Мирис на чај

14.05.2018 17:15

Мојот пријател е егзистенцијалист. Собира кинески порцелан
и јапонски чајници. Кај него се пие најдобриот чај.
Прецизен до ситница. Можеби не личи на вистинска церемонија,
но испоседнати околу масата, во нашето пиење
има нешто речиси естетско. Ми се допаѓа глетката кога молчиме
и го вдишуваме мирисот на чај. Сите сме егзистенцијалисти.
Првин се смееме и дури потоа велиме: Добра шега.
И ние двајцата го читаме Шаламун. Еднаш цел распуст повторувавме:
Јона, риба ли си? Риба сум. Потоа сите отидовме на Хвар.
Имам и еден друг пријател кој е будист. Застанати на работ
меѓу филозофијата и теологијата извикавме: Уф, ама е остро!
Тука може да се пресечеш. Можеби ќе ги чита тибетските
тајни мантри и потем ќе можеме заедно да се смееме на Шуштарски мост.
Еднаш се смеевме за празнината, колку е чудесно ладна
во нашите домови. Рече: се изнаголтав мудрости.
Сега се служам само со лажичка. Нас сè може да нè заведе.
Од Неапол Бранко ми прати света крава.
Требаше веќе да се врати, ама тој е скитник.
Двајца мои пријатели се музичари. Едниот ми пишува од север,
иако има западно име. Лао Ци е легенда.
Другиот е басист, можеби некогаш ќе се сретне со Пикок.
Трагите на Tales of another се бели. Џарет разговара со ангелите.
Или духовите, како што милувате.
Кога разговараме за музиката,
никогаш не знаеме од каде доаѓа и каде исчезнува.
Сигурно не во нотите. За тоа сите размислуваме исто,
го знам тоа од искуство.
Еден мој пријател работи во пералница.
Се возиме со велосипеди. Понекогаш
не изустуваме ни збор. Можеби не знае дека сум чесен.
Дека се разголувам кога ми е тешко.
Од страв да не падне, му ја подарив
„Техника на искачување“. Книга од 1950 година.

Како би било да појдеме еднаш сите заедно на чај во Медводе,
да помуабетиме за она што ни е пишано.
Оти нешто тенко нè поврзува. Гром вели дека добра песна
е како гума за џвакање што се тегне и се шири на сите страни,
а не се кине. Изгледа и со нас е така.
Се луламе на ластикот и внимаваме да не претераме.
Кога е тешко чекаме да залади. Или дуваме
и нашиот ветар ги бранува рабовите на порцеланот.
Нешто тенко нè поврзува. Важно е да пукне,
а да не се скине.

Превод: Лидија Димковска

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото