Осло е еколошки главен град на Европа

05.01.2019 04:07
Осло е еколошки главен град на Европа

Безбројни бродски контејнери, огромна раскрсница, сообраќај, издувни гасови: вака прилично соодветно можеше да се опише пристаништето на Осло до пред неколку години. Денес, тоа изгледа сосема поинаку. Сообраќајот се регулира преку подводен тунел. Наоколу забележувате хибридни и возила на електричен погон. Над подвозникот пак, наскоро треба да никнат неколку музеи и библиотеки кои треба да го привлекуваат вниманието од 2020-та година.

Новите проекти имаат исклучителни еколошки и културолошки особини, објаснува Анита Линдал Тросдал, проект менаџер на Осло, град на екологијата во 2019 година.

Нејзината канцеларија е на вода, недалеку од еден музеј кој наскоро треба да биде готов - Националниот музеј.

Но, и остатокот на градот брзо расте, особено со изградба на нови станови. И тука се става акцент на одржливоста. „Ние ја користиме нашата пазарна сила, за да градиме без фосилна енергија", вели Тросдал. „Така градбата нема да биде одржлива само за време на користењето, туку и во самиот процес на градење."

Малку посеверно, на страна од променадата на брегот, се наоѓа вулканскиот кварт, главна точка за еколошки и одржливи градби. Во 1800-та година тука се наоѓале повеќето фабрики во Осло. Денес на покривите на модернизираните објекти има пчеларници, како на пример на хотелот Скандик вулкан.

„Летово имавме 500 илјади пчели кои произведоа 271 килограми мед", вели Моника Егеберг, директорка на хотелот. Ланецот хотели ги смета пчелите за симбол за заштита на околината. „Но, и во поглед на енергијата сме речиси независни од други извори", вели Егеберг.

Хотелот е изграден во 2011 година, кога остатокот од фабриката беше модернизиран и пренаменет во кафулиња, ресторани, канцеларии и домови. Најголемиот ресторански пункт во Осло се наоѓа во истото маало, како и централа која со топлинска пумпа, геотермална енергија и соларни панели обезбедува повеќе од 80 проценти од потребите на целиот кварт.

Новата променада би требало да стане културен и еколошки центар на Осло

Пример за еколошка свест

Такви зелени проекти му помогнаа Осло да се наметне во конкуренција со 13 други европски градови за титулата Европски главен град на екологијата во 2019. Европската комисија во 2008 ја воведе оваа титула со цел да се воведуваат одржливи решенија кои ќе инспирираат и други градови.

Глобално погледнато, Осло со помалку од 700 илјади жители е мал град, што значи дека само напорите на Осло да ги намали штетните емисии секако нема да ја спасат климата. Но, Тросдал вели дека Осло е перфектен за да се развиваат идеи кои интернационално применети од други градови или земји може да направат разлика.

„Сепак сме доволно големи за да пробуваме решенија кои може да се применат подоцна и во поголеми градови", вели таа. „Пример сме за светска класа кога се работи за воведување на електрични возила. Други градови мож да се угледаат на нас."

Речиси половина од тука продадените возила се комплетно електрични, има трамвај, електробуси и фериботи, кои користат еколошка струја. Во ледените зими многу домаќинства се греат на струја добиена од согорување на отпадот. До крајот на следната година Осло сака да ги намали штетните емисии за 36 проценти во однос на 1990 година. До 2030 треба да бидат намалени за 95 проценти. Градските власти за таа цел определија климатски буџет, веројатно прв таков пример во светот. „ЦО2 емисиите ги броиме исто како и парите", вели Рејмонд Јохансен, градоначалник на Осло. „Сите делови од градот мора да пријавуваат колку ги намалиле емисиите, наведувајќи конкретни цели и цифри."

Климатскиот буџет на градскиот совет му дава увид во мерките што ги презема главниот град и така секогаш е јасно и транспарентно дали Осло е на вистински пат да ги постигне зацртаните климатски цели.

Возачите на електромобили добиваат поволности, а оние кои не можат да купат е-автомобил ќе бидат казнувани?

Осло без автомобили?

Градските власти, составени од Работничката партија на Јохансен, Зелените и Социјалистичката левичарска партија, избрана во 2015, неуморно ја туркаат својат еко-агенда. Но некои сепак се спротивставија.

Пред сѐ компаниите се против тоа голем дел од централното градско подрачје да биде затворено за автомобили. Ваквите планови засега се малку „скратени“. Ќе има забрана за движење на автомобилите само на некои поважни улици, а во другите реони ќе има повеќе зони за пешаци и велосипеди. Намалувањето на сообраќајот е од клучно значење, бидејќи издувните гасови од автомобилите се најголем извор на загадување во Осло.

Воведувањето на даноци веќе придонесе кон намалување на сообраќајот. Но, со оглед на тоа дека дневната тарифа за влез во центарот на градот во споредба со лани се покачи- односно од 3,20 евра од 2016 на 5,60 во 2019 за приватен автомобил - критичарите велат дека со ова е веќе е постигната горната граница со која се оптоваруваат граѓаните.

„Најголемиот предизвик за нас сега е да се намали бројат на приватни автомобили“, вели Јохансен. Но, тој признава дека ова е тешка мисија, бидејќи градот не може да врши многу економски притисок врз возачите.

Електричните автомобили се ослободени од даноци, што придонесува за зголемување на нивната продажба. Но, со тоа се фаворизираат богатите. Многумина, кои не може да си го дозволат да си ги заменат автомобилите на бензин и дизел со електрични, се чувствуваат неправедно казнети.

Сепак, поголемиот дел од граѓаните ги поддржуваат целите на градот за намалување на емисијата на штетните гасови. Една последна анкета покажува дека три четвртини од испитаниците веруваат дека е важно и неопходно да се направи нешто за намалување на емисијата на штетни гасови за 95 отсто до 2030 година.

Речиси над половина од нив ги поддржуваат целите дека треба да има забрана за автомобили во централното градско подрачје, додека 63 отсто рекле дека со мерките кои се преземаат за остварување на климатските цели ќе го направат Осло еден подобар град.

Извор: DW

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото