Маргерит Дирас во костим од болка

22.02.2018 02:22
Маргерит Дирас во костим од болка

Филмот на Емануел Финкел „Болка“, на англиското говорно подрачје преведен како „A Memoir of Pain“, адаптација на истоимениот роман на Маргерит Дирас, предизвика толку воодушевување во Франција, што десетици медиуми пофално известуваат за овој филм. Тој се прикажува во стотина кино сали низ земјата, а критиките се едногласни, што е редок случај. Исто така, ретко се случува еден европски филм да стане конкуренција на богатата американска продукција, но овојпат победи француско-белгиската копродукција. Тоа може да се толкува како копнеж на француската публика по својата голема писателка, која оставила интелектуално наследство кое секогаш ќе биде актуелно и на кое секогаш ќе му се навраќа.

Режисерот Емануел Финкел маестрално го адаптирал текстот на Дирас и направил важен филм за Франција и нејзината историја, фокусирајќи се на Движењето на отпорот и сеќавањето.

„Болка“ на Дирас е автобиографски роман во форма на дневник што го водела за време на војната и во кој го опишала апсењето и депортацијата на својот сопруг Роберт Алтем, член на Движењето на отпорот, кој бил одведен во логор. Во текстот, односот на фикцијата и автобиографското е урамнотежен. Тој дел од животот на славната писателка, кога таа го чека враќањето од логорот на својот тогашен сопруг, се поклопува со судбината на жените кои се осудени на долго и неизвесно чекање. Во филмот е прикажано времето пред ослободувањето и по него („војната не престануваше да завршува“), враќањето во реалноста, откривањето на големината на нацистичките злосторства, враќањето на преживеаните логораши од робија...

Додека Франција е сè уште под германска окупација (јуни, 1944 година), Маргерит (во филмот ја игра Мелани Тијери) очајна, очекува вести од својот сопруг. Таа е и љубовница на Маскол Дионизис (Бенжамен Биоле), пријателот на нејзиниот маж. Ја мачи прашањето како да дознае нешто за сопругот. За таа цел, режисерот користел една друга нејзина приказна во која сопругата, за да му помогне на мажот, се впушта во сомнителни средби со одвратниот агент на Гестапо, кого сјајно го игра Беноа Мажимел. Тој е вљубен во неа, ги сака нејзините книги, таа мисли дека го завела. Но, кога во еден момент агентот ѝ ја покажува фотографијата на Франсоа Митеран, таа се преправа дека не го познава. Тогаш сфаќа дека ја искористува за да ги издаде другите членови на отпорот, се оддалечува од него и му се враќа на исчекувањето.

Главен адут на филмот „Болка“ е актерката Мелани Тијери, која Финкел ја избра да ја игра големата дама на француската книжевност. Крупните планови на нејзиното лице се тука за да читаме со негово посредство, како од книга од која лесно се препознаваат монолозите напишани со сила и немилосрдност, кои се лајтмотивот на филмот. Тие се слушаат како тонска позадина. Критиката истакнува дека актерката не се обидува да ја имитира Дирас, за да се препознае писателката, туку да отелотвори жена која го чека својот маж. Како што оценува критиката, тоа го прави со голема драмска сила, специфичен кинематографски јазик, остварувајќи вистинско уметничко дело.

Иако болката и чекањето се основна нишка на филмот, покрај прилично дирасовската приказна за верноста и искреното страдање заради љубов, во филмот, како и во книгата и во животот, таа сака друг, Дионизис, со кој по војната ќе има и дете. Ја раскинува сомнеж, но и вина. Со страв го замислува враќањето на сопругот, пуши цигара по цигара, постојано на работ помеѓу животот и смртта, снимена во состојба на некој полусон, во кој понекогаш се гледа самата себе како чекори и нервозно чека. Тоа удвојување е особено важен и успешен дел на режисерскиот пристап, кој ги следи промените на нејзиното расположение со амбиетална светлина. Интересен детаљ се и одличните костими преку кои се следи длабочината на нејзините расположенија, но секогаш прилагодени на самите ситуации. Низ целиот филм таа е без шминка, но во моментот на ослободување има и црвена блуза и црвен кармин.

Особено добар и важен дел на филмот е последната средба на агентот и писателката во кафеаната, каде се гледа како стравот ја напушта едната и преоѓа на другата страна. Се чувствува поразот на нацистите, иако токму во тој момент ќе има уште убивања. Тогаш се појавуваат првите заробеници и бегствата на Германците. Само ослободувањето на Антелм се случува во страв да не биде убиен или да не умре од слабост, зашто го донесуваат многу измачен, а жената нема сила да го гледа таков.

Филмот на Финкел е фреска на едно бурно и несреќно време. Низ едно чекање се чувствува и се гледа чекањето на толку многу жени, од кои некои не ги дочекале своите сопрузи или деца. Една од најдобрите епизоди во филмот е врзана за една мајка, Шуламит Адар, која упорно ја чека својата ќерка, иако добила вест дека таа умрела во логорот. Финкел умееше да ја пренесе на екранот силата и искреноста карактеристични за делата на Маргерит Дирас, па може да се зборува за два нивоа на филмот: првото е силината на чувствата и второто е фантастичниот книжевен дух на Дирас. Ако некои сцени понекогаш се предолги или се повторуваат, ако тешките чувства што ги претставува и шири филмот можат длабоко да нè вознемират, тоа значи дека режисерот ја постигнал целта. Овозможувајќи му на светот да види, со посредство на погледот и зборот на големата писателка, тој од „Болка“ направил сјајна призма низ која се гледа светот во урнатини и покажа дека филмот и литературата може совршено да се согласуваат.

Во 1985 година, во интервју на француската телевизија, на прашањето како го гледа столетието што доаѓа, одговорила: „Мислам дека човекот сосема ќе се удави во информациите. Во постојани информации за своето тело, судбината на своето тело, своето здравје, животот на семејството, за својата плата и своето слободно време. Тоа не е далеку од ноќна мора.“

Таа предвидела дека екранот ќе биде на секое место, како и тоа дека никој нема да чита, затоа што сите ќе гледаат телевизија... Според неа, во годините по 2000-тата нема да има потреба да се патува, бидејќи целиот свет ќе може да се обиколи за осум или петнаесет денови. „Во патувањето постои времето на патот. Не се работи за тоа да се види брзо, туку да се гледа и живее во исто време“. Но не гледала сè црно: „Сепак ќе остане морето, океанот и потоа читањето. Луѓето повторно ќе го откријат сето тоа. Еден ден човек ќе чита и сè ќе се повтори од почетокот.“

Извор: Политика