Сеќавање на звукот

09.11.2018 01:52
Сеќавање на звукот

„Дами и господа, ја прекинуваме нашата музичка програма заради извонредните вести на Intercontinental Radio News. Во седум часот и четириесет минути, според денешно време, професорот Фарел од опсерваторијата Маунт Џенингс видел неколку експлозии на запалив гас кои во правилни временски растојанија се појавиле на Марс. Спектроскопот покажал дека се работи за експлозија на водород која со исклучителна брзина се движи кон Земјата.“ Со овие зборови пред точно 18 години, еден ден пред Ноќта на вештерките, на радио станицата CBS почна емитувањето на адаптацијата на Војна на световите од Херберт Џорџ Велс, во режија на младиот и уште релативно непознат Орсон Велс. Адаптацијата во која инвазијата од Марс е поместена во современа Америка стана легендарна – преувеличена, какви што вообичаено се легендите – заради паниката што ја предизвика меѓу слушателите, до ден денешен останувајќи пример со кој се илустрира дофатот на звучните слики на фантазијата. Вреди посебно да се потсетиме на примерот со кој во времето кога радиото како медиум беше сведено на сеприсутен позадински шум.

Но денешната едноличност на содржините на традиционалните радио станици не значи и помал интерес за самиот медиум. Зајакнати со новите технологии на дигиталната дистрибуција, аудио форматите во последниве години доживуваат глобална ренесанса – од иновативни и разновидни подкасти до непрегледно умножување на платформите од „звучните библиотеки“ – одново потврдувајќи го потенцијалот кој го има овој медиум во структурирањето на нашето информативно и културно искуство. Сепак, за популарноста на аудиот форматот најмногу се зборува низ призмата на економската исплатливост, па така Здружението на американските издавачи објави податок за минатогодишниот 30 процентен пораст на купувањето аудио книги, остварен и покрај генералното потфрлување во приходите на издавачите во 2017 година. Покрај комерцијално најуспешната платформа Audible, ризница за бесплатни книжевни класици во аудио формат нуди страницата Open Culture, додека еден од поинтересните проекти претставува LibriVox чија содржина комплетно ја креираат волонтери – со слободен избор на текстови и нивна интерпретација, кои често знаат да бидат потполно изместени, но не нужно и „погрешни“.

Домашните издавачи досега главно не го користеа потенцијалот на овие формати, додека неодамнешните обиди за афирмирање на аудио книгите доаѓаат преку иновативната практика од независната културна сцена. Така во рамки на овогодинешното издание на Планот за бегство во форма на мали радиофонски изведби во живо беше претставен новиот проект Слушни ја оваа книга, со кој радиофонискиот театар под водство на Павле Бајсиќ Бразодуро го најави „почетокот на борбата за аудио книгата“. Озвучувањето на книгите е продолжение на долгогодишното негување на културата на слушање на Радио Тетар, создаден „под покривот“ на интердисциплинарната Мултимедијална колиба, чија програма е фокусирана токму на радиофонијата во средба со другите уметнички практики. „Проектот Слушни ја оваа книга го спојува искуството на работењето на радио и радиото во театарот“, појаснува раководителката на проектот, кој е создаден преку програмата за развој на публиката на Министерството за култура, во кој е замислено објавувањето квалитетни романи да биде проследено со мали радиофониски изведби во живо во книжарите и на разни места ширум Хрватска, преку што ќе се обидат да се „наговорат“ луѓето да ги слушаат книгите.

За први две изданија се избрани Љубовен роман на Ивана Сајко и Сеќавање на шумата на Дамир Каракаш, романи кои, како што се вели, секој на свој начин го обележале ова време, а во меѓусебниот однос се наоѓаат на дијаметрално спротивни естетски позиции. Таквата спротивност може да се согледа и од пристапот на нивното озвучување – додека Сеќавањето на шумата во изведба на Живко Аночиќ е снимано во екстериери кои живо ја отсликуваат атмосферата на Лика, набиеноста и силата на Љубовниот роман е „соголена“ во самите гласови на Марија Шегвиќ и Игор Ковач. Бајсиќ Бразодуро истакнува дека станува збор за веќе познат формат, кој кај нас впрочем не заживеа, иако денешниот начин на живот и можноста за дигитална дистрибуција го погодуваат токму слушањето на книгите. „Но не се работи само за тоа дека со тоа сакаме да им помогнеме на луѓето во денешното темпо, кога да се седне и да се чита стана луксуз, сепак да 'консумираат' книга “, додава, „туку сакаме и да ја вратиме заборавената емоција за слушање на гласот што ни раскажува. Тоа е различно доживување од самото читање кое го поврзуваме со најраното детство“.

А токму традицијата на усно пренесување на приказните е во средиштето на фокусот на проектот ГМК во кој учествуваа деца од предучилишна и училишна возраст како и штитениците од Домот за стари и изнемоштени лица Медвешчак, во кој под раководството на мултимедијалната уметница Ана Кузманиќ се создаде аудио драмата Погласно! Зборувај погласно! Фокусот на проектот беше на воспоставувањето дијалог помеѓу две групи, а реализиран е преку работилницата чија тема и структура е инспирирана од сликовницата Wilfrid Gordon McDonald Partige која се занимава со прашањето на сеќавањето. „Сеќавањето секогаш е флуидно; секогаш одново го конструираме во зависност од контекстот, на некој начин го градиме во секој нов дијалог. Во новиот проект форматот на аудио драмата е користен како метод за воспоставување дијалог, а процесот на storytelling и играњето улоги помогна во изградбата на нов колективен дијалог помеѓу тие две групи“, појаснува Кузманиќ.

„Во денешниот контекст во кој сме бомбардирани со визуелни содржини, аудио драмата на децата им е помалку бавна и досадна форма“, признава. Сепак, додава дека постои голема разлика помеѓу обичното консумирање содржини и активното учествување во процесот на создавање. „Во самиот процес децата беа изразено заинтересирани, креативни, а фокусот на звукот им беше мошне инспиративен. Со оглед на тоа дека постарите лица не можат физички да ја следат детската енергија, фокусот на звукот им помогна сите подеднакво да можат да се изразат.“ Крајниот резултат остана на ниво на непретенциозен експеримент, снимен само за еден час, кого Ана го гледа „како документ за дружењето кој не е нужно наменет само за деца“.

Ваквите проекти покажуваат дека аудио форматот, зајакнат со новите технолошки можности, нуди можности за различни видови израз, чиј потенцијал засега нема никаква системска рамка во која би можел да се реализира. И покрај глобалната популарност, во локален контекст и натаму останува на ниво на експеримент кој отвара нови можности за имагинација или пак ја полни замислената радио шема која во актуелното медиумско поле насушно недостасува.

Слики: John Baldessari

Извор: https://www.kulturpunkt.hr

ОкоБоли главаВицФото