Продуцентот на „Медена земја“, Георгиев ја повика владата да го исчисти воздухот

04.02.2019 03:12
Продуцентот на „Медена земја“, Георгиев ја повика владата да го исчисти воздухот

„Што друго да се каже? Нашата мала земја е навистина желна да ја испрати оваа порака до Владата: Ве молиме да го исчистите воздухот на најзагадената земја во светот“, рече продуцентот Атанас Георгиев, кога свечено му беше доделена Главната награда од жирито на затворањето на најголемиот светски фестивал на независен филм „Санденс“, во Парк Сити, Јута.

„Денес нашата планета се соочува со најголемите предизвици за животната средина. Нашето општество, нашиот род, се соочува со најголемите морални предизвици… Една од најголемите причини за ова е што се користат неодржливи извори. Веруваме дека нашиот главен лик покажува јасен автентичен принцип за споделување меѓу луѓето и природата“, рече режисерот Љубомир Стефанов примајќи ја Специјалната награда од жирито за влијание за промена.

Македонскиот документарец „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска освои три награди на најголемиот американски фестивал на независен филм Санденс, меѓу кои и Главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда од жирито за влијание за промена за Котевска и Стефанов како и Специјална награда за камера за Фејми Даут и Самир Љума.


„Медена земја“ („Honeyland“) раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.

Автори на музиката на „Медена земја“ („Honeyland“) се членовите на групата „Фолтин“, музички супервизор е Рана Еид од „ДБ Студиос“ (DB Studios) од Бејрут. Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.

 

(Изјавата на продуцентот на „Медена земја“, Атанас Георгиев е на 1:30:44)