Милијардерите станаа уште побогати во пандемијата

15.12.2020 01:53
Милијардерите станаа уште побогати во пандемијата

Кога на 24 ноември го повикав Чак Колинс, беше залепен за една од најмрачните табели кои ја документираат економската и општествената ситуација во Америка.

Колинс ја проучува нееднаквоста во Институтот за студии по политика, прогресивен тинк-тенк, и од март бележи како се менуваше колективното богатство на американските милијардери за време на пандемијата со коронавирусот. Во претходните рецесии, наведува Колинс, на милијардерите им се случуваше истото што и нам; беа потребни три години па 400 од најбогатите од листата на Форбс да закрепнат од загубите за време на големата рецесија во 2008 година.

Но во рецесијата предизвикана од коронавирусот во 2020 година, повеќето милијардери не само што не останаа без маици, туку облекоа скапоцени капути и ракавици направени од суво злато - сакам да кажам, се збогатија повеќе од кога било претходно.

Дента кога разговарав со Колинс, додека вредноста на берзата беше на историскиот врв, тој ги следеше милијардерите кои ја преминаа депресивната граница: еден билион доларли. Тоа е количината на новото богатство кое го натрупаа американските милијардери од март, на почетокот на разорувачкиот локдаун кој го воведоа државните и локалните власти за да го спречат ширењето на пандемијата.

На 18 март, пишува во извештајот кој го составија Колинс и неговите колеги, 614 американски милијардери заедно имаа 2,95 билиони долари. Кога се затвори берзата на 24 ноември, имаше 650 милијардери, а нивното заедничко богатство беше речиси четири билиони долари. Во најлошата економска криза од триесеттите години на минатиот век, богатството на американските милијардери порасна за една третина.

Тешко е да се замисли поедноставна и поопсцена илустрација за тоа колку нефер е американскиот економски и политички систем.

„Економијата сега изгледа како кога некој ќе фрли паричка и ќе каже ’Ако е писмо, добиваш ти; ако е глава, губам јас’, за имотноста да се шири кон врвот“, ми рече Колинс.

Милијардерите ги натрупаа своите нови милијарди во момент кога милиони Американци западнаа во сериозни финансиски неволји. Повеќе од 20 милиони луѓе останаа без работа на самиот почеток од пандемијата. Речиси 13 милиони луѓе во САД се наоѓаат на граница да ги загубат приходите кои едвај ги држат над гладта и бездомништвото.

Народните кујни ширум земјата очекуваат поголем прилив за несреќниците. Ако се дозволи да истече федералниот мораториум на деложацијата, милиони Американци ќе мораат да ги платат заостанатите кирии - а тоа веројатно ќе доведе до бранови нови исфрлања од становите.

Зошто на милијардерите во Америка им оди толку добро во време кога страдаат толкав број Американци? Дел од приказната е во нееднаквоста во Америка. Акциите главно се во сопственост на богатите, а берзата многу побрзо закрепна од падот на почетокот на пандемијата отколку останатите делови од економијата.

Но некои милијардери имаат и корист од економските и технолошките трендови кои се забрзаа за време на пандемијата. Меѓу нив се сопствениците и инвеститорите во продажните гиганти како што се Амазон, Волмарт, Таргет, Долар Три и Долар Џенерал, кои годинава бележат огромни профити, додека нивните помали ривали исчезнуваат од сцената.

А тука се и компаниите кои се обложуваа на рапидна дигитализација на сѐ. Ерик Јуан, генералниот директор на компанијата Зум, стана милијардер во 2019 година. Сега вредноста на неговиот имот се проценува на 20 милијарди долари. Апурва Мехта, основач на компанијата за достава на намирници Инстакарт, лани не беше во друштвото на милијардерите; годинава, по зголемувањето на побарувачката и новата рунда инвестиции кои ја надуваа вредноста на неговата компанија, лесно влезе во тој клуб. Ден Гилберт, газда на компанијата Куикен Лоунс, тежеше помалку од седум милијарди во март; сега има портфолио со повеќе од 43 милијарди.

Но како и во останатиот дел од економијата, постои голема стратификација меѓу самите милијардери - оние богатите годинава станаа уште побогати од „посиромашните“.

Од некои бројки може да ви се заврти во главата. Џеф Безос, основачот на Амазон, вредеше 113 милијарди долари на почетокот од пандемијата. Сега има 182 милијарди долари - зголемување од околу 69 милијарди. Џим, Елис и Роб Волтон, тројцата најголеми акционери од Волстрит, заедно заработија 47 милијарди долари за време на пандемијата.

Првите две години, Безос беше единствениот „центимилијардер“ на планетата - неологизам за луѓето чиј имот надминува 100 милијарди долари. Сега се петмина - освен Безос, тука се Бил Гејтс, Марк Цукерберг, Илон Маск и Бернар Арно, француски тајкун со луксузни производи. Богатството на Арно на почетокот од пандемијата се намалуваше, но изминативе месеци побарувачката за некои луксузни добра се врати, па веќе не го боли глава.

И политичката сцена им беше наклонета на милијардерите годинава. Пред една година, на Берни Сандерс и Елизабет Ворен им се даваа добри шанси за номинација во Демократската партија за претседателската трка, а коментаторите како мене повикуваа на екстремни мерки, како укинување на милијардерите.

Но сега тие можат да дишат полесно. Претседател ќе биде Џозеф Бајден, а не Сандерс или Ворен. Бајден на донаторите во својата кампања минатата година им рече дека верува дека богаташите се „подеднакво патриотски настроени како и сиромашните“ и наведе дека „ништо нема суштински да се промени“ за имотните кога тој ќе стане претседател.

Можноста Сенатот да остане во рацете на републиканците - или да биде тесно поделен - исто така им одговара на милијардерите. Некои од најмабициозните обиди на либералите да ја разнишаат сликата на нееднаквоста - како отповикувањето на даночните олеснувања кои ги донесе Трамп, или новите даноци на богатство - веројатно нема да поминат.

Политичка последица во однос на американската демократија може да биде опасноста која доаѓа со подемот на супермилијардерите - дека тие ќе ги искористат своите пари за да изградат политичка тврдина околу себе, за да стекнат уште повеќе моќ и влијание.

„Постои ризик од појава на смртоносна спирала на олигарсите“, ми рече Колинс. „Парите оди на пари, а моќта на моќ, а богатите ја користат својата моќ за да ги изменат правилата со цел да стекнат повеќе пари и уште повеќе моќ.

Колинс сепак се надева дека можеме да ја избегнеме таа спирала. Наведува дека екстремната нееднаквост би можела да доведе до политички бунт. Можеби нашите водачи ќе почнат да се борат за работничките права, за подостапна здравствена заштита и грижа за децата, за прогресивно оданочување.

Во недостаток на такви реформи, вели Колинс, иднината не изгледа добро.

„Ќе биде тешко на мирен начин да се отплетка јазолот што се создава“, вели тој.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Matt Mahurin

Извор: New York Times/International Report