Сон на поминување

17.10.2018 07:58
Сон на поминување

Не станувајте, господо. Јас сум само на поминување.

Им го велам ова на господата во црни костуми и со црни цилиндри на главите, кои и онака не мислат да станат од своите црни кожни фотелји, наместени на кружните балкони и тераси, гледајќи во мене со необична љубопитност, како да е мојот пад во бездната без дно нивната омилена претстава.

Некои од нив и аплаудираат. Онака господски со дланките во бели ракавици. А јас летам. Додуша удолу, во понор што нема крај и не знам што ме чека на крајот на овој лет. Зашто и падот е лет. Дали се плашам? Да. Умирам од страв. Дали се надевам. Не. Бидејќи сѐ се одвива пребргу. Немам време за надеж, а велат дека надежта последна умира.

Велат дека човек не може да умре во сон. Може да умира, ама не може да умре. Може да сонува дека е веќе мртов, ама не може да умре. Велат дека се буди во моментот кога треба да умре.

Се будам и јас. И го гледам моето тело сплескано на асфалтот. Нозете ми се искршени, а черепот дупнат. Сепак, има невообичаено малку крв околу мене.

Господата во црни костуми стојат околу мене. Некои ги вадат цилиндрите и ги потпираат на градите.

Седете, господо. Јас сум само на поминување.

А тие упорно стојат.

Слика: Eric Roux-Fontaine

ОкоБоли главаВицФото