Кој е фашист?

18.11.2022 01:38
Кој е фашист?

По речиси точно еден век откако фашистичкиот водач Бенито Мусолини го организираше Маршот на Рим и ја презеде власта во Италија, Џорџа Мелони, политичарката чија партија е далечен изданок на првите италијански фашисти, стана италијанска премиерка. Дали сме сведоци на враќање на фашизмот - политички феномен кој во периодот по 1922 година одекна далеку вон границите на Италија?

Нема ништо лошо во поставувањето на ова прашање, но лесното посегнување по зборот кој почнува на Ф на радикално десничарските лидери им овозможува да се бранат со тврдења дека нивните критичари се склони кон претерување, па веројатно оттука ги преувеличуваат и заканите за демократијата. Сосема очекувано, во првото обраќање во парламентот Мелони се потруди јасно да се дистанцира од фашизмот.

Сепак, размислувајќи за фашизмот денес мораме да имаме предвид дека тој историски поминуваше низ различни фази. Во денешна Европа и Америка нема фашистички режими, но несомнено има партии - меѓу нив и владејачки - кои со текот на времето би можеле да еволуираат во правец на фашизмот.

Како и другите системи на политички уверувања, фашизмот е способен да се развива. Денешниот либерализам не е она што беше пред 100 години, а современиот конзервативизам - кој не треба да се меша со реакционерните или само со ортодоксните ставови - смислата ја пронаоѓа во внимателно прилагодување на околностите кои се менуваат постојано. Таквите системи се дефинирани со темелни вредносни определби кои би требало да станат препознатливи со текот на времето. Либералите раскажуваат приказни за слободата, а конзервативците за опасностите од брзите промени и ограничувањата на човечкиот ум во обидите за трансформирање на општеството.

А фашистите? Пред сè, сите фашисти беа националисти и сите ветуваа национална преродба - односно, дека земјата повторно ќе ја направат голема. Но сите националисти не се фашисти; исто така, многу политичари со поинаква ориентација на гласачите им ветуваат некаков вид преродба. Она по што историски се издвојуваат фашистите се величањето на воените конфликти и борбената храброст, како и инсистирањето на строги родови, национални и расни хиерархии, со уверување дека различните раси се предодредени за вечни и смртоносни конфликти.

Денешната радикална десница очигледно настојува да ги обнови традиционалните родови улоги и хиерархиите и голем дел од енергијата ја генерира со строги политики на исклучување: оние кои се туѓо тело во рамки на нацијата мора да се потиснат, за со текот на времето да не го заземат местото на доминантните затворени групи. Но тука е и опасноста која доаѓа одвнатре: тоа се „либералните елити“ и малцинствата - секој што не му припаѓа на она што радикално десничарските популисти го нарекуваат „обични луѓе“.

Таквите политики на исклучување не мораат нужно да бидат здружени со глорификација на насилството и конфликтот како начин на мажите (вообичаено се работи за мажи) да им пружи смислен, дисциплиниран, херојски живот. Глорификацијата на насилството произлезе од општата мобилизација во Првата светска војна, кога Мусолини ја славеше „ровократијата“: аристократијата на храбрите војници кои се збратимиле во рововите - наспроти денешните викенд војници кои војуваат со тастатури. Кога заврши војната Мусолини продолжи да го применува насилството во земјата. Исто така, подемот на Хитлер не можеме да го разбереме надвор од контекст на суровите десничарски милиции настанати во Германија на почетокот од дваесеттите години.

Не е случајност тоа што фашистичките режими настануваа во земји кои се поразени во војната (случајот со Германија) или се чувствувале поразени (Италија). Не е случајност ни тоа што фашистичките режими порано или подоцна започнуваа нови војни, за разлика од традиционалните авторитарни режими кои не би сакале да го мобилизираат граѓанството.

Денес изостанува сеприсутна атмосфера на насилство. Да, ветераните се натпросечно застапени во насилните кохорти на радикалната десница и нивните лидери придонесуваат за она што филозофката Кејт Мен го нарекува „прелевање на агресијата“. Но дури и онаму каде радикалната десница ќе ја освои власта, нејзините претставници се обидуваат да го демобилизираат граѓанството и да остварат мирен соживот со конзумеристичкиот капитализам.

Дали тоа значи дека дебатата за фашизмот треба да запре? Тоа би било избрзано. Како што покажа истакнатиот историчар Роберт Пакстон, фашизмот се развива поминувајќи низ разни фази. Според денешното најшироко прифатено мислење оштетените демократии во 20 век вообичаено исчезнуваа со насилни државни удари, а демократиите од 21 век почесто се жртви на амбициозни авторитативни фигури кои со суптилни законодавни манипулации практично оневозможуваат промена на власта. Не е лесно да се воочи таквата автократизација - што е грд, но неопходен неологизам - и затоа таа е многу поопасна.

Но со оваа споредба се занемарува фактот дека фашизмот - и покрај глорификацијата на насилството - често не мораше да прибегнува кон насилство за да ги оствари поставените цели. Мусолини не маршираше во Рим. Допатува во вагон за спиење од Милано, а кралот и традиционалната елита му ја предадоа власта со надеж дека ќе запре политичкиот хаос во земјата во момент кога се чинеше дека никој друг не може да го направи тоа.

Исто така, се заборава дека Мусолини со години владееше во структурите на италијанската демократија, дури и со помош на значителен број самопрогласени либерали во својот кабинет. Практикуваше стил на владеење кој денес е познат како „автократски легализам“. Се држеше до словото на законот, но го кршеше неговиот дух; или донесуваше нови закони на начин кој беше исправен процедурално, но владеењето на еден човек го поставуваше над владењето на правото. Да нема забуна, имаше и ужасно насилство - најпознат пример е убиството на социјалистичкиот политичар Џакомо Матеоти. Но Мусолини отворено настапи како диктатор дури во 1925 година. (Хитлер од првиот ден на местото канцелар јасно покажуваше претензии да оствари тотална расистичка тоталитарна власт.)

Поистоветувањето на денешната радикална десница со фашизмот нема основа како политички суд. Но мораме внимателно да следиме како се развива радикалната десница. Преминот во фашизам - во отворено прокламирање авторитаризам и глорификација на насилството - може да се одигра мошне брзо или може да трае мошне долго. Во секој случај, најважно е секогаш да се внимава на ставовите на традиционалните елити. Тоа е една од лекциите од времето на подемот на фашизмот на Мусолини која до ден денешен не ја разбравме доволно.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Marian Kamensky

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото