Засега нема да се гради автопат Струга -Tребеништа

28.06.2018 00:35
Засега нема да се гради автопат Струга -Tребеништа

Ветување: Изградба на нов автопат Требеништа - Струга, во должина од 7 км.

Буџет: 45 милион евра, ЕБОР

[Изборна програма на ДУИ за парламентарните избори 2016, датум: ноември 2016 ]

OБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во изборната програма на Демократската унија за интеграција, во делот, „Транспорт” е дадено ветување за изградба на автопат Струга- Требеништa, кое го оценуваме како неисполнето.

Во јануари оваа година (2018) Министерството за транспорт и врски одлучи да ја запре реализацијата на проектите за изградба на експресниот пат Охрид – Пештани и за автопатот Струга – Требеништа, по сериозните критики искажани во официјалниот извештај на УНЕСКО.

Изградбата на патот Струга-Требеништа, беше еден од неколкуте клучни инфраструктурни проекти, промовирани од ДУИ во нивната политичка платформа за последните парламентарни избори. Според информациите објавени во медиумите, овој автопат со должина од 8.5 км требаше да биде изграден до 2020 година, а за неговата изградба беа предвидени 45 милиони евра, финансирани од Европската банката за обнова и развој (ЕБОР).

Инаку, изградбата на овој автопат беше дел и од програмата на минатата Влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Да потсетиме дека на 17.05.2017 година тогашниот министер за финансии, Кирил Миноски информираше за изградбата на три важни автопати, меѓу кои и автопатот Струга – Требеништа.

По смената на власта, поточно некоклку месеци по изборот на новата Влада предводена од СДСМ, средствата предвидени за овој автопат се пренамениети за други сообраќајници. На седницата на Владата одржана на 31.10.2017 година е презентирана информација за барањето до Европската банка за обнова и развој за пренаменa на средствата за изградба на автопатот Струга-Требеништа од 8,5 километри. Според документот, овие средства треба да се наменат за изградба и реконструкција на неколку патишта низ државата.

На 17.01.2018 година медиумите информираа дека Министерството за транспорт и врски донесе одлука да ја запре реализацијата на проектите за изградба на експресен пат Охрид-Пештани и за автопатот Струга-Требеништа. Според образложението од Министерството:

Проектите се сопрени и нема да продолжат додека не се испита влијанието на овие патишта врз животната средина. Ваквата одлука на Министерството ја донесе со образложение по сериозните критики искажани од УНЕСКО во официјалниот извештај во кој беше побарано да се стопира изградбата на овие патишта.

Имајќи ги во предвид сите овие информации, ветувањето на ДУИ за изградба на автопат Требеништа – Струга, го сметаме за неисполнето.

ИЗВОРИ:
БДИ.мк: Платформа на ДУИ за парламентарните избори 2016 [проверено на 27.06.2018]
Струга лајм (31.10.2017) Милионите на автопатот кон Струга завршуваат во источна Македонија [проверено на 27.06.2018
Спектра (15.05.2017) Автопатот Требешина Струга ќе кошта 45 милиони евра [проверено на 27.06.2018
Струга лајм (27.04.2017) Автопатот Струга Требеништа ќе биде готов во 2020 а ќе кошта 45 милиони евра [проверено на 27.06.2018
Слободен печат (17.01.2018): Стопиран експресниот пат Охрид Пештани и автопатот Струга Требеништа [проверено на 27.06.2018]
Тајм.мк (17.01.2018): Стопирани експресниот пат Охрид-Пештани и автопатот Струга-Требеништа [проверено на 27.06.2018]

 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер