Смртта на врата

24.10.2018 10:48
Смртта на врата

Чук, чук.

- Отвори, те слушнав дека си дома.
- Хм, мм, м. (се накашлува). Кој е?
- Смртта е, ајде отвори, не го тупи.
- Смртта? Од кај па сега?... Oди си, не ми дреми пред врата, не можам сега да ти отворам.
- Зошто?
- Имам некои работи да ги завршам.
- Што работи?
- Не можам сега за тоа, ќе слушнат комшиите.
- Ме зафркаваш? (повишува тон)
- Е добро, ајде, доближи се малку до врата.


- Кредит имам. Станбен. Уште десет години имам да го враќам.
- Не бери гајле, ќе го враќа жена ти. Може и да го шитне овој стан и да си земе помал, и така нема да ѝ треба толкав. Со разликата од продажбата ќе го врати кредитот одма.
- Ама не е само тоа. Детево има две години, мало е. Ќе ѝ требам. И нему ќе му требам. Има многу работи што сакам да го научам.
- За тоа па ич. Млада е жена ти, ќе си најде некој, има време, цел живот е пред неа. А и детето, точно, мало е ама баш тоа е и подобро. Нити ќе те памти нити ќе те жали, а за учење – секој знае по нешто, тој некој друг ќе го научи нешто друго. Башка, ќе плати да се школува.
- Ама, Смрт, не бива вака, нели. Ја немам видено жена ми два дена. Дај барем да се врати од семинарот и саглам да се поздравам. Да ѝ направам романтична вечера, свеќи да запалам, да водиме љубов, да ѝ удоволам за да го запамти сето тоа кога ќе ме нема.
- Ех, сега и ти ја претера. Па девет години колку што се влечкате ѝ немаш направено романтична вечера. Сега ли најде да ја шокираш жената? Ќе помисли се бавташ со некоја друга, озбилно. Тоа ако ѝ се уврти во глава, има да те колне цел живот натака. Батали тие глупости, арно си ја тераше досега.
- И ти си у право, нема што да речам. Ама има нешто што мора, мора да го направам. Барем тоа дај да го завршам и прави ми што сакаш.
- Ај да чујам што ќе ти истекне сега.
- Морам да го објавам романот. Ова е најголемото нешто што сум го напишал. Најголемото нешто што сум го направил во животот. Го пишував десет години за да биде капитално дело, едно од оние што кога ќе ги прочиташ, те менуваат од внатре. Те менуваат засекогаш. Имај милост, не сакам да умрам пред да излезе тоа.
- Што си чекал до сега? Нели десет години е малку претерано за да се занимаваш со една книга?
- Ех... тоа е како кога нешто што треба да го варите на тивок оган...
- Добро, добро, батали, немаат сите време по десет години. Туку, пази, рече дека треба да го објавиш, така?
- Така.
- Тоа значи дека е напишан, така?
- Напишан е, го досредувам овие месеци, последни читања ако ме разбираш.
- Не те разбирам ама нема врска, подобро и не можеше да биде. Слушај ваму, жена ти, сигурно има пристап до твојот роман и знае каде е што е, што се случува, нели. Значи, има кој да се погрижи за тоа. Батали ти средувања, па уште и месеци, што е тука е. Десет години ако не ти биле доволни да направиш нешто такво, сега сигурно нема којзнае што да се смени. Е, сакав да речам, де, таман кога таа ќе го објави, ќе ти се продава како алва. Може и некаква мистерија да се уфрли, со Смртта. Дозволувам. Сите ќе те купуваат, првото ќе летне брзо, одма ќе дојде второ издание, ќе земеш и Роман на годината, гарант. Природно после тоа, ќе дојдат и преводи и мене ако ме прашуваш, подобро од ова, не можеш ни да сонуваш.
- Хм... тоа дека луѓето им даваат значење на умрените, особено ако овие се уметници и нешто создаваат, тоа е точно. Мене никогаш и ми се нема продадено цело издание на книга, а ова сосем ќе ги смени работите. „Млад е“, „е од што така ненадејно“, „кутрите жена и дете“, па насловите на сите портали „почина нашиот голем писател“, никогаш не ги пишуваат имињата во насловите за луѓето да кликнат на содржината и сето тоа ќе создаде атмосфера во која сите ќе сакаат да го прочитаат мојот роман. Е, а откако ќе го прочитаат, работата веќе тргнала затоа што се работи за исклучителен роман. Не сакам да ти звучам нескромно, но навистина, еве, ако можеш прочитај го и увери се во тоа. Тука го вложив целиот мој ум, сето искуство и сите емоции што ги имам. Време, вложив многу време и многу непроспиени ноќи и отказ добив од две работни места поради постојано доцнење на работа. И гледајќи вака, знаеш дека имаш право? Ова е генијално решение. Начинот, нели, не е најсреќниот за да се стигне до тоа, но да се жртвуваме за уметноста. Моето име ќе остане засекогаш! И баш затоа, мора да се согласиш, баш затоа добро е да ми се остави малку време за да ја осигурам неговата совршеност, нели?
- ...
- Кога веќе стигнав до тука, мора да знам дека е најдоброто! Можеби малку меѓу двестапедесеттата и тристапедесеттата страница да ја засилам тензијата меѓу ликовите затоа што имам чувство дека судирот што се случува на крај изгледа малку неприродно, во најмала рака изненадно, а не би требало да биде така, можеби би можел и воведот да го сменам. Само речениците, стилски, отсекогаш се плашев дека не го зграпчува вниманието на прва. Такви ситници. Нели би било глупаво да не му дадам, еве, барем уште 3-4 читања. Нели, Смрт?
- А да те прашам нешто?
- Да?
- Си чул некој некогаш да правел муабет со Смртта?
- Па, не можам да се сетам сега да сум чул нешто такво...


Како што го кажа тоа, сфати дека вратата за која се држеше грчевито, за да не ја пушти Смртта да влезе, беше здобила некаква друга, чудна форма, ова веќе не е неговата врата; се обѕирна наоколу.


- Па ова не е мојот дом, каде сум, што се случува?
- Еве, стигнавме, брзо помина патувањето уз муабет. Ова се вратите на пеколот, добре дојде. Тука ќе бидеш до денот кога ќе ти се суди.

Слики: Frans Francken

 

ОкоБоли главаВицФото