Да се доживее двестотата

28.01.2019 01:16
Да се доживее двестотата

Гренландски кит

Триесет години по објавувањето на „Моби Дик“, група китоловци од Алјаска се обидела да го фати својот џин од океанот. Нивна цел бил гренландскиот кит мажјак, цицач кој е втор по големина на Земјата. Овој вид одамна е славен заради својата долговечност: според ескимското предание, може да живеат „два човечки животни века“, а веќе е познато дека ги избегнувале харпуните благодарение на својата огромна сила.

Китовите ги ловеле со најнова технологија, но харпунот, истрелан со барут за да го пробие неговото силно тело, не бил доволен да се покори овој џин. Го погодиле со три харпуни отстрана, но тој само продолжил да плива, со малку поголема површна рана.

Китот, пренесе Би Би Си, продолжил да лута уште 120 години, до 2007 година, кога група ескими најпосле го фатиле. Интересно е што нашле и делови од харпунот во неговото месо.

Според проценките, овие китови живеат најмалку 150 до дури 210 години. Постојат малку нешта кои влијаат на нивното здравје и нивната долговечност, што ги воодушевило докторите кои го проучуваат прашањето на стареењето.

„Тие живеат многу подолго од луѓето и живеат во дивината, без посетување доктор и без какви било бенефити кои ги има човечкото општество“, вели Жоао Педро де Магаљаес од Универзитетот Ливерпул. „Значи, мора да се природно заштитени од болестите поврзани со стареењето.“

Проучувајќи ги овие животни и други исклучително долговечни живи битија, Де Магаљаес и неговите колеги се надеваат дека ќе најдат нов лек кој ќе го забави пропаѓањето на човечкото тело и ќе ја одложи смртта.

„Стареењето е мистерија - ние знаеме релативно малку за тоа во споредба со другите биолошки процеси, а повторно, тоа директно е најголемата причина за страдање и смрт во модерниот свет. Доколку го забавиме малку, тоа би донело неочекувана добивка за луѓето“.

Вадим Гладишев од Харвард се сложува со тоа. „Тоа е најважното биолошко прашање, зашто повеќето хронични болести на луѓето се последица на стареењето. Биомедицинските науки главно се фокусираат на одредени болести како што се ракот, Алцхајмеровата болест или дијабетесот, но ако го одложиме стареењето, тогаш би можеле да ја одложиме појавата на сите болести одеднаш.

На стареењето влијаат различни фактори. Прво, тука е опкружувањето: никој не може да живее изолиран, така што нашата ДНК и целата молекуларна машина може полека да се оштетува од штетни хемикалии или радијација. Иако нашите клетки имаат способност да ги „поправат“ оштетувањата, сепак пропаѓањето може толку да се прошири што може да доведе до мутации кои ги претвораат клетките во тумори.

Би можело да се развијат и проблеми со метаболизмот: како печка на која и е потребно редовно чистење, нашите клетки создаваат мноштво отпади додека трошат енергија. Бидејќи тој отпад се собира со текот на времето, може да ги наруши клучните биолошки процеси. „Оштетувањата се натрупуваат и организмот не може да се соочи со тоа“, вели Гладишев, а пренесува Би Би Си.

Жоао Педро де Магаљаес

Најпосле, телото се среќава со проблемот за регенерација на органите: секој хромозом има нешто како ДНК хромозом на своите краеви - теломери на своите краеви - што се однесува слично како и пластиката на врвките на чевлите, го спречува нивното распаѓање.

Меѓутоа, теломерите со текот на времето се намалуваат секогаш кога ќе се подели клетката и на крајот можат да станат толку кратки што клетката почнува да ги губи фунциите или може да изумре. Со ова трошење ние сме уште поподложни на разни болести.

Сето тоа изгледа како незапирлива сила која нè турка кон крајот, но неколку докази сугерираат дека постојат „запирачки“ кои би можеле да го забават тоа. На пример, вообичаениот лек за дијабетес, метформинот, може умерено да го забави стареењето кај глувците. И едноставната промена на еден ген вклучен во метаболизмот на клетките на цевчестиот црв може да доведе тој да живее многу подолго од неговите „родители“ - иако е неизвесно дали таквите промени би можеле да им помогнат на посложените организми - што укажува дека стареењето не е надвор од нашата контрола.

