Почина светски познатиот марксистички мислител Самир Амин

13.08.2018 11:28
Почина светски познатиот марксистички мислител Самир Амин

Светски познатиот египетски економист и мислител, Самир Амин, почина во неделата во Париз. Тој имаше 86 години.

Амин е роден во Египет во 1931 година од татко Еѓипќанец и мајка Французинка и ја поминал својата младост во Порт Саид. По студирањето во Египет, продолжил на политички науки во Париз во 1952 година, пред да се стекне со диплома по статистика, а потоа и докторат по економија.

На почетокот работел во Каиро на Институтот за економски менаџмент од 1957 до 1960 година, а потоа и наизменично во двете земји, додека во 1980 година не станал директор на Форумот на Третиот Свет во Дакар, Сенегал.

Тој е автор на многу книги, вклучувајќи ги: „Либералниот вирус“ (The Liberal Virus, 2003), Живот гледајќи напред“ (A life Looking Forward, 2006), „Акумулација од светски размери“ (Accumulation on a World Scale, 1970) и „Капитализмот во ерата на глобализацијата“ (Capitalism in the age of globalization, 1997).

Во интервју за „Ахрам онлајн“ (Ahram Online) во 2012 година, Самир Амин рече дека верува дека „оваа неолиберална фаза е во колапс. Тоа не значи дека капитализмот се урива, туку се урива неговата сегашна форма и дека влегуваме во нова фаза. Тој мора да се адаптира, но дали новиот систем ќе биде наклонет на владејачката класа или на масите, допрва ќе откриеме“.

Тој, исто така, рече дека „Не треба да гледаме на Муслиманското братство како политичка исламистичка сила, туку како назадно движење кое ги отфрла работничките движења и социјалната правда, претпочитајќи да зборува за добротворни цели како форма за да обезбеди контрола врз народот. Исламистите ги применуваат политиките на зависност под маската на отворен пазар и правата на приватна сопственост; отворено ја прифатија американската улога во регионот и поддршката на САД за Израел, вклучувајќи ги и договорите од Камп Дејвид (Camp David Accords)“

Извор: ahram.org.eg

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото