Алберт Хета ќе ја претстави летната школа за современа уметност во Приштина

09.05.2018 00:41
Алберт Хета ќе ја претстави летната школа за современа уметност во Приштина

Алберт Хета ќе ја презентира летната школа во приштина која ги собира најеминентните предавачи од сферата на теоријата, уметноста и културата.

Проектниот простор Прес ту егзит информира дека Stacion - Центарот за современа уметност од Приштина го објави отворениот повик за учество на летната школа Summer School as a School (SSAS) за 2018 година.

За заинтересираните студенти и публика организирана е  презентација на проектот на 9-ти мај (среда) во Музејот на Современа уметност во Скопје, од 20 часот каде иницијаторот и организаторот на проектот Алберт Хета ќе го претстави проектот на летната школа, овогодинешната програма и можностите за учество и соработка.

Проектниот простор Прес ту егзит од Скопје како партнерска организација со Stacion - Центарот за современа уметност, а со поддршка на Министерството за култура на Р. Македонија овозможува финансирање на учество на школата за двајца македонски кандидати.

Summer School as a School (SSAS) е уметничка и образовна платформа иницирана и имплементирана од Stacion - Центарот за современа уметност во Приштина во соработка со Проектен простор Прес ту Егзит од Скопје, групата IRWIN, Cultural Center Rex / Fund b92, Белград, Art House, Скадар, Institute for Contemporary Art, Подгорица, Sonemus Association, Сараево, Independent Curators International – ICI, Њујорк.

Програмата на школата ќе се одржува во периодот од 16-ти јули до 2-ри август, 2018 година.

Крајниот рок за пријавување на истата е 20-ти мај, 2018.

Резултатите ќе бидат објавени најдоцна од 30-ти мај, 2018 година.

Програмата за 2018 година се состои од единаесет курсеви кои на учесниците и публиката ќе и овозможат единствено искуство преку модел на алтернативна уметност и образование.

Првично инспирирана од случајот на Косово, каде што системот за уметничко образование е воспоставен во средината на 70-тите години, Летната школа е конципирана со намера да се обединат и споделат критички знаења, да се соочиме со критичните предизвици на нашето време, како и да се применат нови знаења и можности во уметничко образование и соработка со уметниците.

Програмата на летната школа ги предвидува следните курсеви:

Курс 1: Средба со Универзумот на половина пат, со Џулиета Аранда (Julieta Aranda), 16-20 јули; Курс 2: Политички плакати? Што современата уметност и графичкиот дизајн имаат заедничко? со Миран Мохар (Miran Mohar), 16-20 јули;

Курс 3: Протест, сликовност и уметност: феминистичка политика и пракса во постсоцијалистичкото и повоеното Косово, со Нита Лучи (Nita Luci), Линда Гусија (Linda Gusia) и Вјола Красниќи, 16-25 јули; Курс 4: Насилство и визија: кон критичната теорија на гледање, од Сами Катиб (Sami Khatib), 19-27 јули; Курс 5: Искуство на непознатото и политиката во уметноста, од Бернард Ридигер (Bernhard Rüdiger), 23-31 јули; Курс 6: Ова е сликарска класа, од Феликс Гмелин (Felix Gmelin), 23 јули-1 август; Курс 7: Дискусија за уметничкото дело, со Милица Томиќ (Milica Tomić) и Бранимир Стојановиќ (Branimir Stojanović), 23-28 јули;

Курс 8: Просторно истражување: права, податоци, мапи, со Лаура Курган (Laura Kurgan) и Томас Кинан (Thomas Keenan), 29 јули-2 август 2; Курс 9: Глупави јазици: Незнаечки познавања, со Борис Буден (Boris Buden), 30 јули-2 август; Курс 10: Сериозни неможности (верзија на работилницата) од Ари Бенџамин Мејерс (Ari Benjamin Meyers) со Сандја Дамген (Sandhya Daemgen), 30 јули-2 август: Курс 11: Размислувајќи современо, со Зденка Бадовинац (Zdenka Badovinac), 30 јули-2 август 2018 година.

Повеќе информации за програмата на школата, предвидените курсеви и предавачите, може да се најде на следниов линк