Македонските филмски работници бараат слобода за Олег Сенцов

16.08.2018 02:02
Македонските филмски работници бараат слобода за Олег Сенцов

Друштвото на филмски работници на Македонија во отворено писмо до Амбасада на Руската Федерација во Република Македонија бара од руските власти да го ослободат украинскиот филмски режисер Олег Сенцов.

Друштвото се приклучи на иницијативата за одбележување на денот на Сенцов.

Украинскиот филмски режисер Олег Сенцов, демонстрант во протестите Еуро Мајдан во Киев и противник на анексијата на Крим од Русија, повеќе од 90 дена штрајкува со глад во рускиот затвор Колонија бр. 8, кој иронично се нарекува затвор на белите мечки, бидејќи се наоѓа северно од поларниот круг.

„Нашиот колега Олег Сенцов издржува дваесетгодишна драконска затворска казна во најсурови услови поради јавно искажан став. По тримесечното гладување, Олег загуби 30 килограми, исцрпен е до крајни граници и му се заканува смрт“, пишува во писмото од Друштвото на филмски работници на Македонија, потпишано од претседателот Игор Иванов. 

Друштвото на филмски работници на Македонија, кое во многу наврати оствари тесна соработка со руски авторитети од областа на културата и филмот, во име на слободата
на изразувањето и во знак на солидарност со Олег Сенцов, преку Амбасадата на Руската федерација во Република Македонија, до руските власти и претседателот Владимир Путин, упатува апел за негово итно ослободување.

Европската филмска академија го прогласи 14 август за ден на Олег Сенцов.