Есхатолошките претчувства на Господинот Когито

07.02.2018 14:07

1.
Толкави чуда
во животот на Господинот Когито
каприци на среќата
екстази и падови
поради тоа големи се шансите
ќе има горчлива вечност

без патувања
пријатели
книги

но затоа
ќе има многу време
како белодробен болен
како цар во изгнанство

сигурно ќе мора да го мете
големиот плоштад во чистилиштето
или да седи пред огледало
во напуштена берберница

без перо
мастило
пергамент

без спомените од детство
општата историја
атласот на птиците

слично со другите
ќе учествува
на курсевите за искоренување
на земските навики

регрутационата комисија
работи мошне прецизно

ги чисти остатоците од сетилата
на кандидатите за рај

Господинот Когито ќе се брани
ќе пружа жесток отпор

2.
најлесно ќе го отстапи своето сетило за мирис
оти го користеше умерено
никогаш никого не прогонуваше

исто така без жалење ќе го отстапи
сетилото за вкус за храна

и сетилото за вкус за глад

на масата на регрутационата комисија
ќе ги положи деловите од ушите
во овоземскиот живот
беше љубител на тишината

само
на строгите ангели ќе им објаснува
дека сетилата за вид и допир
нема да го напуштат

дека во телото сеуште ги чувствува
сите земски тегоби
болните точки
нежностите
пламенот
ударите на морето

дека сеуште ги гледа
борот на планинската падина
седумте свеќници на зората
каменот со модри жилички

ќе им се препушти на сите мачења
благото одвраќање
но до крај ќе ги брани
сјајното чувство на болка

и неколкуте избледени слики
на дното на спрженото око

3.
кој знае
можеби ќе успее
да ги убеди ангелите
дека е неспособен
за небеска
служба

и ќе му дозволат да се врати
по патеката зарасната во плевел
на брегот на белото море
во пештерата на почетокот

Превод: П. В.

 

ОкоБоли главаВицФото