Црвената линија на Големиот Гетсби (2)

17.08.2018 02:17
Црвената линија на Големиот Гетсби (2)

Поправен испит

За оние што го напуштиле средното училиште во некои земји се применуваат скапи програми за „втора шанса“ – како што се Job Corpus во Соединетите Држави или народните школи во Шведска. Во Германија оние што немаат пари за школарина можат да се пријават на вонредна професионална обука во траење до една година.

Некои земји, како што се Холандија, Австралија, Канада и Чиле, се обидуваат да го ублажат тој проблем обезбедувајќи средства за дополнителни трошоци на училиштата кои прифаќаат послаби ученици.

Се споменуваат програмите наменети за образование и здравствена заштита на децата кои ги опфаќаат и социјалните служби (Проспера во Мексико, Болса Фамилија во Бразил или Солидарио во Чиле); програмите наменети за мајки, кои повеќе од татковците се склони да издвојуваат средства за своите деца, како почетна проекција на програмата Прогреса (сега Проспера) во Мексико.

Во земјите од ОЕЦД со оваа програма се опфатени малку повеќе од една третина од децата помлади од три години, но тоа во голема мера се разликува од земја до земја – од околу 6 проценти во Чешка и Словачка до дури 65 проценти во Данска, каде предшколското образование со закон е пропишано како детско право. Заради подобрување на исходот од школувањето во неколку земји (во Норвешка и Франција), се зголемуваат вложувањата во предучилишните установи.

Некои земји со помош на социјалните политики се обидуваат да направат баланс помеѓу работните и семејните обврски на родителите, да го поддржат вклучувањето на родителите на пазарот на трудот и да ги ублажат штетните влијанија на финансиските потешкотии врз иднината на децата. На пример, Франција и нордиските земји им пружаат поддршка на родителите во раните години од животот на нивното дете, обидувајќи се да стимулираат висока вработеност на жените со висока стапка на фертилитет. Норвешка и Велика Британија ги проширија и воведоа бесплатни часови за деца.

Набројани се и повеќе примери како од земја до земја се обезбедува повеќегодишно издржување на децата после развод, што често е иницијатор за сиромаштија, пред сè кај жените. Не е занемарлив бројот родители кои се старатели а избегнуваат да плаќаат алиментација. Листата со одговори на државите е подолга: принудни наплати, одбитоци од плати, одземање имот, блокада на банкарски сметки.

Поддршка за децата во такви услови во некои земји обезбедува државата (Австрија, Естонија, Германија, Унгарија, Италија и Шведска); во некои земји тоа го прави локалната власт (Чешката Република, Данска и Финска); во некои тоа го прават специјални фондови (Летонија, Литванија, Луксембург, Полска и Португалија); или посебна административна агенција (Франција, Холандија и Велика Британија).

Растечкиот песимизам

Истражувачите од ОЕЦД утврдуваат растечки песимизам кога станува збор за шансите за подобрување на финансиската ситуација на поединците, кој се појави пред глобалната финансиска криза во 2008 година: на почетокот од 2000-те години очекувањата дека ќе дојде до финансиско подобрување спласнаа во поголем дел од европските земји од ОЕЦД за кои се достапни податоци, особено на југот и на северот од Европа.

За време на кризата од 2008 година песимизмот се прошири. Малку повеќе оптимизам е забележан само во 2015 година, но очекувањето за финансиско подобрување и натаму е значително под нивото од деведесеттите. Луѓето се попесимистични во земјите во кои приходите на родителите или нивното образование повеќе влијаеле на перспективите на синовите и ќерките.

Во извештајот на ОЕЦД се препорачува земјите заради закрепнување на „расипаниот социјален лифт“ да го подобрат широкиот опсег на разни политики – од социјални, семејни и образовни, до станбени, миграциски и урбанистички. Распространетото чувство дека луѓето немаат еднакви можности ја поткопува социјалната кохезија. Се зголемува насилството и веројатноста да избијат социјални и класни конфликти. Растечката нееднаквост на приходите на родителите и шоковите заради падовите на приходите значително влијаат на здравјето на децата, нивниот когнитивен развој и успехот во училиште, на нивното однесување, како и на нивниот социјален и емоционален развој.

Слабиот старт може да ги следи децата во текот на целиот живот. Социјално-економскиот статус во голема мера влијае на шансите за вработување, квалитетот на работата, здравствената состојба, образованието.

Петпати е поголема веројатноста дека младите кои се невработени или неактивни да имаат здравствени или ментални проблеми, отколку кај младите кои се вработени или се школуваат. Во земјите од ОЕЦД 25 годишен универзитетски образован човек може да очекува да живее во просек осум години подолго од својот ниско образован врсник. За жените разликата изнесува 4,6 години.

