Триптих триаголници

21.03.2019 15:47
Триптих триаголници

исповед

мене не ми е потребен тој разговор.
не сакам да чујам зошто. по толку време
јас и отповеќе веќе знам. знам дребности
за сите лукавства и подмолности.
за лицемерието и за тајните игри на стравот.
знам и од каде идел грчот во прегратката.

по толку време јас и отповеќе веќе знам.
не сакам и од тебе да чујам зошто.
има во мене темнина, сепак, која не ми дава
да те ослободам од товарот што го носиш.


очекување

се готвам за разговор по кој, веројатно,
веќе нема да бидеме пријатели.

разговор во кој ќе те соочам
со твојата подмолност.

ќе бидам толку искрен кон тебе,
што место себеси, ќе ме намразиш мене.

нема ни да ме разбереш зашто нема
да сакаш да го чуеш тоа што го слушаш.

ама ти кажувам за да ти кажам,
не за да ме разбереш.


шумот на умот

не само што веќе не ме сакаш,
туку сега кришум од себе и ме мразиш
во темниците на умот.

сега одеднаш
јас сум одговорен
за облакот од
туѓиот молк
во собата.

и морниците што некогаш ти ја ежеа кожата
сега, како сеќавање, ти се гадни
и сакаш да ги снема.

и би ги трампала сега
сите тогашни задоволства.

и студена, воздржана,
возрасна си сега.

умот ти е зауздан.

а знаеш, нели?

колку подлабоко го закопуваш семето,
толку пораскошно е дрвото,
и плодовите му се погорчливи.

Слики: Василиј Кандински

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото