Името е ограда на македонското трло

30.04.2018 12:03
Името е ограда на македонското трло

Никогаш не ми било јасно зошто некои паметни и благородни луѓе прифаќаат да ги подаруваат своите мисли, емоции и истории во програмите на разноразни рупетини, алфетини или каналетини, пред богатата гама груевистички будалетини.

Всушност, зошто прифаќаат да учествуваат во репродукцијата на Злото.

Зошто еден амблематски лик на македонската транзиција во демократија и истакнат борец против кретенскиот фашизам на Груевски, му допушта на неосвестениот пропагандист на македонската смрт во ликот на некој си Горанчо, да го прашува дали се кае што неговата борба завршила со инсталацијата на Заев?! Замислете!?

Како по обиколката на разорениот Лондон, некој од Би-би-си да го прашува Черчил: дали се кае што го победил Хитлер!? Добро, Владе не е Винстон, но сепак. Или да се интересира до кога со траумите од Груевски и ВМРО-ДПМНЕ власта ќе ги оправдува своите неуспеси!? Демек, нели поминаа десет месеци.

Ама какви десет месеци, бре, пустошот е таков што ќе ја навраќа Македонија на вмровското зло и по илјада години.

Или, какви чипови треба да има во главата мускетарот на катастрофата за да го покани Милчин на протестите на Злото против смртните непријатели од новата власт!? Да го покани на верско преобратување! Сето тоа армирано со убава етикеција: професоре, ве молам, некои велат дека сте идеолог на левицата, бла бла бла… како да го гледам Крсто кој ја отвора врата на Собранието и на хистеризираната маса и вели: „Почитувани, повелете, Села и Заев се по ходникот право, прва врата лево!“ Па где то има?!

Борба против слободата

Настрана од овие аспекти, имам разбирање за поголемиот дел од гневот на Милчин, од разочараноста негова, неговата позиција и неговите истапи повеќе ги разбирам како дефекти во критериумите и политиките на власта, а помалку како дефекти во неговиот светоглед. И на седумдесет години го држи страста со која настапува и, што е најважно, која не му го замаглува погледот, туку му помага да мисли. Понекогаш погрешно, но мисли. Јас со месеци не можам да сретнам човек кој го мисли општото добро. Сите знаат сè и не сакаат да се луксузираат со мислењето. Но, еден негов став заслужува посебно внимание, затоа што ја изразува целата македонска филозофија на борбата против слободата. Класична македонска замка исткаена од самоубиствена патетика, леплива и смртоносна: „Без меморија тешко дека идентитетот може да опстане. Меморијата е еден од темелите на идентитетот. Идентитетот, јазикот, името, не можат да бидат предмет на договор, тоа е нешто што е органски настанато, во рамките на тоа дека нациите настануваат во извесен период, тие не се паднати од небо“.

Го издвоив овој дел од интервјуто на Милчин за Алфа затоа што содржи факти, поврзаности и интерпретации кои се класични за фаталните грешки во македонската позиција. Фактот дека нациите се органски настанати, низ длабоки историски политички и културни процеси, ги прави отпорни на политичките договори, односно на договорите им ја одзема апокалиптичната димензија што им се дава кај нас. Политичките договори влегуваат и ја збогатуваат „меморијата без која тешко дека идентитетот може да опстане“, тие не се против меморијата, уште помалку ја негираат или уништуваат таа меморија. Дури и кога се максимално деликатни или, дури, опасни, на прв поглед. Впрочем, нашата, македонска национална меморија, е составена и од негациски договори и политики, како и од физичко распарчување на просторот, тоа е меморија на македонскиот историски и културен реалитет, а не фино спакувана и бесконфликтна прикаска за луѓето кои живееле среќно на овој библиски простор.

Политички договори како решенија

Преку или со политичките договори, какви што се оној со Бугарија или оној што се крчка со Грција, се решаваат важни тековни прашања, се обезбедуваат услови за нови просперитетни пласмани на заедницата и на државата и во таа смисла се обезбедуваат услови за чување и развој на меморијата на нацијата. Низ компромиси, низ борба, низ прилагодувања, низ развој, низ промени. Така како што треба да биде, затоа што поинаку не може.

И затоа мораме да го охрабруваме Заев и неговата екипа од една страна, а од друга, да го шириме видикот на темелно заглупавениот народ, да му објаснуваме дека неговите стравови од промена на името за него се опасни како што се и стравовите од вакцинацијата, а не да го храниме со нови протеини на паниката.

Јас би го отпечатил статусот на Руди Лазаревски на летки и би го пуштил од авион. Нашиот богобојажлив народ има посебен респект кон се што доаѓа од небото, впрочем, како и сите други примитивни, претполитички народи. Статусот „Патријоти“ и граматички е дотеран за да може обичниот човек полесно да ја прими божјата порака: „Имам впечаток дека доаѓа времето повторно на старо новите Патријоти. Тоа е групировка која како Славуји Ви Цвркутаат цели триесетина години како second opinionmakers-и и го одредуваат статус-кво иднината на државата. Оваа групировка е многу поопасна од оние другите јадни патријоти. Оваа групировка секој ден ви излегува од фрижидер, ве бањаат во нивните „колумби“ во стилот од једанајест па до поноќи. Тие се насекаде. Во печатените, електронските и шатровачките социјал-портал медиуми. Тоа е многу опасна компактна групировка составена од сите свери и „фели“ во едно општество. Оваа групировка многу успешно го бања обичниот граѓанин секојдневно, дека ние сме во право и ние имаме меџународни пријатели кои ќе ни ги решат работите. Во суштина оваа групировка е ноторен соучесник во македонската голгота од денот на независноста во одржувањето на статус кво состојбата. Во суштина, се работи за егоистично одржување на сопствениот статус кво опстојување. Државата е пред предизвикот на тежок компромис утре. Доколку Владата не погледне во иднината утре, никој не може да ѝ помогне“.

Запомнете го ова: Ве држат во трлото оградено со идентитетот, достоинството и името за да можат да ве молзат. Так нормаљна. Урнете ги тие огради, ослободете се, доста ве клукаа со концентрирана глупост, излезете на околните ливади, пробајте свежа трева, вие не сте обични овци, вие сте мерино овци!


Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат