Мистерии на организмот: Череп

14.03.2019 01:11
Мистерии на организмот: Череп

Луѓето кои учествуваат во генетски тестирања можат да дознаат колкав дел од нивната ДНК доаѓа од неандерталците. Кај оние чие потекло не е африканско, главно се работи за еден или два проценти.

Научниците се далеку од тоа во целост да разберат што точно значи да се наследи неандерталскиот ген. Меѓутоа, тим од научници дојде до откритие дека два дела од неандерталската ДНК веројатно влијаеле на обликот на нашите мозоци. Ова истражување претставува краток увид во генетските промени кои влијаат на еволуцијата на човечкиот мозок.

Неандерталецот и модерниот човек се еволутивни роднини чии предци се раздвоиле пред околу 530 000 години. Неандерталците ја напуштиле Африка многу порано од модерните луѓе, а нивните коски биле најдени ширум Европа, Блискиот исток, но и Сибир. Пред да изумрат пред 40 000 години, зад себе оставиле траги на софистицираност: копја за лов на големи животни и накит составен од школки и орелски канџи.

Научниците се прашуваат колку ни биле слични. Со мерење на просторот во черепот на неандерталецот, истражувачите откриле дека нивните мозоци во просек биле како нашите. Меѓутоа, не биле идентични.

„Ние имаме заоблени мозоци“, објаснува д-р Филип Ганц од Институтот Макс Планк за еволутивна антропологија во Германија. „Нивните се со издолжен облик.“

Ганц и неговите колеги проучуваат скенови од черепите во обид да ја следат еволуцијата на мозокот. Во најстарите черепи на модерните луѓе, стари 300 000 години, се наоѓале издолжени мозоци кои повеќе наликувале на оние кај неандерталците отколку кај денешниот човек. Черепите на модерните луѓе од пред 120 000 години покажуваат дека мозокот станал позаоблен. Потоа д-р Ганц со својот тим проучувал черепи стари 36 000 години. Тие черепи биле заоблени како оние на денешниот човек.

Черепот на модерниот човек станал позаоблен затоа што се зголемиле одредени делови од мозокот. Тимот научници се обидел да открие какви генетски промени можеле да доведат до оваа промена. Кога ја напуштиле Африка, модерните луѓе стапувале во односи со неандерталците, а нивните деца наследиле сет хромозоми од двајцата родители. ДНК на неандерталците опстанала кај луѓето со неафриканско потекло. Дали таа влијаела на обликот на мозокот на модерниот човек?

Тимот на д-р Ганц испитал ДНК примероци од 4 468 луѓе во Холандија и Германија и 50 000 заеднички генетски маркери наследени од древните неандерталци.

Се издвоиле два генетски маркери. Едниот е поврзан со генот ПХЛПП1. Тој е необично активен во малиот мозок на луѓето со неандерталска верзија. Овој ген ја контролира продукцијата на миелинот, масна бела супстанца која ги обложува аксоните на нервните клетки кои се задолжени за комуникација во мозокот. Вториот маркер е поврзан со генот УБР4 кој е помалку активен во делот на мозокот што се нарекува путамен. УБР4 им помага на невроните да се одвојуваат во детскиот мозок.

Сајмон Фишер, коавтор на новата студија на Институтот Макс Планк, за психолингвистика во Холандија, има теорија дека, благодарение на активностите на овие гени, кај модерните луѓе еволуирале далеку пософистицирани јазични моќи. Тие исто така станале подобри при изработувањето орудија.

Извор: The New York Times

ОкоБоли главаВицФото