1021 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 02:59
Вчера во Атина се случи голема трагедија. Најголемата музичка легенда, композитор, левичар и борец против фашизмот, Микис Теодоракис, се обрати пред 150.000 „етнопатриоти“ и националисти кои протестираа против името на Македонија.
Теодоракис ја нарече сегашната власт – предавничка, користејќи ја реториката на еден од најистакнатите членови на неонацистичката партија „Златна Зора“, Илијас Касидиарис. Многу луѓе кои до вчера го идеализираа и искрено веруваа во намерите на Теодоракис, се многу разочарани и се чувствуваат предадени од оваа легендарна личност која беше позната како борец против фашизмот.
Протестот беше добро организиран од сите опозициски партии во Грција. Иако очекувањата на „Нова Демократија“ и на „Златна зора“ беа дека на протестот ќе присуствуваат околу еден милион граѓани, според официјалната изјава на грчкото МВР, на протестот имало околу 140.000 граѓани од цела Грција. Проценката е дека атињаните полека им вртат грб на ваквите протести.
Бизнисмените кои флертуваат со опозицијата го финансираа превозот на луѓето од другите градови.
За време на протестот, криминални групи од „Златна Зора“ се обидуваа со стапови, бомби и петарди да ги нападнат учесниците на контрапротестот организиран од демократските сили, левичарите и анархистите кои протестираа стотина метри оддалечени од протестот на плоштадот „Синтагма“. Полицијата ги спречи во намерата употребувајќи солзавец.
По завршувањето на протестот, министерот за надворешни работи Никос Коѕијас изјави дека по ова фијаско од протест е мирен и дека слободно може да продолжи со преговорите со нашите соседи.
специјално за ЦИВИЛ Медиа
фото: SOOC