Ние го менуваме името, името (не) нè менува нас!

05.06.2018 10:52
Ние го менуваме името, името (не) нè менува нас!

Светската здравствена организација ќе почне да ја третира појавата на вмровизам кај Македонците како сериозно медицинско нарушување, а не само како политички феномен. И лекарите без граници биле заинтригирани од најновите истражувања кои велат дека една петтина од испитаниците и денеска би гласале за ВМРО-ДПМНЕ. Во двете организации сметаат дека тоа поведение не е нормално, односно дека Македонците се однесуваат како Јапонци од Фукушима кои би гласале за цунамито или како Американци кои би гласале за Ал каеда по нападите врз Светскиот трговски центар и зградата на Пентагонот во септември 2001. Најавениот митинг пред владата, велат во Светската асоцијација на психолозите и психијатрите, е акт кој може да се спореди само со хипотетичниот повик на последните остатоци на Националсоцијалистичката работничка партија на Германија ( НСДАП), на митинг за спас на земјата, некаде во втората половина на 1945 или во раната пролет на 1946 година, врз камените остатоци од Дрезден.

Дваесет проценти! Ах, бре, Македонче, не си ти ни за северен да бидеш.


Солидарност со злото

Јас верувам дека сите дваесет проценти будали во оваа земја нема да се соберат на втори јуни пред белиот споменик на најголемото мирновременско злосторство во повоена Европа. Но, може да се случи да излезат и дел од оние што до вчера ги сметавме за паметни и со кои се боревме против диктатурата што ќе протестира. Тие ќе бидат пред страшно искушение да ја дадат својата поддршка на злото како единствен чувар на македонските национални интереси, откако се разочараа во политиката на СДСМ по сите прашања, а особено по прашањето за името.

Таа идентификација на таканаречените македонски национални интереси и злото, тоа равенство на овие две категории и дотурањето на малку памет во автозлосторничката борба на Македонците против слободата, ќе биде, се разбира, многу тажно, како и секогаш, но и радосно, зашто на некој неверојатен начин злото никако да ја дотепа Македонија. Женската паѓа, квичи, плаче, крвари, но од некаде наоѓа сили, се крева, целата се клати како Силвестер Сталоне пред да му дојде силата за завршниот удар, и продолжува понатаму.

Се разбира, секој има право да се глупира. Но, во овој случај тоа нема да биде обично глупирање. Тоа ќе биде солидарност со злото, со најголемиот криминал, присуството на тој собир не може да се третира како политички чин, туку како зло, независно од тоа дали злото се прави зашто правачот е глуп или е корумпиран или е очаен или не знае што друго да прави со себе или зашто мисли дека во Северна Македонија власта и меѓународниот заговор ќе му го сменат личниот опис, што би значело дека и со ваква мотивација луѓето би можеле да ги ставиме во графата луди или глупи.

Јас не се расправам тука со причините кои луѓето ги наведуваат кога образложуваат зошто се незадоволни од политиките на Заев и на неговата влада. Молам. И јас не сум задоволен од низа мерки што беа преземени или кои не се преземени. немам мака да ги разберам и оние кои стравуваат од промената на името, макар што мислам дека тие стравови се нереални, дека луѓето се уфилмувани во атмосфера во која нивното субјективно чувство на опасност и нереализиранист се драстично поголеми од реалната опасност< но со Злосторничкото здружување на ВМРО-ДПМНЕ никој нормален не смее да има каков било допир, освен правосуден, презирен, одбивен, негаторски, смачкувачки, како кон стафилокока во усмрдено месо. Или во гомно.

Што треба да очекуваме од човекот кој беше генерален секретар на Злото во неговиот зенит и со човекот кој можеби и може да ја спаси државата ако се покажат точни неговите тврдења дека Македонија е еден прекрасен град!

А можеби и моите стравови се претерани. Можеби Македонците ќе ме демантираат и со бојкотот на тој собир ќе покажат дека не мислат и по единаесет години национална, државна, општа, приватна, финансиска и културна катастрофа, да го повикуваат злото да им се врати и да им се качи. Би било многу важно да му порачаме на светот дека не сме толку многу болни.


Шок за Македонците

Зошто е важно да го смениме името!? Затоа што само тој шок може да го одбие Македонецот од цицката на татковината! Хахаха, каква волшебна комбинација.

Цицката и татковината. Ене го, има веќе седумдесет и кусур години, а цица како смок. Грција нè носи на првото сексуално искуство во европскиот бордел.

Излегуваме од претполитичкиот, фолклорен, би рекол, фазон, и влегуваме на теренот на модерната политика, таква каква што таа е, а не таква каква што ние мислиме дека треба да биде. Излегуваме од митот и одиме на олимпијадата на политичките концепти. Се сведуваме на нашата вистинска мерка. Ставаме крај на парадата во три броја поголеми капути во кои мислевме дека сме многу убави и паметни. И невини, во секој случај. Тоа е!

Македонците ќе се шокираат кога ќе забележат дека смената на името на државата не сменила ништо на лошо во нивниот статус, како што им тврдеа тие што ги хистеризираа, туку обратно, ги оставила да си бидат Македонци и како бонус им придодала елементи на безбедност, на сигурност, на припадност кон еден развиен свет, на отвореност и основи за забрзан развој, за инвестиции… Скокот преку таа психолошка граница ќе го ослободи Македонецот од фрустрациите и комплексите, од теориите на заговор со кои живее и си ги објаснува и дефинира своите релации со курвата вавилонска. Ќе открие дека во нов контекст, попозитивен, повеќе правен и покултурен, ќе влезат и неговите односи со соседите. Дека по толку време и бесмислени отпори неговото прашање е решено на најдобар можен начин. Дека и на Грција и на Европа и на САД ќе треба да им оддаде признание, а не да ги напаѓа. Дека ќе треба да најде начин да се дистанцира од квазиелитата која триесет години го заебава, го пљачка и го држи зад маргините на Европа, затворен во себе.

Ќе забележи, исто така, дека решението на прашањето за името ќе ја зацрврсти позицијата на Заев, не само на политичко ниво, туку дека ќе го форматира во многу важна историска фигура која ќе ги фрли во сенка сите надуени фигури од химната. Дека врз тие основи ќе мора да му дадат уште еден мандат, а тоа ќе значи малку подолг период на мир, стабилност, правност, реформи, инвестиции, стандард, европскост. Таквиот развој на настаните ќе го поттурне Злосторничкото здружување на Мицко звани Преспа уште малку кон крајот на македонската маса, со јасни изгледи да заврши во кантата за ѓубре. Како младиот кедар што го гледам како во дворот ги раскрилува своите гранки, таква ќе ми изгледа Македонија не во некоја далечна иднина туку сега, на почетокот на летово.

Ќе ја повторам тука идејата што ја дадов кога го симнувавме шаткастото чудовиште од власт: новата димензија што ќе ја добиеме по смената на уставното име мора да се прослави со некој величествен перформанс, е сега, дали ќе дојдат Грин деј, Франц Фердинанд или Ејсидиси, Инва Мула и Рита Ора, Златко Ориѓански и Бени Шакири, не знам, но дека треба да се поканат и добро да се платат, тоа секако.

Па шта кошта, нека кошта!

Слики: Александар Дојранлиев
Извор: Слободен печат