Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (14)

19.02.2019 14:37
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (14)

Тихомир Јанчовски, Лидија, или сѐ што знам за жените (самостојно издание)

 

Лидија,

Ти кажав дека не си ми прва муза. Оваа првава реченица звучи како да ѝ се исповедаш на некоја со која сте за озбилно, за тие што си ги имал пред неа. Сум имал и други пред тебе. (Леле, колкумина само ја имаат изговорено оваа реченица?) Со тие, со кои сум немал ништо телесно, до ден денес сме пријатели... баш знам дека ми мислат и сакаат добро, како и јас на нив. Некогаш, кога ќе се сретнеме, може да се случи и да се потсетиме, па им велам, памтиш ли кога ти напишав книга? О, колку мислев дека те сакам тогаш. И тие главно се смешкаат, памтат, како не би памтеле... и мило им е. Нема жена што не сака да била нечија инспирација, особено на уметник, таква не постои. Со самото свое постоење, да навела некого да ја види совршена, и таква да ја опее... или наслика... или што и да е. Има и друг вид инспираторки, жени што носат вдахновение, кога се покрај тебе, со силата на нивната љубов предизвикуваат да можеш да направиш дела за кои претходно ти не си имал сила, или ти се чинеле невозможни. Таквите се земаат за жени. А, музите... не. Тие се „феерично присуство“, што би рекол Блаже. Сепак, и покрај сѐ, прекрасно е да си муза некому, особено ако тој умее да гледа, а може да те види таква (не измислена или идеализирана) каква што ти навистина си. Каква што си - не во своите очи, или во очите на другите - туку во очите на некој што гледа и зад работите, и ти го гледа вистинскиот лик, и тој лик е преубав. Кај сите луѓе, кај сите жени. Секој човек, ама баш секој, е повикан на совршенство. И секој, преку својот живот, тој огромен дар што му е даден, може да стаса таму. Со свој напор, и со помош од небото, некои и стасуваат. Доволно е да се луѓе, доволно е да бидеш човек, да не правиш лошо никому, да го чистиш злото во себе, да гледаш да помогнеш секому, ако можеш, и да гледаш барем да не одмагаш, ако не можеш друго или поинаку. Периодично имам способност да ги гледам работите не какви што се, туку какви што можат да бидат. Со предметите е полесно, со луѓето е тешко. Еве, кога ја купував куќава во којашто сум сега, тој стариот газда ми ја покажуваше, и ме носеше кај базенот. Тоа му беше главниот адут за продавањето и цената. Ми вели, види ... базен. Базенот, одвратен. Внатре пластични шишиња, усмрдена вода пола метар, крекаат жаби, пораснала трска, удавен глушец , албино гуштер... Го тргнав погледот и му велам, страшно. Овој ме гледа во недоумица. Мисли, базен, светска работа, фенси, тоа сите го сакаат. Јас се свртев на другата страна, и му покажав со рака: дворот е убав! Тој: Шо, дворот... двор. Тој двор беше широк, со израснати дрвја, со лозје... ама ептен запустен. Тревата беше толку висока и пожолтена што се поврзала со гранките од дрвјата, сѐ беше спечено и запуштено, негледано, жално ... ама јас можев да го видам каков ќе биде. Спастрен, исчистен, потстрижан, напоен ... како да гледав болен и сиромав човек кому само малку треба да му се помогне за да застане на свои нозе, а после ќе е и подобар од другите, од оние што го жалат или одбегнуваат.

 

Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.