Не сум од јавен интерес - независна или незавидна култура?

03.11.2023 13:05
Не сум од јавен интерес - независна или незавидна култура?

Додека полека ги одбројуваме деновите до крајниот рок за аплицирање на проекти од национален интерес (не јавен) во продолжение еден кус осврт за последните случувања на независната сцена во Србија. Деновиве на социјалните мрежи, на профилот на Асоцијацијата на независната културна сцена кај нашиот северен сосед, се објави видео со истакната порака: „Не сум од јавен интерес“. Видеото е дел од протестирачките акции на Асоцијацијата која постојано застапува за низа нерешени прашања кои се однесуваат на чинителите на независната сцена и проблемите со кои се соочуваат во своето работење и егзистенција.

Повод за објавата на ова видео се закажаните јавни разговори иницирани од Асоцијацијата заедно со Здружението на ликовните уметници во Србија (УЛУС) на 6 и 10 ноември, како и најавениот протест на УЛУС за конечно продолжување на договорот за користење на уметничкиот павиљон „Цвијета Зузориќ“ – кој патем фигурира и како нивно седиште. Павиљонот повеќе од седум години е со нерешен статус за неговото користење и згора на тоа е во распад, иако овој објект е под заштита на државата. Звучи познато?! Поминати се пет години откако е направен планот за реконструкција, и три откако се обезбедени средствата за изведба. Но, Министерството за култура на Србија - како одговорна институција за овој објект, и понатаму не презема ништо.

Здружението на независната културна сцена на Србија ги анализира резултатите од конкурсите за финансирање и кофинансирање на проекти од областа на современата културна продукција на национално, покраинско и локално ниво, каде што јавните средства се доделуваат на граѓанскиот, јавниот и приватниот сектор за програми и проекти. Асоцијацијата ги спроведува овие анализи уште од 2015 година. Како што тие пишуваат, овогодинешните резултати на конкурсот во Србија покажуваат најголема низа неправилности, самоволие, незнаење и неспособност во процесот на распределба на средствата, кои зафатиле голем број организации и уметнички програми. На следниот линк може да се проследат резултатите и анализата за финансирањето во 2023 година.

Културњаците протестираат со следните изјави:

„Кога јавните институции одбиваат да поддржат проекти за работа со млади луѓе, изработка на претстави или изложби, комисиите секогаш во образложението наведуваат дека одбиениот проект не е во согласност со јавниот интерес. Конечно се препознавме. Можеби се препознавате?

Ја работам работата на институциите / Не сум од јавен интерес

Немам културен центар во мојата општина / Не сум од јавен интерес

Мојата професија не се наоѓа во фондот ПИО / Не сум од јавен интерес

Работам на проект со деца и млади /не сум од јавен интерес

Се отпиша долгот на попот, но не и мојот / Не сум од јавен интерес

Немам пензија / Не сум од јавен интерес

Не знам кога ќе дојде следната плата и од каде / не сум од јавен интерес

Не знам дали ќе можам да ја спроведам програмата до средината на годината / Не сум од јавен интерес

Нема место за моите деца во градинка / не сме во јавен интерес

Немам каде да одржувам проби / Не сум од јавен интерес

Немам здравствено осигурување / Не сум од јавен интерес

За време на корона не добив помош / Не сум од јавен интерес

Породилното ми е 8.000 месечно / Не сум од јавен интерес

Јас сум уметница / не е од јавен интерес

Нема да робувам на странска компанија / Не сум од јавен интерес

Одам на протести / Не сум од јавен интерес

Немам договор / Не сум од јавен интерес

Возам велосипед / не од јавен интерес

Одам со јавен превоз / Не сум од јавен интерес

Јас сум во пензија / Не сум од јавен интерес

Средствата во буџетот се ограничени / Не сум од јавен интерес

Локалната самоуправа не ми плаќа даноци и придонеси / Не сум од јавен интерес

Мојата пракса мора постојано да биде во хиперпродукција / Не сум од јавен интерес

Немам пари да ги платам соработниците и колегите / Не сум од јавен интерес

Моето образование не е важно / Не сум од јавен интерес

Јас сум поштар / Не сум од јавен интерес

Ги поддржуваме поштарските работници во нивниот штрајк и се бориме за нивните права и не ни беше тешко самите да ги доставиме овие мали знаци на внимание до властите. “ – порачуваат независните, во знак на солидаризација со овие прекарни работници.

Пред точно една седмица, во Србија е донесен годишниот буџет, по што независната сцена порачува: „Доколку има трошка слух за целата културна сцена и сите нејзини актери, Министерството за култура има прилика навремено да ги распише конкурсите, пред почетокот на 2024 година", што би било совршена прилика да покажат дека им значат барањата кои постојано ги доставуваат независните културњаци до нив.

Случајот со Северна Македонија

Голем број од горенаведените изјави на колегите од Србија се релевантни и за нашиот контекст на независната културна сцена, и верувам дека независните културни работници и уметниците би се препознале во овие протестни пораки. По сѐ изгледа дека ние како чинители во целиот регион сѐ уште водиме битка со ветерници во постојаниот обид да докажеме дека егзистираме од непрестано пишување на проекти и апликации кои имаат неизвесни резултати, од каде е произлезена и кованицата „проектаријат“ – како состојба во која дејствуваме. Мнозинството од независните работници во културата и уметниците немаат решен статус, не се здравствено осигурани – или пак се снаоѓаат со тоа што се вработуваат фиктивно во фирми на пријатели и роднини, а среќните од нив имаат по пар години стаж. Во 2019 година на загрепскиот протест на независната културна сцена пред хрватското министерство за култура, демонстрантите носеа транспаренти на кои можеше да се прочитаат пароли, како: „Аплаузот не плаќа режиски трошоци“, „20 години работа 0 години стаж“, „Дали и за пензија ќе треба да пишувам проектна апликација?“. Клучните барања на овој протест беа поврзани со признавањето од страна на властите за важноста на секторот култура секаде, до секого и секогаш, потенцирајќи дека е еднакво важен како здравствениот и образовниот сектор.

Носителите на одлуки, како и пошироката јавност подразбира дека независната сцена сама по себе не треба да очекува поддршка од државните буџети, перципирајќи ја во исклучиво финансиската димензија на терминот „независна“, не успевајќи притоа да сфатат дека независноста се однесува на управувачката политика во креирање на сопствени програмски цели и поттикнувајќи критички содржини. Меѓутоа, културата не е бизнис и не остварува профит. Едноставно, економијата на независната сцена ја нема таа капиталистичка логика – која што можеби е применлива пак за новововедената дејност на креативни индустрии во овогодинешниот повик. Но, независната сцена не е креативна индустрија која има за цел да гради конкуренција на пазарот. Нејзините цели се поинакви, и треба да ги бараме во нејзиниот образовен, социјален и хуманистички карактер.

Како чинители на независната сцена културните работници и уметниците во земјава продуцирале суштински програми кои се засноваат на критички пристап и покренуваат важни општествени прашања уште од 90те години до денес, а сепак се соочуваат со недостоинствени работни услови и затвореност од страна на институциите и установите од културата, каде најчесто мора да платат наемнина за одржување на програмите и да ги покријат дневниците на веќе вработениот технички персонал внатре.

Во 2021 година, се објави очајна бројка со која се прикажува дека само 4% од приходите на граѓанските организации во 2021 година биле од државата, односно од централниот буџет. Во апсолутни бројки, државното финансирање се намалило за околу половина милион евра – како што велат во објавата од Меѓународниот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Дополнително, иницирањето на Совет за соработка со граѓанскиот сектор при Владата на Република Северна Македонија формирано со Одлука во 2016 година се чини дека не функционира повеќе – како што дознаваме од извори на претставници на граѓанскиот сектор во советот, тоа е резултат на бојкоторирање од нивна страна заради неостварување на барања доставени до Владата. На овој линк може да ги прочитате записниците од седниците на советот, каде гледаме дека последната седница била пред повеќе од една година. Без разлика на тоа, дури и во годините по формирањето на овој Совет, сѐ до минатата година, во владината зграда на месечните состаноци на Советот ниту еднаш не се појавил назначениот претставник од Министерството за култура – бидејќи таков никогаш не ни постоел т.е. министерството за култура го нема назначено во сите овие седум години.

Она што ни преостанува како независни културни работници е да го проследиме овогодинешното носење на државниот буџет, и неговата распределба во полза на културата – која и понатаму е перципирана како последен сектор релевантен за развој на земјата.

Јана Коцевска, Членка на УО на Јадро Асоцијација на независната културна сцена

ОкоБоли главаВицФото