„Стареењето е изненадувачки ’пластичен’ процес со кој е можно да се манипулира“, вели Де Магаљаес.

Научниците сега бараат некои други кандидати. Само кај цицачите, очекуваниот животен век може да варира и до стопати, од ровецот, кој не живее подолго од 1,5 година, до гренландскиот кит кој може да живее и над 200 години. Како, од разни причини, природната селекција некако да „притиснала“ одредени суштества да развиваат сопствен еликсир на животот.

„Метформинот скромно го продолжува животот кај глувците, но кога станува збор за разните видови, капацитетот на природната селекција да го продолжи животниот век е далеку помоќен“, вели Де Магаљаес. „Тие веројатно ќе развијат сосема различни начини за да го продолжат животниот век, борејќи се со ракот и останатите болести поврзани со староста.“

И секој од начините би можел да води до ефикасен лек за долговечност. Или како што вели Гладишев: „Природата постојано го менува животниот век, така што се поставува прашањето како го прави тоа? И дали можеме да целиме кон тие механизми, на тој начин зголемувајќи ја животната долговечност?

Најинтересните суштества се мошне чудни, иако не толку величествени како гренландскиот кит. Да речеме, голото слепо куче можеби не е најубаво, но сепак живее до 30 години, многу повеќе отколку неговиот роднина, добро нахранетиот домашен глушец. Тој е особено отпорен на рак, сè уште не се пронајдени тумори кај илјадниците проучени животинчиња во лабораторија. Дури и кога би биле изложени на потенцијално канцерогени материи не би добиле рак.

Гладишев проучувал мошне необичен вид, лилјакот Myotis brandtii, кој живее повеќе од 40 години, што е екстремен пример со оглед на големината. Кај него нашол необични мутации околу рецепторите на хормонот за раст и факторот за раст кој наликува на инсулинот - промени кои би можеле да ни пружат уште одговори за тоа како да се контролира метаболизмот кај цицачите, ограничувајќи ги оштетувањата кои нормално доаѓаат со староста.

Според наједноставната, банална логика, а тоа го докажала и студијата, големите организми би требало да бидат посклони кон развивање канцери, како и оние долговечните (колку повеќе клетки, толку повеќе делби, и според тоа поголеми можности за мутација), но тоа не е случај со гренландскиот кит. Тие истражувања би можеле да помогнат да утврдиме дали некој вид на исхрана или начин на вежбање би влијаеле на долговечноста. На пример, дали се во право некои кога велат дека постењето или „ограниченото внесување калории“ ги забавува процесите на стареење и дали тоа доведува до метаболички промени кои на китовите им помагаат да преживеат толку долго.

Вадим Гладишев

И тоа може само да биде почеток во пронаоѓањето можни решенија, па и манипулирање со протеините кај луѓето за повеќе да бидеме како китовите, за да утврдиме дали тоа би можело да ја подобри поправката на ДНК. Пречка би можело да биде ако се предизвикаат исти промени во сложеното човечкото тело, можеби со тоа што лековите би го имитирале ефектот на гените. Во иднина, генетската терапија би можела да помогне ДНК да се „сетира“ кај луѓето, а благодарение на исчекорите во генетската терапија, научниците веруваат дека тоа е една од можностите.

Научниците велат дека историјата е полна со тврдења дека некој напредок е невозможен, за подоцна да се покаже дека е можен, и го наведуваат примерот на инфекциите кои пред 120 години биле реалност, а денес се победени со антибиотиците.

Де Магаљаес вели дека стареењето го гледа како крајна болест, болест која може да се излечи самата од себе. „Ние не само што го продолжуваме периодот на „опаѓање“ на функциите, туку сакаме 70 годишници со здравје на 50 годишници, тоа е крајната цел.“

Можеби во 2120 година зачудено ќе гледаме колку бил тежок почетокот, а целта сепак била достигната.

Извор: Nedeljnik

ОкоБоли главаВицФото