Војна со економски средства

13.08.2018 00:40
Војна со економски средства

Прв, но како што често се случува погрешен впечаток е дека Доналд Трамп ја превртува американската политика на глава. Наместо радикална глобализација, тој сега воведува протекционизам, наместо слободна трговија и сосема отворени граници за стока, капиал и деловно ширење, пропишува царини и увозни квоти. Згора на тоа, Америка до вчера сакаше со трансатлантски договор толку да ја ограничи моќта на одредени држави што тие дури би морале да ја надоместат загубата на корпорациите заради евентуалното мешање во условите за работа. На пример, заради измени на некој пропис. Денес, истата таа Америка на чело со Трамп го предводи светското движење за административно прекројување на условите за работа и заштита на сопствениот пазар. Голем дел од останатите земји, па и оние во нашиот регион, како само да го чекаа тој сигнал. Европската унија сега воведува квоти за челик од Босна и Херцеговина не земајќи го предвид Договорот за стабилизација и асоцијација. БиХ се заканува со противмерки! Косово воведува царини на овошјето, зеленчукот и млекото, што предизвикува паника во Македонија и БиХ. За големите, на прво место Кина и Русија, и да не зборуваме. Внимателната Ангела Меркел му порачува на Трамп дека Германија ќе води сопствена политика...

Сепак, зошто е погрешен впечатокот дека Америка радикално ја промени својата политика, што последично најави криза на глобализацијата во целиот свет? Затоа што американската политика не е ни глобализација ни протекционизам, туку аподиктична порака на Трамп: Америка на прво место! Америка пред сè! Односно, американските национални интереси. Или, уште поточно – американските империјални интереси. Сè друго е помалку важно. Па и ударот на целиот меѓународен економски поредок. Самиот Доналд Трамп и неговиот карактеристичен стил во случајов се помалку важни. И покрај тоа, може и добро да дојдат како вештачка магла која го прикрива континуитетот на старата политика.

Одамна пред Доналд Трамп светската економија заради истата причина ја наруши еден друг смртно сериозен американски претседател. Тоа беше Ричард Никсон, кој во 1971 ја укина златната подлога на доларот и со тоа го извлече темелот на кој беа поставени сите меѓународни економски односи воспоставени после Втората светска војна. Пред војната, во ерата на големата депресија од триесеттите, се водела војна со економски средства. Но, не војна со царини, каква што се најавува сега, туку војна со девизни курсови. Заштитата на домашниот пазар и царините тогаш се подразбирале. Сè до војната Америка имала една од најзаштитените економии во светот. Отворањето и отстранувањето на увозните пречки ги заговарале само најразвиените земји, на пример Велика Британија, но дури откако станала индустриска велесила. Пред тоа и таа жестоко ја штитела својата економија. Големиот германски економист (кој се преселил во САД), Фридрих Лист, одамна заклучил дека оној што се искачил на врвот на економската моќ веднаш се обидува да ги уништи скалите за да не го стигнат другите. За тоа биле свесни азиските економии, некогаш нарекувани економски тигри, на прво место Јапонија, која во времето на својот најбрз развој вовела такви стандарди што увозната конкуренција не успеала ни да ги разбере, а камо ли да ги исполни. Познат е и примерот на сегашната автомобилска велесила, Јужна Кореја, која почнала со една јапонска лиценца, па со една германска, но додека не развила сопствена индустрија, на нивните патишта не можел да се види ниеден јапонски или германски автомобил. Денес Трамп, во новите и променети услови само се врати на старата патека.

Пред него Никсон удри во самите темели на системот кој беше воспоставен за да се спречи повторување на злобната игра со курсовите, каква што се водеше во времето на големата депресија. Тоа било постојано натпреварување кој прв и кој повеќе ќе ги девалвира своите пари, за неговите извозници да станат поконкурентни од другите, а увозот во неговата земја понеисплатлив. На тој начин се спасувале сопствените работни места и се одземале туѓите. Дополнителна штета нанесувале финансиските шпекулации со курсните разлики. Кон крајот на војната победниците одлучиле да го спречат тоа во иднина, па во 1944, додека сè уште се гинело на сите боишта, ја одржале историската конференција во американското летувалиште Бретон Вудс. Според рецептот на познатиот економски економист Џон Мајнадр Кејнс, таму бил договорен меѓународниот систем за фиксни курсови кои ќе им одговараат на сите. Основан е Меѓународниот монетарен фонд како специјализирана банка за помош на земјите кои ќе западнат во неволји со ликвидноста и Светската банка за поддршка на помалку развиените земји во изградбата на инфраструктурните проекти (на пример, помогна во Сараево за средување на градските комуналии). Но на Кејнс, како и на Архимед, му требала цврста референтна точка на која ќе се потпира целиот механизам. Таа точка бил доларот, кој имал златна подлога. Значи, секој во секој момент можел да отиде во банка и да ги смени своите хартиени долари во злато. Довербата во системот била несомнена.

Тоа имало смисла сè додека империјалната политика, која тогаш се нарекувала заштита на слободниот свет, не ги срушила сите американски буџети. Немилосрдно се трошело на сите страни, на трката за вооружување, на војната во Виетнам, на воени бази, на издржување на режимите во одредени земји (често диктаторски) за да не ја променат страната заради интерес. Тоа биле огромни суми. Голем дел од брзиот развој на Јапонија е благодарение на американските нарачки за Виетнамската војна. Како Америка го финансирала сето тоа? Прво со вистински пари, а потоа се досетила дека за разлика од сите други кои мораат да заработат долари, таа може да ги испечати. Така ја намалувала вредноста на доларите кои ги имале другите земји и на нив префрлале дел од своите трошоци. Но, наскоро сите се досетиле и почнале своите долари да ги менуваат за злато. За да ги спаси американските златни резерви, претседателот Никсон морал да ја укине златната подлога на доларот, со што го срушил и системот од Бретон Вудс. На сцената повторно се вратиле шпекулациите со курсовите, ММФ се претворил во финансиски полицаец и наплатувач на долгови, а Светската банка во идеолошка комисија за наметнување нов, неолиберален поредок.

Какви последици имало тоа за развојот во светот? Само еден, но елоквентен пример. Во период од 20 години, од 1960 до 1980, бруто општествениот производ во Латинска Америка и Карибите бил зголемен за 75 проценти. Во следните 20 години се зголемил за само 6 проценти. Тоа не ѝ донесе среќа ни на Америка, иако нејзините банки и корпорации сè до кризата натрупаа големи профити. Но, истовремено ѝ се случи она за што, заминувајќи од должноста, предупредуваше претседателот Двајт Д. Ајзенхауер, кој во војната беше главен командант на војската на западните сојузници. Треба да се спречи военоиндустрискиот комплекс да стекне преголемо влијание во земјата, рече тој. После 28 години играње на улогата светски полицаец и огромното влијание не само на военоиндустрискиот комплекс туку и на војската, Америка повторно е презадолжена. Во меѓувреме светот се промени темелно, па сега глобализацијата ѝ одговара на Кина, а не на Америка. Звучеше гротескно кога кинескиот претседател го подучуваше американскиот дека оној што се затвора е осуден на назадување. Ни доларот не е тоа што беше некогаш, а како што се покажува, ни војската веќе не е доволна за одржување на империјалната положба. Една добра глава е покорисна од илјада силни раце, вели старата, сега особено актуелна народна пословица.

Извор: https://www.portalnovosti.com