Un rêve à deux

18.10.2018 11:47
Un rêve à deux

Кога сонувам
Никој никогаш ништо не кажува.
Немаме јазик, само око.
И да има јазик, не се користи за тоа.
Никој никогаш ништо не кажува.

Кога сонувам, има само боја.
Твориме.
Твори ме.

Отвори ме
И ќе најдеш отров,
Бидејќи бојата е отровна самa по себе.
Раствори ме тогаш во вода
И со четка рашарај ме по ѕидовите.

Велат, сме немале влакно на јазикот.
И немаме.
Нема влакно без притоа да има јазик.
Но затоа во ковчегот има 1001 идеја, ти ќе ја одбереш 1002-та – онаа по смртта –
Онаа откако Шехерезада престанала да зборува.
Легнала врз постела и почнала да сонува.
Онаа 1002-та – онаа по смртта –

Таму – или едниот е луд, или двајцата,
Или сите останати имаат премногу јазик со којшто не гледаат.
Во сонот нема јазик, само боја.
И да има јазик, не се користи за тоа.

А за тебе велат: „Тој е само малку мртов, наскоро ќе се разбуди”.

Се будиш и си велиш: „Па тоа е само сон, не сум бил јас мртов” .
Oживуваме и ја проговоруваме за првпат –
Онаа 1002 идеја – онаа по смртта –
Оној збор што сѐ уште не постои на врвот на јазикот кој сѐ уште го немаме –
Но бојата му ја знаеме.


Габриела Мишел Милкова е македонска поетеса родена 1998 година во Беверли, САД. Раното детство го поминува во Велика Британија, а потоа со родителите доаѓа во Скопје. Во моментов студира англиска книжевност во Шкотска на Универзитетот „Сент Ендрус“.

Досега ја има објавено книгата „Врвот на ноќта“ (The Peak of Tonight), двојазично издание на англиски и на македонски.

Ова е нејзина прва песна изворно напишана на македонски јазик.

Слика: Edvard Munch

ОкоБоли главаВицФото