Зошто некои луѓе имаат среќа во животот?

21.01.2019 02:20
Зошто некои луѓе имаат среќа во животот?

Во 1980 година, Марин Вилкокс купил две лото ливчиња – за лотаријата во Масачусетс и лотаријата на Роуд Ајленд. Неверојатно, но неговите броеви биле победнички на двете ливчиња. Не заработил ниту еден долар. Зошто? Бројките што ги пополнил за Масачусетс биле победнички за Роуд Ајленд, а бројките од ливчето за Роуд Ајленд биле победнички за лотаријата во Масачусетс. Баксуз.

Со оваа приказна познатиот психолог Ричард Вајсман ја почнува својата книга Факторот среќа. Иако може да се категоризира како литература за самопомош, книгата е вредна зашто е напишана врз основа на големо истражување на психологијата на среќата кое се занимавало со прашањето зошто некои луѓе живеат толку среќни и успешни животи и што можеме да научиме од нив за среќата да ја насочиме во наша корист. Повеќе за истражувањето можете да прочитате тука.

Среќата е нешто што отсекогаш по малку се мистифицира и убедени сме дека – или ја имаш или ја немаш. Помалку сме и суеверни и мислиме дека со одредени ритуали или бизарни однесувања можеме да ја контролираме таа чудна сила. Сведоци сме на случајни среќни настани кои на луѓето околу нас ненадејно им го менуваат животот, но и на важни научни достигнувања во кои играле важна улога (од откривањето на контрацептивните пилули, преку рентген зраците, фотографијата, безбедносното стакло до инсулинот и аспиринот). Дури и кога имаме илузија дека имаме контрола над сопствениот живот, среќата само ни се насмевнува в лице.

Вајсман, кој инаку е познат и по истражување на оние феномени кои најмалку го привлекуваат вниманието на научниците или барем веруваат дека е невозможно научно да им се пристапи, е првиот кој ги откри основните принципи и техники за среќа, и разликите помеѓу животите на среќните и несреќните луѓе. Секако, најпрвин го побил уверувањето дека таквите луѓе поседуваат некои посебни натприродни способности со кои влијаат на настаните во својот живот или дека се едноставно поинтелигентни. Ќе ги претставиме основните психолошки механизми кои прават разлика помеѓу среќниот и несреќниот живот, кои Вајсман ги нарекол четири принципи на среќата, а кои понатаму се делат на неколку подкатегории.

1. Среќните луѓе создаваат, забележуваат и ги користат приликите што им се пружаат во животот.

Да се биде на вистинско место во вистинско време, впрочем, значи добра состојба на умот, а сето тоа може да се сумира во еден збор: личност.

а) Среќните луѓе градат и одржуваат силна „мрежа на среќата“. Среќните луѓе имаат повисок резултат на димензијата личност која се вика Екстраверзија. Постојат неколку начини на кои екстраверзијата ја зголемува веројатноста на шансите и добрите прилики во животот – запознавање голем број луѓе, одржување контакти со луѓето и она што го нарекуваме „социјален магнетизам“. Колку повеќе луѓе запознаваме, поголема е веројатноста да запознаеме некој кој ќе има позитивно влијание на нашиот живот. А повеќе луѓе запознаваме благодарение на концептот „социјален магнетизам“. Психолозите забележале дека одредени луѓе како да ги привлекуваат другите кон себе. Каде и да одат, дури и непознатите лесно започнуваат разговор со нив. Кога шетаат по улица, ги прашуваат колку е часот или каде се наоѓа одреден објект. Есктравертите почесто се социјални магнети отколку интровертите, пред сè заради говорот на телото и изразот на лицето кој како да ги повикува другите луѓе да им се обратат. Интровертите вообичаено со говорот на телото испраќаат порака на затвореност, се оддалечуваат од личноста со која зборуваат, ги прекрстуваат нозете или рацете. Во согласност со наведеното, среќните луѓе градат сигурни и долгорочни односи со луѓето што ги запознаваат. Лесно може да ги засакаат, да ги запознаат и да им веруваат. Зошто и само една нова личност во нашиот живот е важна? Можеби таа нема да може да ни помогне, но затоа може да ни помогне некој што таа го познава. Стоте луѓе кои ги познава плус секој од нив познава уште толку, значи дека едно познанство теоретски нè поврзува со најмалку 10 000 нови животни прилики. Еден среќен испитаник го открил неговиот метод на запознавање луѓе за да не разговара секогаш со сличните како него – за да направи сè да биде позабавно, пред заминување на забава или на средба ќе замислел една боја а потоа зборувал само со луѓето кои носат облека со таа боја.

б) Среќните луѓе имаат поопуштен пристап кон животот. На димензијата на личноста наречена Невротицизам, луѓето кои имаат ниски резултати воедно се смирени и опуштени, додека обратно е за високите резултати. Како што и претпоставувате, среќните луѓе имаат низок резултат во однос на Невротицизмот, со самото тоа се мирни и опуштени доволно за лесно да ги забележат шансите кои им се пружаат. Кога константно сме фокусирани на проблемите, вниманието не ни е насочено кон приликите што нè опкружуваат на дневно ниво.

