1021 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 02:59
Во 1992 година излезе албумот на Јура Стублиќ и Филм, Храна за голубове. На позицијата А2 се најде нумерата со наслов: Е, мој друже београдски. Тоа беше последната југословенска поп песна.
За мене периодот на растење во осумдесеттите во Црна Гора и Југославија првенствено значеше потрага по идентитет. Не знам како стојат нештата денес со младината фатена во мрежата на националните стереотипи, но во пост-титовска Југославија, каде барем во првата половина на осумдесеттите наивно се мислеше дека проблемите на етничката идентификација се решени барем провизорно, прашањето за личната определба според вашата непосредна средина и, поапстрактно, светот, примарно беше лоцирано во културалната перспектива. Едноставно, на дилемата кој сум, најдобар одговор можеше да се најде во дефинирањето на личниот вкус. Секако дека не бев свесен за сите реперкусии, но насетив дека за мене многу повеќе зборуваат моите рани фасцинации, отколку заморните факти од официјалните документи. What thou lov’st well is thy true heritage: на стихот на Паунд од Canto LXXXI ќе наидам дури подоцна, кога почнав да верувам дека моќта на литературата може да биде најпрецизниот механизам за егзистенцијална дескрипција.
Но, пред книгите да прераснат во главен ориентир во мојот светоглед и да ја одредат мојата писателска професија, постоеше нешто друго. Иако го сакав спортот, страста никогаш не премина во недвосмислено навивачко поистоветување, така што за кратко ми стана јасно дека за идентитетот многу е поважна индивидуалната отколку колективната компонента. Исто така, уште од најраните денови мојата фасцинираност со хорор филмовите, насилната иконографија на стравот и задоволството, беше премногу ексклузивна за во времето кога не се знаеше за култот и жанровскиот фандом, да ми понуди подлабока легитимација. Со други зборови, мојот хорор фанатизам беше еден вид внатрешна опседнатост за која можев да комуницирам само со неколку пријатели и која, како таква, не ни можеше да биде предмет на жестоки спорења и неизбежни дубиози, што е неопхдно кога се борите за вашето место во некоја поголема заедница, односно во друштво со кое мора да полемизирате за да станете доволно препознатливи.
Во осумдесеттите, главната идентитетска шифра ја најдов во - поп музиката. Меѓу другото, и во домашната поп музика. Квалитетот на рок музиката, особено во најкреативниот период 1979-1984, понуди можност големите дихотомии или компарации кои ги спознававме од странската музика, сега со неопходна впечатливост да се стават во домашната визура. Одеднаш стана возбудливо, интересно, па и опасно да изберете страна на сè поразновидната југословенска рок сцена, која во тој период беше доволно разгранета за да ги задоволи и сосема диспаратните вкусови. Изборот на музиката која ја сакате, како онаа која, со целото битие, не ја поднесувате, одеднаш беше од круцијална важност. Кажи ми што слушаш, па ќе ти одговорам кој си: музиката како означувач на припаѓањето, но и дистанцата, се два неопходни елементи кај идентитетското постулирање. И уште нешто: прифатениот или селектиран идентитет мора да се елаборира, мора да се поддржи херменевтички во дискусиите со оние кои стојат на спротивната страна на естетското поле.
Во мојот случај, идентификацијата поврзана со музиката со себе повлече и силно чувство дека сум припадник на малцинството, дека сум надвор од главната струја. Што истовремено е и анксиозна позиција пар екселанс и впечатлив показател за исклучителност: на крајот на краиштата, темелна одлика на секој „вистински“ идентитет е суштинската амбиваленција.
Секако, сето ова се дополнителни рационализации и интерпретации. Во моментот кога влегувам во тинејџерската доба - доба кога Југославија ја брои последната деценија од своето постоење - моите преференци не се последица на никакви дискурзивни ставови, туку на сосема едноставно, инстинктивно однесување: нешто ќе ви се допадне на прво слушање (што е подеднакво моќно и лажливо како заљубувањето на прв поглед), останатото не баш. Тогаш сфаќате дека вкусот на мнозинството не се совпаѓа со вашиот. Она што ви е очигледно и саморазбирливо, не им е на другите. Сфаќате дека постои граница, дека светот е структуриран на поинаков начин дури откако ќе купите и на својот грамофон ќе пуштите - „погрешна“ плоча. Сфаќате дека естетиката воопшто не е нешто наивно.
