Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (25)

06.03.2019 12:31
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (25)

 Давор Стојановски, Утеха за голите (Или-или)

 

Кога одново стигнав тука во Скопје, по толку години, моето присуство ми побуди силно чувство на нереалност, особено кога помислив дека во мигот на мојот овдешен престој во минатото, тоа беше сосема друга држава, а и јас тогаш ѝ припаѓав на земја што повеќе не постои.

На олимпијадата бев претставник на тимот на Источна Германија, а овој Град на солидарноста, како што го нарекуваа тогаш, беше дел од Југославија.

Таквата помисла ми оддаваше впечаток дека моите спомени, и самиот јас во нив, не му припаѓаме на светов. Се чинеше како минатото повеќе да не постои, па дека сега се обидувам да утврдам дека навистина сум бил тука. Или можеби сегашниот јас беше оној што го нема во градов.

Сè говореше во полза на моево чувство. На пример, мојата невидливост.

Уште кога се појавив на аеродромот, кога се пријавив во хотелот, кога ги разгледував партиите меѓу пензионерите во паркот, па и додека шетав по улиците, останував непрепознаен, мојата слава беше лишена од потврда, па затоа ми беше лесно да се почувствувам како да сум невидлив.

Се разбира дека немав желба да ме препознаат, не ми пречеше што останав да чекорам наоколу во тајност за мојот идентитет, најпосле – свесен сум колкав интерес има обичниот народ за шахот, не само овде, туку и пошироко.

Со исклучок на ретките љубители на играта, како и на оние што професионално се занимаваат со неа, не смеам да си создавам илузии дека на улица ќе покажат со прст на мене, ќе воздивнат од восхит за моите успеси, освоени титули и незаборавни потези, затоа што таквото барање би било недолично, освен, можеби, ако не си извикан и медиумиски присутен светски шампион.

Способноста однапред да се пресметаат потезите во шахот, всушност, наликува на гледање во иднината. Додека во умот ги пресметуваш комбинациите, пред тебе ги снемува фигурите, гледаш низ нив, ги гледаш преместени на друго поле од она на кое во моментот се наоѓаат на таблата. Потезите се најпрвин невидливи, пред јасно да бидат повлечени.

Навистина, во шахот секогаш бев соочен со нешто невидливо.

Но во животот беше сосем поинаку.

Цело време додека сум ѝ бил посветен на играта, гледајќи во невидливите нишки на комбинациите, покрај мене растел некој дел од мене, напоредно со мене, кој немав способност да го насетам како што ги насетував потезите во шахот.

Останал невидлив. Како вирус, како магнетно поле, како радиоактивни зраци.

Или како нашата кожа, сè уште видлива, која најпосле станува провидна како минатото, за на крајот да го открие тоа што го криела – скелетот на празнината.

Со мојата невидливост знам како да се справам, но со онаа на мојот син – не сум сигурен дека ќе успеам. По триесет и четири години сум повторно тука за да научам како да постојам во светот на мртвите нешта.

Цвета Спасикова, Ирис на фортуната (Дата песнопој)


Излегував во едно кафуле во кое имав фатено маса во аголот, од кадешто преку прозорецот ги гледав сите кои влегуваа и излегуваа и оние што се движеа надвор. Понекогаш ми се придружуваше по некој пријател на кафе муабет, а навечер излегувавме со дружината. Кафулето во кое седам, личи на етно кафеанче, кое е украсено со килимчиња, со мерак ткаени од дарбалија рака, можеби за невестински чеиз. Овде возбудата е поголема за повозрасните, кои го чувствуваат тоа подалечно време, зашто растеле со тие фути, елеци, кошули, капи и шамии, сега пак се во мода. Ова е инспиративно и за поетите, кои црпат инспирација од минатото на нашиот македонски народ.

Тој суден ден, во аголот седев како зрел младич со дваесет и пет лета, а во полумракот забележав силуета на млада жена која во тој мрачен простор зрачеше со својата појава. Седеше сама крај масата со шест стола. Дали очекува друштво, или сака да заборави лоша случка? Ова е време на трач принуди, кои ги разделуваат паровите или, пак, ги зацврстуваат врските, тоа зависи од многу околности.

Јас штотуку ја завршив претходната врска и почнав да живеам за девојката на која не ѝ го знаев ниту името, ниту минатото. Доаѓав секој ден и чекав да ја видам во темниот агол крај масата со шест стола, сакав да видам, дали има принц што ќе ѝ се придружи. Наеднаш, се втурнаа другарките, весели и среќни, се гушкаа, се бакнуваа, бурно разговараа, како да се средношколки, сепак ова создаваше пријатно блаженство на духот. Сега ѕвонливо се смееше таа убавица, додека другарките раскажуваа некоја случка. На излегување слушнав: „Ајде, Јасна!“

Таа доаѓаше прва, вадеше пенкало и нотес, а последна заминуваше, собирајќи го приборот од масата. Се вика Јасна, името ѝ одговара на темпераментот.

И денес, околу пладне, девојките се втурнаа во кафеанчето, не знам што ги врзуваше овде, ама беа весели, вадеа некои книги, читаа стихови, како да доаѓаа на литературен кружок и се смееја со ѕвонлив глас. Изгледа сè уште гледаат со розови очила, а јас одамна ги заменив со моите дваесет и пет лета. Келнерот им донесе густ сок, занесено читаа и пиеја со цевките, потоа заминаа исто така ѕвонливо, како што и дојдоа. Јас останав да седам и да размислувам, кога влезе Кристијан, мој драг пријател со кого се напивме кафе и поразговаравме за девојките кои излегоа. Тој кусо прокоментира: „Такви се средношколките, Мишко!“, и не им даде некакво посебно значење. Можеби не ги виде. Потоа излеговме да прошетаме на свеж воздух.

Се приближуваше крајот на учебната година, а јас, по навика, кога се враќав од работа, навраќав во кафулето кое дење служеше чорба, седев на масата и размислував. Кафулето, дење беше празно, навечер полно. Седев и гледав во аголот, денес Јасна ја немаше во редовниот термин. Чекав, ама аголот остана празен и баш кога решив да станам и да заминам, девојките се втурнаа во кафулето. Беа облечени во бели везени кошули и венци од боливач - попадиче на распуштените коси, беа среќни како самовили. Во овој етно амбиент се вклопуваа како да му припаѓаа на тоа етно време. Веројатно, доаѓаат од претстава или проба. Испија по еден сок и заминаа. Го прашав келнерот за нив, додека ми наплаќаше, рече: „Остави, средношколки...“ Станав и заминав, не е можно да сум се затрескал во средношколка!?


Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.