в) Среќните луѓе се отворени за нови искуства во животот. Спротивно на нив, несреќните ги повторуваат истите обрасци во текот на целиот живот, сакаат да потонат во рутината и избегнуваат изненадувања.

2. Среќните луѓе донесуваат добри одлуки благодарение на интуицијата. Способноста да донесат добри одлуки се манифестира во сите сфери на животот, од љубовта до професијата.

а) Среќните луѓе ја слушаат својата интуиција и своите претчувства. Свесни сме само за мал број фактори кои влијаат на начинот на кој размислуваме, се однесуваме и донесуваме одлуки. Впрочем, најчесто нè води нашето несвесно. Сите имаме некакви желби и потреби, да речеме, да го најдеме совршениот партнер или да го откриеме начинот на кој ќе дојдеме до пари. Овие желби некогаш имаат силно влијание врз нашиот живот и влијаат на тоа да го видиме она што сакаме да го видиме, а не она што впрочем е пред нас. Желбата за совршен партнер нè оневозможува да согледаме дека личноста со која впрочем сме е некомпатибилна и лоша. Среќните луѓе го слушаат својот внатрешен глас и интуицијата, додека другите одлучуваат да живеат во негација. Исто така, интуицијата и претчувството вообичаено им се точни и веродостојни, иако некогаш ни самите не умеат да објаснат која е причината за нивниот успех. Делува како среќа, но како што гледаме, одговорот сепак делумно лежи во несвесното.

б) Среќните луѓе работат на тоа да ја подобрат својата интуиција. Со различни техники: медитација, враќање на проблемот кога ќе ја испразнат главата, наоѓање мирно место за размислување. Вајсман ни нуди едноставна техника која можете да ја искористите при донесување одлуки. Ако сакате да дознаете како навистина се чувствувате во однос на некоја опција, изберете ја и запишете ја на хартија. Да речеме, не сте сигурни дали да ја раскинете вашата љубовна врска – напишете му писмо на партнерот во кое објаснувате дека е готово. Доколку сте несигурни дали да му го предадете тоа писмо, едноставно застанете и напишете дека сте се предомислиле. Повторно застанете. Како се чувствувате сега кога иднината ја држите во своите раце? Дали сакате да му го однесете писмото или нешто во вас ви вели дека тоа не е добра идеја? Дали тоа е интуиција или само се плашите од промена? Што ви кажува внатрешниот глас?

3. Позитивните очекувања за иднината на среќните луѓе им помагаат да ги остварат своите соништа и амбиции. Имаме впечаток дека среќните луѓе лесно добиваат сè што ќе посакаат од животот, додека туѓите желби и потреби остануваат само соништа и фантазии. Меѓутоа, среќните луѓе не ги достигнуваат своите соништа сосема случајно. Ниту судбината ги вмешува прстите и ги спречува „несреќните“ да го достигнат она што го сакаат. Поентата е во тоа што мислиме за себеси и за својот живот.

а) Среќните луѓе очекуваат добрата среќа да ги следи и во иднина. Поинаку гледаат на животот. Несреќните мислат дека иднината е црна, среќните веруваат дека иднината ќе биде прекрасна и шарена. Нешто како самоисполнувачко пророштво (на пример, вашите очекувања од социјалниот живот влијаат на тоа да се однесувате на одреден начин и да ја зголемите можноста тие очекувања да станат реалност, без разлика дали е лоша или добра).

б) Среќните луѓе се обидуваат да ги достигнат своите цели дури и кога објективно немаат многу шанси, и издржуваат пред неуспехот. Несреќните луѓе пред неуспехот губат надеж и се откажуваат или дури се откажуваат и пред воопшто и да се обидат. Среќните луѓе го прават токму спротивното.

в) Среќните луѓе исто така очекуваат дека интеракциите со другите ќе бидат успешни. Со што повторно се враќаме на самоисполнувачкото пророштво.

4. Среќните луѓе се во состојба лошата среќа да ја претворат во добра. Се разбира, и среќните луѓе имаат лоши искуства. Но начинот на кој се соочуваат со нив е сосема поинаков.

а) Среќните луѓе ги гледаат позитивните страни на лошите настани. Стандардно прашање, кој е посреќен, натпреварувачот кој освоил сребрен или бронзен медал? Одговорот е бронзен, зашто натпреварувачот со сребрен медал размислува дека ако се потрудел уште малку ќе освоел злато, додека натпреварувачот со бронзен медал е свесен дека ако играл малку полошо немало да освои ништо. Среќните луѓе размислуваат како натпреварувачот со бронзен медал.

б) Среќните луѓе се убедени дека и лошото што ќе им се случи, долгорочно ќе им донесе добро.

в) Среќните луѓе не се жалат и не плачат заради лошите искуства како знак на лоша среќа.

г) Среќните луѓе преземаат конструктивни чекори за да ги спречат лошите искуства во иднината. Поупорни се и убедени дека судбината не ги одредила за да бидат несреќни. Лошите искуства се само предизвици кои треба да се надминат и кои најпосле ќе донесат нешто добро.

Слики: Anthony Falbo

Извор: http://www.psihobrlog.com

ОкоБоли главаВицФото