1022 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 09:59
Можеби во секоја земја е така, но мислам дека за нас во источна и централна Европа особено важи исказот дека сме по малку шизофрени како општество. Ние сме подвоени. Едните со копнеж гледаат кон Западот, другите се муртат и ја критикуваат неговата ароганција и, како што тој дел од нас е убеден, неговата проста и беспримерна глупост. Тоа е можеби страната која доминира кај нас. Таквата верзија се наоѓа претежно во руралните средини, во срцето на оние кои веќе не се толку млади, ниту многу богати ниту многу сиромашни, имаат семејство и сигурна работа. Мажени жени со деца особено припаѓаат кон оваа група. Тоа се луѓето кои на премиерот Виктор Орбан во Унгарија му обезбедуваат двотретинско мнозинство.
Другите живеат главно во метрополите. Млади се, студенти, неврзани, млади жени на кои правото на абортус им е поважно од мајчинските обврски, кои течно зборуваат странски јазици и често патуваат. Кога гледаат напред сакаат да видат иднина полна предизвици. Често можете да ги видите сега на улица. Демонстрираат многу и на драго срце. Во Полска, во Унгарија, во Србија, во Романија и во Словачка. Ним не им е доволно сѐ да остане по старо, и стабилноста, таа најголема вредност за нашето конзервативно Јас, за нив е хорор.
„Урбаните“ контра „народните“
Тие два пола во нашето општетство ги имало отсекогаш. Кај нас во Унгарија тоа се споменувало уште во 20-те и 30-те години на минатиот век кога градските елити ги нарекуваа „урбаните“, а другите беа „народните“. И едните и другите создавале култура, литература, музика и уметност како трајни вредности. Но, на Западот секогаш ја гледале само урбаната верзија и само таа сакале и да ја видат. Само делата на урбаните биле преведувани на западните јазици. Само урбани интелектуалци по промената имаа покани да бидат соговорници во западните медиуми. И тоа е така до ден-денес.
Но, кај нас секогаш попопуларни беа народните писатели, кои во своите дела со многу љубов и детално пишуваа за животот на село. Повеќе го слушаме длабокиот внатрешен глас, оној на народната музика, трагичната љубов. Во нас одекнува вечното жалење на нацијата.
И сега на Запад благо заинтересирано гледаат на оние меѓу нас кои демонстрираат против своите властодржци. Можеби мислат дека не се сите на Истокот расипани. Остатокот, мнозинството - не е заинтересирано.
Концентрација на моќ
Факт е дека расте нова генерација која не се идентификува со „антикомунизмот“. За нив се релевантни актуелните „лоши“ владетели. За некои работи имаат право. Духот на радост за иднината, кој владееше за време на пресвртот, одамна исчезна. Дали се социјалдемократи како Словачка и Романија, или конзервативните во Полска, Србија и Унгарија, дали се критични спрема ЕУ или како во Србија целосно предадени на ЕУ, владите во нашите земји се обидуваат да ги зафатат сите позиции на моќ во општетството и да ја покорат економијата. Корупција е главна состојка на приказната. Стремеж кон оптимална моќ е далеку од духот на слободата кој ги исполнуваше луѓето за време на пресвртот, генерацијата на родителите на сегашните демонстранти. Нивните деца велат: мораме да го завршиме она што нашите родители го почнаа.
Структурен конзервативизам на Истокот
Старите некогаш ќе починат, расте нова младина, и така потенцијалот за промени е на дофат, но за жал многу од тие млади луѓе сакаат да се иселат во западнo-европски земји чиишто идеали повеќе им одговараат и каде што може повеќе да заработуваат. Тоа доведува до структурен конзервативизам на истокот на Европа. Нашето конзервативно Јас не си заминува. Си седи дома и се чуди за критизерството на другите.
Анкетите покажуваат дека владите во Полска, Србија и Унгарија немаат од што да се плашат. Во Романија и Словачка нештата се поинакви и таму нови избори би можеле да донесат промена на власта. Можеби заради тоа што таму не владеат конзервативни кои зборуваат за семејството, Господ и татковината, туку корумпирани социјалдемократи кои немаат своја порака и коишто секогаш имаат проблеми со „гласот на народот“ од селото.
Стабилноста е во центарот
Иднината е неизбежна, младоста на нашите градови, елитата од утре, сака различна земја од оваа во која денес живее. Новите генерации ја сакаат ЕУ, но ЕУ очигледно не ги разбира. ЕУ планира во иднина да дава помалку пари во источна и централна Европа и тоа ќе ја зајакне тенденцијата на иселување кај вредните млади лица. Клучот за промена е во ветување на благосостојба за младите генерации во сопствените граници, а не во Германија или Англија. Тоа во Брисел треба да им биде јасно.
Што се однесува до нас самите, треба да бидеме помалку критични кон себе. Нашето урбано Јас и нашето рурално его се две различни души. Ама и двете домуваат во исти гради. Ние сме тим, оние кои се стремат и оние кои се противат. Во центарот е балансот кој сите го бараме.
Борис Калноки, роден 1961 година од Будимпешта е дописник од Унгарија на весникот „Ди Велт" и на други медиуми на германски јазик. Автор е на книгата „Земјата на предците" во која е опишана неговата потрага по своите предци, меѓу кои е и царскиот и кралевски министер за надворешни работи Густав Калноки.
Извор: DW