На мојот избор не влијаеја сугестиите на возрасните, ни убедувањата на врсниците. И покрај тоа, можев да имам илузија дека вкусот го изградив спонтано и, иако тогаш не ни знаев што значи тој збор, автентично. Таканаречената народна музика од почетокот ми беше висцерално иритантна, а не ме убеди ни рок мејнстримот, во распон од Бело Дугме до дометот на Рибља Чорба. Звукот кој ме привлече им припаѓаше на групи кои не толку често можеа да се слушнат на радио или телевизија. Некои албуми од тие бендови можев да ги купам во мојата локална стоковна куќа, други успеав да ги позајмам од познаници, додека трети некако секогаш остануваа надвор од мојот дофат, за желбата и за недостапна музика да ја продлабочи колекционерската свест. Идентитетот се профилира и преку она што го стекнуваме и преку она што ни недостасува, што ни се извлекува, што однпаред сме го изгубиле.
После почетното трагање, нештата се искристализираа. Од лево кон десно на географската мапа, тоа ја создаде следната низа: Панкрти - Видеосекс - Лачни Франц - Параф - Прљаво казалиште - Азра - Филм - Хаустор - Луна (нивната прва и единствена плоча, Нестварне ствари, најдобриот албум на југословенската музика, ја немам ни денес!) - Шарло Акробата - Електрични оргазам - Идоли. Оската Љубљана - Загреб - Нови Сад - Белград најквалитетно функционираше во областа на поп музиката во првата половина на осумдесеттите со што се создаде најпрогресивниот и најзападниот дел од југословенската (популарна) култура, во тој поглед поконзистентен и од литературата и од филмот од таа доба. Префинетите а цврсти мелодии, интересните хармонии, често впечатливите бас линии кои на сè додаваа и неодолива танцувачка атмосфера, збогатени со интелигентните и иронични текстови кои анализираа егзистенцијалистички и политички теми, креираа фасцинантна музичка слика која ни до денес не изгуби ништо од свежината и иновативноста. Како совршена надоградба на целата таа поставка беше откривањето на Лајбах, со што еден делумно изграден вкус се збогати со чувството на епифанија. (Како што со објавувањето на епохалниот албум Опус Деи, Лајбах моќно потврдија дека во голема мера ги надминаа границите на југословенската музика.)
Од денешна гледна точка, опусите на овие групи изгледаат уште поимпресивно, како привилегиран саундтрак на еден момент кога Југославија јасно сведочеше дека може да понуди сопствена Цајтгајст верзија, дека има внатрешен потенцијал да одговори на барањата на новото време, и тоа - за сè да биде уште подалекусежно - токму тогаш кога впрочем почнаа да се појавуваат внатрешните знаци на горчливиот крај и деструкцијата што следеше.
Од средината на осумдесеттите кога со озлогласената песна Липе цвату, Бреговиќ успеа на голема врата да ја врати уште погрдата верзија на неговиот претходен пастирски рок и така ефикасно да ги блокира повеќето канали за културна еманципација, позитивните тенденции ненадејно се маргинализираа. Нештата тргнаа кон полошо и во музиката и во општеството. Добрите албуми станаа повеќе исклучок отколку правило, поединечните опуси на споменатите бендови сè уште ја задржуваа потребната занимливост, но креативноста беше позауздана. На личен план акцентот дефинитивно беше поместен кога во мојот живот влегоа Joy Division и The Smiths.
Но, никогаш до ниво за да не продолжам со внимание да слушам што имаа да кажат омилените бендови и, веќе со одредена носталгија, да не формирам став дека, барем и на кратко, југословенскиот панк и револуцијата на новиот бран поседуваа неодолив катарзичен ефект кој најави дека Југославија би можела да биде еден од подобрите светови. Ако треба да се чита за пропаста на нешто, тогаш тоа треба да се прави од најдобрите фрагменти на постоечкиот текст, а не од најочигледните факти. И така, со предолгата екскурзија, доаѓаме до Е, мој друже београдски.
