Не е таа

22.10.2018 11:36
Не е таа

Неделен ручек во сопчето на дедо ми.

Дедо ми е џандар во пензија, постојано седи на прозорецот од сопчето и гледа кој поминува по скалите угоре-удолу. Пред да го удрат дамлите, стоеше качен горе на уличката со цигарчето во уста и водеше евиденција за колите што поминуваат: – У, мајку му... Кога гледа Собрание, не слуша кој што збори – не му ја ебаа многу-многу – ама затоа варди кој излегол, а не се вратил: – Четворица излегоа пред полсат, двајца се вратија. Уште двајца кај се?

Таванот во сопчето е низок и тоа го прави уште помалечко. Телевизорот е пуштен, нас нѐ има десетина, џагорливо е, зујат повеќе муабети одеднаш, се поставува ручекот, се подаваат чинии, се повикуваат тие што се уште во дворот, се доземаат работи од другата куќа: – Оди земи ја кутљачата откај сестра ти, ја забораив.

Дедо ми е на каучот, на чело на масата, седнат на две перници за да му биде повисоко. Тој е главен, Стариот, свесни сме дека наскоро ќе си заминува. За него сме тука. Од дамлите тој малку е тука, малку не е. Јас точно знам кога се враќа, му светнуваат очите и малкуцка, речиси незабележливо, ја затресува главата. Свесен е дека бил нетука. Кога не е тука, знае да биде и лош. Ја собира устата и почнува да се лути, да вреѓа, да наредува. Излегуваат ѓаолите од него. Штом ќе се врати, се извинува. Најмногу вика по мајка ми, оти таа најмногу му угодува.

Додека трае ручекот, дедо ми не јаде, постојано се врти кон прозорецот и пробува да ни објасни кој поминал по скалите пред ние да дојдеме. Не поминал еден чоек, ама тој за тој еден чоек сака да ни каже кој бил. Тоа може да е и некој умрен, некој што поминал тука пред сто години, не знаеме, секакви му идат на гости. Ми се чини ко само татко ми да го разбира што збори, ама си седи ќутенката.

– Ајде, тате, јади, ќе ти се олади супата – мајка ми е пак најзагрижена. И за дедо ми и за супата.

Го гледам седнат откаршија, пак е снеман, празни му се очите. Во еден миг, се враќа, очите светнуваат, ја поткрева главата.

– Онаа на онега. Ти ја знајш, и тој ја знај – му вели на татко ми и со прст покажува кон чичко ми.

– Не е таа – му одговара татко ми.

Се разбраа.

Слика: Johanan Herson

ОкоБоли главаВицФото