Нова книга за Мусолини, нова полемика во Италија

01.02.2019 01:16
Нова книга за Мусолини, нова полемика во Италија

Романот „М“ на Антоио Скурати за подемот на диктаторот Бенито Мусолини веќе со недели е на листата италијански бестселери. Книгата ќе биде адаптирана во телевизиска серија, а есенва романот го освои најголемиот светски саем на книги во Франкфурт.

„Во италијанската фантазија, Мусолини битисува како некој тотем; тој е фигура со раскошна харизма, перверзен татко на нацијата кого го потиснавме“, вели Скурати (49).

Популарноста на овој роман исто така во Италија го покрена прашањето за наследството на Мусолини. Оние кои го поддржуваат Скурати истакнуваат дека неговата книга е повеќе од потребен потсетник на злото на фашизмот, особено за младите луѓе. Меѓутоа, оние кои го критикуваат Скурати наведуваат дека воскреснувањето на Мусолини во 21 век претставува опасност, особено во време кога во Европа, исто како и во Италија, се избираат десничарски влади.

Со своите 839 страници и спартанските корици на кои е испишана само црната буква М на бела позадина, оваа книга впрочем ги брише границите помеѓу роман и историски учебник. Составена е од кратки, мошне детални поглавја испреплетени со исечоци од историски телеграми, новинарски статии, писма и полициски извештаи.

Сите цитати во книгата се земени од историски извори, а Скурати истакнува дека и внатрешните дијалози на ликовите се втемелени на истите извори.

Меѓу критичарите на романот има и такви кои сметаат дека неутралноста на наративот на Скурати - бидејќи романот се смета за прв роман во кој приказната за фашизмот е раскажана без никакви политички или идеолошки филтери - би можела да го претстави Мусолини како симпатичен јунак, наместо како историско чудовиште. Рут Бен-Гат од Универзитетот во Њујорк овој проблем го толкува како „симптом“ за рехабилитација на Мусолини.

„Историјата на фашизмот е историја на диктатури, обожување на водачи“, наведува таа. „Оваа книга е дел од тој феномен на оживување на култот на водачот“.

Меѓутоа, самиот Скурати, инаку самопрокламиран антифашист, објаснува дека неговата книга е токму антифашистичка лекција по историја преточена во роман.

„Ако фашизмот беше зло, доколку го донесе злото во Италија и Европа, тоа спонтано ќе произлезе во раскажувањето“, наведе тој.

Романот се отвора во деморализираната повоена Италија во 1919 година и го бележи неверојатниот подем на фашистите кој кулминира со говорот на Мусолини во парламентот 1925 година.

„Во одредена смисла тој и натаму е во срцето на италијанската свест“, вели Скурати. Во Италија, колевката на фашизмот, Мусолини никогаш не беше стигматизиран на начинот на кој беше стигматизиран Хитлер во Германија. Диктаторот познат и како Ил Дуче уживал огромна поддршка во своето дводецениско владеење, и покрај прогонот на антифашистите и Евреите кој го спроведувал. Некои Италијанци и денес се подготвени да му прогледаат низ прсти во име на општествената стабилност од фашистичката ера.

Антонио Скурати

Мусолини денес е помало табу од кога било. Матео Салвини, италијанскиот министер за внатрешни работи и претседател на владејачката партија, понекогаш го цитира фашистичкиот диктатор. Италијанските неофашистички движења кои привлекуваат сѐ повеќе млади луѓе, денес маршираат во Италија. Вилата на Мусолини во близина на Римини стана популарна дестинација за венчавки, додека неговиот гроб во градот Предапио го посетуваат илјадници туристи.

„Младите луѓе не потекнуваат од културата на фашизмот или антифашизмот. Тие се празни платна“, објаснува Антонио Трикоми, професор на Универзитетот во Урбин.

Меѓутоа, професорот Трикоми не е оптимистичен.

„Нема да ме изненади ако голем дел од читателите ја купат книгата затоа што им се допаѓа Мусолини“.

 

Насловна фотографија: Феј Стуртевант Линколн, Сенка од статуата на Мусолини, Париз 1937

Извор: Nedeljnik

ОкоБоли главаВицФото