И до Јура Стублиќ, кому му припадна улогата да го понуди поентирачкото good-bye to all that. И во своите најсјајни моменти, бендот Филм не беше харизматичен како Идоли, експериментален како Шарло Акробата, софистициран како Хаустор. Како текстописец, Стублиќ не беше ни политички интригантен како Џони Штулиќ, ни разновиден како Зоран Предин, ниту езотеричен како Слободан Тишма. Она што беше главен квалитет на Филм - повидливо во фазата на новиот бран - е нивната потполна посветеност на мелодичната поп структура која не трпи никогаш, без разлика колку и да е важна „пораката“ која се испраќа. Ако повремено искрснуваше меланхолија, тоа само ја правеше поблагородна танцувачката база на опусот на Филм.
Стублиќ не беше ни коментатор, ни пророк, ни гласноговорник на генерацијата која на југословенскиот рок му понуди релевантност без преседан. Имаше и поостроумни, и попродуховени, и поангажирани поети. Па повторно, кога земјата почна да се распаѓа, кога еден систем на вредности почна да се губи пред растечкиот национализам дури и во рок музиката која е принципиелно универзално настроена, токму на Стублиќ ќе му појде од рака во триминутна песна да ги сублимира размерите на неповратниот раскин. Ако како мене верувате дека во малите мелодрамски претстави може посилно да се втисне трагичниот Ерос, отколку во епските наративи, тогаш не е неочекувано да се заклучи дека размерите на надоаѓачката катастрофа можеби и најдобро се согледуваат во некоја „обична“ А2 песна. Со други зборови, за она што се случуваше во веќе непостоечката земја во која израснав, сакав да слушнам од прва рака, од онаа сфера која мене ми значеше најмногу додека се обидував да ја изградам сопствената личност.
Вооружените конфликти во Југославија веќе беа започнати, веќе никој не се сомневаше дека расплетот ќе биде крвав. Евиденцијата која не можеше да се игнорира, но ѝ требаше еден вид симболичка преработка, ургентен уметнички опис, сведоштво кое ќе биде искажано во рамки на вокабуларот кој само неколку години претходно беше одговорен за одлучниот модернистички пресврт, сега мораше да резонира и во сосема различна атмосфера на ретардација и трибализација.
Најиндикативно е тоа што неопходната транскрипција Стублиќ во Е, мој друже београдски ја направи со помош на песната На морском плавом жалу, која заради специфичниот контекст во кој се појави, на публиката повеќе ѝ звучеше како некаков традиционал отколку како авторска музика. Значи, Стублиќ обработи - во сите значења на зборот - нешто што му припаѓаше на популарниот имагинариум: мелодија која како да доаѓаше од (нашата) колективната потсвест. Кога станува збор за текстот, Стублиќ се одлучи за крајно директен, а тоа значи и наивен пристап во реторичка рамка, кој е последен симптом за неминовноста на раскинот и, за жал, насилството. Крајно едноставниот текст зборуваше за разделбата и загубата на начин кој потсетуваше на минималистичкиот „есенцијализам“ во старите народни песни.
Како инсценација на збогување но и простување, како тематизација на распадот на една заедница, песната Е, мој друже београдски ја задржа југословенската форма и содржина: последно, носталгично обраќање на јазик кој - барем уште за кратко - сите би требало да го разберат. Да се слушне првпат Е, мој друже београдски беше исто како да се прочита трогателна порака/тестамент. Резигнација и ламент, реквием искажан со популистичка лирика, извештај од самото срце на проблемот. И затоа, Е, мој друже београдски беше последната југословенска поп песна. Таа ја означи дефинитивната маркација, пост скриптум кој дојде од естетски заклучок: после неа, или попрецизно, дури после неа, сè можеше да се подели на екс-југословенско и пост-југословенско.
Циклусот текстови „Архипелаг Југославија - од 1991 до денес“ го објавуваме во соработка со Традуки.
Превод: Алек Кузмановски