Недостатокот на социјална подвижност на дното од распределбата на приходот значи и дека многу потенцијални таленти ја пропуштиле шансата или останале недоволно развиени. Тоа значи дека многу инвестициски можности и потенцијални бизниси никогаш нема да ја видат светлината на денот, се констатира во извештајот на ОЕЦД за општествената подвижност.

Впрочем, на специфичен начин се пледира за реанимација на социјално одговорните држави во време кога продолжува неолибералната демонтажа на државата на благосостојбата.

Мигрантот пред лифтот

Што е со стравовите и перспективите на оние што чекаат пред расипаниот лифт на „ветената земја“? Тоа е комплексна приказна која лавира помеѓу интеграцијата и гетоизацијата, помеѓу мотивирањето и експлоатацијата, помеѓу заштитата и маргинализацијата, помеѓу врбувањето и прогонот.

Во Меѓународниот преглед на ОЕЦД за миграциите во 2018 година се констатира дека земјите од ОЕЦД во 2017 година примиле повеќе од 5 милиони нови постојани имигранти (40 проценти од нив се членови на семејства од претходно дојдени мигранти).

Покрај тоа, во земјите од ОЕЦД во 2016 година дошле 4,6 милиони привремени работници, 11 проценти повеќе отколку претходната година. Според извештајот на ОЕЦД такви работници најмногу има во Полска (672 000, главно од Украина) и САД (660 000, интересно, според податоците на ОЕЦД, од Индија како главна земја на потекло, иако во поновиот период латиноамериканската имиграција во САД ја надминува азиската).

Едно истражување на Евробарометар покажува дека повеќе од половината Европејци веруваат дека бројот илегални (млади луѓе, кои наоѓаат сезонски работи во земјоделството, градежништвото и услугите во домаќинствата) имигранти е еднаков, ако не и поголем од бројот легални мигранти.

Во ЕУ тој сомнеж достигна кулминација со таканаречената бегалска криза. Во земјите од ОЕЦД во 2017 година биле поднесени 1,23 милиони бегалски барања за азил. Од јануари 2014 до декември 2017 година европските земји примиле 4 милиони нови барања за азил, што е трипати повеќе отколку во претходниот четиригодишен период.

Во извештајот се пресметува дека до декември 2020 година приливот на азиланти би можел да ја зголеми понудата на пазарот на трудот во земјите од ОЕЦД дури за помалку од 0,25 проценти, во ЕУ за 0,4 проценти. Додуша, во земјите со најголем прилив на азиланти (Германија, Шведска, Австрија) тоа влијание веројатно ќе биде многу поголемо. Во Германија бројот невработени би можел да се искачи на 6 проценти. Во одредени сегменти на пазарот на трудот, особено меѓу младите луѓе со ниско образование, понудата на работна сила би можела да се зголеми и до 15 проценти во 2020 година. Инаку, во Европската унија стапката на вработување мигранти е за 5 процентни поени поголема од стапката на вработеност на домашното население.

Се предупредува дека затворањето на очите пред јавната нервоза заради економското и социјалното влијание на мигрантите, иако тоа влијание е статистички маргинално а во јавноста преувеличено, може да го оневозможи водењето конструктивна и прагматична миграциска политика.

Со оглед на тоа дека во повеќето земји домаќини мигрантите се ранлива група, во извештајот на ОЕЦД се нагласува дека се потребни прецизни целни мерки за да се пружи адекватна поддршка. Впрочем, таквите дополнителни наоди само ја најавуваат драмата за интеграција на имигрантите во социјално стратификуваните индустриски општества разнишани од растечките социјални разлики и блокираната социјална мобилност.

Еден интересен наод од истражувањето на ЕУ кое го поддржаа група автори од Стокхолмскиот универзитет за образованието и социјалната мобилност во Европа, покажува дека иако луѓето мигрираат за да ги зголемат своите и шансите на своите деца за подобар живот, токму тоа што се имигранти често има штетни ефекти на реализацијата на нивните можности во нова земја, ако не се активираат ресурсите да им се помогне да „влезат во социјалниот лифт“.

На пример, втората генерација мигранти од земји надвор од ЕУ (главно од Турција и поранешна Југославија) кои дошле во Австрија, кога е во прашање школувањето, покажала поголема „меѓугенерациска издржливост“ отколку домашните мажи и жени. Тој израз значи спротивно од она како што звучи – нема социјална мобилност, тие имаат исто ниво на образование како нивните татковци. Притоа, мажите имигранти од втората генерација подобро поминуваат од жените имигранти кои се двојно поранлива група – како жени и како имигрантки.

Во земјите од ОЕЦД во 2017 година имало околу 3,3 милиони меѓународни студенти кои се 9 проценти од студентската популација, на мастер студии се 14 проценти, а на докторски студии 24 проценти, што впрочем повеќе е податок за одлив на мозоци отколку за образовните мотиви или шансите на имигрантите за социјален подем.

Крај.

Кон првиот дел.

Слики: Matt Mahurin

Извор: Време