Почина Предраг Пеѓа Вранешевиќ

07.02.2022 13:35
Почина Предраг Пеѓа Вранешевиќ


Новосадскиот музичар и концептуален уметник Предраг Пеѓа Вранешевиќ, еден од основачите на групата „Лабораторија звука“, и автор на филмска и театарска музика, почина на 6 февруари во Нови Сад на 76-годишна возраст. Вранешевиќ починал во својот дом, по долго и тешко боледување.

Роден во 1946 година, Предраг Вранешевиќ кариерата ја започнал во белградската рок група The Best Nothing во 1964 година, а потоа ја основал групата Мед (1969). Паралелно со музиката се занимавал и со концептуална уметност во групата KÔD (1970-71), работел во редакцијата на студентскиот весник „Индекс“ и како уредник на филмската програма на Младинскиот форум во Нови Сад.


Предраг Вранешевиќ дипломирал на Архитектонскиот факултет во Белград во 1972 година.

Како композитор на филмска музика се претставил во март 1971 година на 18-от Југословенски фестивал на документарен и краток филм во Белград, кајшто бил награден за музиката во филмот „Здрави луѓе за разонода“ на Карпо Аќимовиќ Година, кој освоил награда и во Оберхаузен.

Истата година заедно со филмскиот режисер Желимир Жилник ја напишал рок операта „Фабрики на работниците / Црна металургија“ (1971). По години своевидна лабораторија, компонирање и пишување музика и песни за стотина театарски претстави, оваа рок-опера ја адаптирал во новото дело „Нема земја“, воведувајќи наратор и хор по моделот на античката драма. Слет-операта „Нова земја“ е осмислена како мултимедијално уметничко видување за „она што не престана да ни се случува сиве години“, односно настаните од '90-тите и петтооктомвриските промени во Србија, а беше изведена во 2011 година во Белград и во Нови Сад.

Голем дел од кариерата на Предраг Вранешевиќ е врзана за театарот, компонирајќи музика за бројни театарски претстави. Најмногу од нив се проекти создадени за репертоарот на Српскиот народен театар (СНП) во Нови Сад и за Југословенскиот драмски театар во Белград.

За првата изведена сценска музика во „Гастарбаер опера“ (СНП, 1977) ја добил главната награда на Фестивалот на професионални театри на Војводина.

Пеѓа Вранешевиќ компонирал и музика за претстави реализирани на сцените на многу други театри или театарски фестивали на територијата на поранешна Југославија, народни театри во Белград, Сомбор, Ужице, Ниш, Шабац, Зрењанин, како и за „Ателје 212“, Белградскиот драмски театар, театарот „Јоаким Вујиќ“ во Крагуевац, театарот „Звездара“, Младинскиот театар во Нови Сад, театарот „Бошко Буха“, малиот театар „Душко Радовиќ“...

Сам или со својот брат Младен (1947-2006) соработувал со бројни значајни домашни режисерски имиња - од Димитрије Ѓурковиќ, Дејан Мијаќ, Стив Жигон и Вида Огњеновиќ, преку Душан Јовановиќ, Бора Драшковиќ, Желимир Жилник, Богдан Рушкиц, Мирa Ерцег, па до Душан Петровиќ, Радмила Војводиќ, Бранислав Миќуновиќ, Петар Зец, Желимир Орешковиќ, Петар Говедаровиќ, Златко Свибен, Паоло Маџели или странски автори како Карен Џонсон, Едуард Милер и Ласло Бабарчи.

Компонирале музика за филмовите „Сплавот на медузата“, „Вештачки рај“, „Уште овојпат“, „Крајот на војната“, „Октоберфест“, „Оригинален фалсификат“, „Полн месец над Белград“...


Автори се и на музика и шпици за прочуените тв-емисии „Полетарац“, „Приказни од Неприказнија“ и „Погоди кој сум јас“.

Со својот брат Младен и со музичарите со кои работеле на театарска и филмска музика, во 1977 година ја основал вокално-инструменталната група „Лабораторија звука“, која дебитираше на фестивалот во Опатија во 1978 година со песната „Dok vam je još vreme“.

Првиот албум „Telo“ го издадоа во 1980 година, а особена популарност стекнаа со песната „Ska-ka-vac joj zaš’o u rukavac“ во ска ритам, со еротски текст и со натуршчикот Вилмош Каубојот како маскота на групата.

Следниот албум „Duboko u tebi“ во 1982 година им донесе проблеми со законот. Имено, во пресрет на концертот во Ново Место во 1982 година, непознат граѓанин на промотивниот постер кој ја најавувал турнејата, забележал наводна физичка сличност на Вилмош Каубојот со претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито. Лабораторија беше обвинета за навреда и кршење на Законот за заштита на името и ликот на Јосип Броз Тито и турата беше прекината, а Пеѓа Вранешевиќ беше осуден на 40 дена затвор. Затворската подоцна му беше заменета со парична казна поради недостиг на докази.


Лабораторија го издаде албумот „Nevinost“ во 1986 година, а десет години подоцна албумот „Nema nigdje te ljepote “.

Како што еднаш рече Вранешевиќ, нивниот најголем хит „Skakavac“ настанал така што зел стихови од „Црвен бан“, збирка народна еротска поезија собрана од Вук Стефановиќ Караџиќ („Idi seko u taj šaš namesti se ko što znaš; Oj, curice mila, hajde da od tebe pravim gajde“) и ѝ го дал насловот „Ska-ka-vac joj zaš’o u rukavac “. Се испечатиле стотина синглови со таа верзија на песната, а кога Синиша Шкарица од „Југотон“ ја чул, предложил да додадат и рефрен. „Така создадовме нешто што подоцна ќе стане нашата најслушана песна, и до денес најгледана на ЈуТјуб.“

„Овде цензорите молчеа – 'Црвен Бан' сепак беше дел од културното наследство со кое се занимаваше дури и Српската академија на науките и уметностите“, рече Вранешевиќ во интервју во 2016 година.

Вртењето на Вранешевиќ кон рокенролот потекнало од занимавањето со концептуална уметност, заснована на верувањето дека претставува бунт против галериската уметност и комерцијализацијата. Кога во 1984 година на Институтот за современа уметност (ИЦА) во Лондон го одржал перформансот „Riding the Horses of San Marco“, режисерот Мајкл Морис, по завршувањето, го прашал: „Па, што сега?“, триејќи ги прстите како да брои пари. Тогаш сфатил дека сепак во сето тоа се работи за пари.

„Односот на естаблишментот кон уметноста која е радикална и бара промени, до ден-денес остана ист“, рече меѓу другото Пеѓа Вранешевиќ на трибината за новосадската авангарда во Музејот на современа уметност во Војводина, кајшто учествуваше во 2015 година во рамки на ретроспективата на Божидар Мандиќ.

Вранешевиќ беше активен и за време на пандемијата, и покрај неговата лоша здравствена состојба, а на својот канал на ЈуТјуб објавуваше избор од својот обемен опус на рок, филм и театарска музика.

Извор: Seecult 

Слични содржини

Балкан / Култура / Музика
Балкан / Култура / Музика
Балкан / Култура / Музика
Балкан / Култура / Музика
Европа / Балкан / Култура / Музика
Живот / Уживање / Култура / Музика

ОкоБоли главаВицФото