоби со меѓународен успех. Нејзината престава „Third Generation“ во која играат германски, израелски и палестински актери беше поканета на многубројни меѓународни фестивали. Од 2013 г. Ронен работи како интерен директор на театарот „Максим Горки“ во Берлин. Нејзиниот меѓународно познат проект „Comomon Ground“ се инспирира од заедничките размислувања на Ронен и актерите за последиците на војната во поранешна Југославија. Оваа пиеса учествувала на многубројни фестивали и освоила бројни награди. Претставата „The Situation“, премиерно изведена во 2015 г., е резултат на заедничката работа на Ронен со шестмина актери и се занимава со ситуацијата на Блискиот Исток. Таа беше избрана од страна на театарските критичари во рамките на годишното испитување организирано од страна на театарското списание „Theter heute“ за најдобра пиеса на 2016 г. За својот проект „Lost and found“ во 2016 г., Ронен ја доби австриската награда „Nesrtoy“ во категоријата Најдобра пиеса - Награда за авторот.

Претставата „Roma Armee“ на Јоел Ронан

Конечно, добитникот на специјалната награда во оваа категорија, Димитрис Папајону, е грчки перформер, режисер, кореограф и визуелен уметник. Меѓународното реноме на Папајону значително се зголеми по неговото назначување за режисер на церемонијата на отворање и затворање на Олимписките игри во Атина во 2004 г. Поставките на Папајону се движат од масовни спектакли со стотици изведувачи до интимистички и едноставни пиеси, тие биле играни во алтернативни андергроунд простори, античкиот театар „Епидаурус“, или во „Théâtre de la Ville“ во Париз. Во 2018 г., Папајону ќе биде првиот уметник кој ќе режира ново комплетно дело за компанијата „Tanztheater Wuppertal“ на Пина Бауш. Како што тоа го образложува жирито, специјалната награда на Папајону му се доделува заради неговите придонеси за современиот театар, визуелните уметности, танцот и други облици на уметнички перформанс. Неговиот театар е „тотален“ и тој ѝ нуди на сцената совршен капацитет на значење каде телата, предметите, костимите и целата сценска машинерија се претвораат во променливи визуелни знаци, визуелните знаци во настани, настаните во нарации и емоции.

Што се однесува до Европската награда Нови театарски реалности, особено впечатлива и интересна се чини претпоследната вечер на манифестацијата кога беа прикажани, една по друга, претставите „The Virgin Suicides“ од Сузан Кенеди и Roma Armee од Јаел Ронан, овозможувајќи им на гледачите да видат во една вечер две радикално различни, но подеднакво иновативни и креативни театарски креации. Во својата адаптација за театарот на книгата на Џефри Јуџенидес за самоубиството на четирите малолетни сестри во едно ултра конзервативно и пуританско американско семејство, „The Virgin Suicides“, Сузан Кенеди го радикализира својот сценски јазик. Користејќи ги придобивките на новите технологии и визуелните уметности како фон, таа создава симболични и визуелно богати слики, полни со студена и жестока хипнотичност. Притоа, младите девици се играни од маскирани актери – за кои, сосема неочекувано и само на крајот на претставата, публиката, на свое големо изненадување, открива дека се работи за повозрасни машки лица. Тие, освен тоа, се облечени и обезличени во комбинезони налик на Телетабиси, со роботизирани гласови. Поставката на Кенеди така нуди една механизирана и смрзнувачка визија на приказната на американските тинејџерки, потсетувајќи на атмосферата на филмовите на Микаел Ханеке.

Веднаш по хај-тек естетизираната и вознемирувачки отуѓувачката изведба на „The Virgin suicides“ во режија на Сузан Кенеди, во Рим беше прикажана претставата „Roma Armее“ на Јаел Ронен, работена според идејата на две актерки и сестри со ромско потекло од поранешна Југославија, Сандра и Симонида Селимовиќ, која блесна со старото добро топлокрвно човечко шаренило. Оваа претстава која се занимава со ситуацијата на Ромите во Европа, освен тоа, е и вистински празник за очите и ушите со чудесните изведби на ромските евергрини. Во време кога се чини дека Европа сѐ повеќе ризикува да скршне кон екстремната десница, а со оглед на претходните лоши историски искуства, во претставата една група актери - сите Роми и чергари со потекло од Австрија, Србија, Германија, Косово, Романија, Англија и Шведска - се качува на сцена за да бара создавање ромска армија за самоодбрана, спремна да пружи отпор во име на различноста и другоста во Европа. Како што пишува во програмата на претставата, тоа е специјална единица за брзи интервенции за борба против структуралната дискриминација, расизмот и анти-циганизмот, но исто така и за самоеманципирање од автостигматизацијата и идентификувањето со улогата на жртва. Она што жизнерадосната и преполната со хумор и ромска музика претстава, наликувајќи истовремено на некој чудесен спектакл на Фреди Меркјури и на групата „Квин“, ни го покажа е дека борбата против дискриминацијата и самоеманципирањето се состојат и од прифаќањето на родовите разлики и отворањето кон различните сексуални ориентации. Произлезена од заедничката потрага на актерите со режисерката Ронен, црпејќи од нивните лични искуства, носена од автентичната мотивација и искрена енергија и на актерите, претставата ја споделува со гледачите својата утописка имагинарна визија за основање на Романистан, сон - налик на оној на Мартин Лутер Кинг – зa една отворена, гостопримлива и разнолика Еuropa Gypsiland.

На крајот, иако, со мали исклучоци, овогодишното издание на 16-тата Европска театарска награда не понуди којзнае колку иновативна и креативна театарска програма, оваа манифестација сепак останувa ретка прилика за средба и размена на идеи и информации меѓу театарџиите од целиот свет, како и драгоцена можност за воспоставување мрежа меѓу професионалците. Конечно, најважната заслуга на оваа манифестација, колку и да е таа симболична, е што таа е прослава на клучната улога на културата и на театарот во една Европа која како сѐ повеќе да ги заборава сопствените вредности и идеали.

ОкоБоли главаВицФото