Кураторскиот тим на МСУ во работна посета на солунските музеи

12.02.2018 19:43
Кураторскиот тим на МСУ во работна посета на солунските музеи

Тимот од Музејот на современа уметност Скопје беше во работна посета во неколку водечки институции од областа на современата уметност во Солун. Првиот човек на МСУ, в.д. директорката, Мира Гаќина и дел од кураторски тим, меѓу кои и искусниот Зоран Петровски, имаа повеќе значајни разговори за можната соработка.

Првичната средба се оствари со официјалниот домаќин, Државниот музеј на современа уметност во Солун. Директорот на Музејот, Марија Цацаноглу (Maria Tsantsanoglou) во детали ја претстави актуелната состојба во музејот и нивните идни планови и изрази голем интерес за соработка со МСУ Скопје. И двата музеи се фокусирани кон современото уметничко визуелно творештво и имаат автентични и оригинални колекции кои покриваат важни периоди од светската уметност на 20 век.

„Долгите и исцрпни разговори со директорката Цацаноглу, доведоа до заеднички заклучок дека и нашиот и нивниот музеј имаат капацитет и интерес да остварат конкретна соработка уште во текот на оваа година и тоа во две конкретни области: Поттик и размена на современата уметничка сцена во Скопје и Солун и гостувачки изложби инспирирани од колекцијата на двата музеи. За изработка на оперативен план за реализација на ваква програма беше договорено следниот работен состанок да биде одржан наскоро во Скопје“, вели в.д. директорката Гаќина.

Директорката Цацаноглу пак, истакнала дека музеите можат да соработуваат и на планот на заеднички настап при конкурирање на соодветните фондови во ЕУ и други меѓународни структури.

Државниот музеј во себе обединува два ентитета специјализирани во областа на истражувањето (Центар за современи уметности) и фотографијата како медиум (Музејот на фотографија). Во Центарот за современи уметности тимот на МСУ беше запознаена со плановите на оваа истражувачка единица и беше утврдено дека постои простор за директна соработка на Центарот со МСУ Скопје во научно истражувачката област.

Договорена е конкретната соработка да биде предмет на престојниот работен состанок во Скопје. Во Музејот на фотографија, директорот Херкулес Папајоану (Hercules Papaioannou) настапи со конкретни предлози за размена, истражување и заедничко излагање. Конкретните предлози вклучуваат учество на млади уметници на Солунскиот фестивал, размена на информации за рецентната продукција во областа на уметничката фотографија и изложбено преставување на одбрани дела и размена на каталози и публикации.

Втората институција со која МСУ оствари работна средба е Македонскиот музеј на современа уметност во Солун. Директорката на Музејот Тули Мисироглу (Thouli Misirloglou) го запозна стручниот тим со особеностите на колекцијата на овој музеј, кој има сродна ориентација со МСУ Скопје. Мисироглу истакна дека основањето на солунскиот музеј е инспирирано од музејот во Скопје, како резултат на земјотресот во Солун во 1976 година, и солидарниот пристап и дека овој дел од заедничкото минато е исто така добра подлога за развивање на вистинска и плодна соработка.

Тимот на МСУ Скопје бил примен и од заменикот градоначалничката на Солун, Ели Крисиду, одговорна за културата и уметноста во градот. Притоа била најавена секаква помош за идејата за соработка на уметничката сцена од двете средини. На состанокот во градското собрание учествувал и независниот менаџер во областа на културата и водач на невладината структура Artbox, Кристос Савидис, соопштуваат од МСУ.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото