„Заследи ме“ и „Потрага по загубениот гроб“ (извадоци од романите)

18.04.2023 14:49
„Заследи ме“ и „Потрага по загубениот гроб“ (извадоци од романите)

„Заследи ме“, Јордан Коцевски, „ПНВ Публикации“

„Мислам дека идејава ти беше супер“, рече Татјана додека седнуваше на клупата. „Ќе ни помогне на сите да добиеме повеќе следбеници“

Посебно тебе, помисли Марина, а рече: „ И јас така мислам. Искрено ти должев извинување за забавата и така се досетив на вакво нешто.“

„Срц, и да не го организираше ова за мене, знаеш дека ти простив.“

„Знам, знам, но се чувствував должна. Не сакав да мислиш дека намерно те исклучив, ги следев само правилата на организаторите. Секако Нина и Андреа сакаат да се дружат со тебе, а меѓу другото им се допадна и идејата.“

„Мислам дека требаше да го викнеш и Дими.“

„Не е тој по снимањето видеа каде што не е центар на внимание. А правење пет транзиции во триесет секунди би биле премногу.“

„Во право си“, рече Тања и двете замолчеа.

„Што сакаше да ме прашаш пред да седнеме?“

„Молам?“

„Почна нешто да ме прашуваш и те прекинав.“

„Да. Мислам дека ти би требало да знаеш.Дали може да се испрати SMS - порака преку интернет, а да изгледа како да е пратена преку телефон?“

„Може, но исклучиво преку страната од провајдерот.“

„Преку други страни не може?“

„Не. Мислам, можеш да пуштиш порака, но нема да биде примена како од твојот број. Зошто?“

„Ме интересираше да знам ако ми затреба. Фала.“

„Ништо.“

Ваквиот одговор, што дојде од лице кое помина три години работејќи за мобилен оператор, несомнено беше точен. Токму затоа и ја замисли. Знаеше дека на страницата на операторот нејзиниот број е регистриран со лозинка што
таа ја внесе.Тогаш, како е испратена пораката? Некој што ја знае нејзината лозинка. Или некој што го хакирал нејзиниот профил за да влезе и да испрати порака како неа. Или можеби има некој друг начин што не ѝ е познат.

Го извади телефонот и погледна кон него. Дружењето што го организира, не беше само за Татјана, туку и за неа, за да престане да размислува на проклетата порака. Воздивна и ја исправи главата. Очите ѝ застанаа на еден од големите лавови на фонтаната „ Воин на коњ“. Лавот не беше заинтересиран за војниците со долги копја зад него, ниту пак стравуваше дека Букефал ќе го прегази. Мирно гледаше во далечината како да чека нешто. Неколку воздишки
остана залепена со погледот во лавот, окупирајќи ги мислите со претпоставки што би можел лавот да чека. Сѐ додека не ја забележа сенката на високата статуа која на утринското сонце изгледаше како да се протега по целиот
плоштад. Помисли дека доколку би направиле круг со цртички на мермерот, сенката би можела да покажува колку е часот.

„Здраво Марина“, ја прекина познат женски глас, „Татјана.“

„Здраво Андреа“, го врати поздравот Марина.

„Навреме доаѓаш,“ рече Татјана и се помести за да ѝ направи место да седне на средина. „Седни додека ја чекаме Нина.“

„Ако воопшто се разбуди“, коментираше Марина. Андреа ѝ упати поглед, кој Марина го протолкува како разочарувачки. „Се шегувам, си пишавме веќе. Будна е и на пат за ваму.“

„Ќе ја чекаме или ќе испланираме и да се поставиме?“, праша Андреа.

„Не знам“, рече Татјана, „зависи што има замислено Марина.“

„Мислев да направиме четири ‘рилс’. Првото да го снимаме овде, со статуата на Александар во заднина. Сакам да направиме транзиција на видеата со фрлање чанта. Второ видео мислев да снимаме, на пример, на Камен мост со вртење... Затоа ви реков и фустани да носите.“


„Потрага по загубениот гроб“ Панче Коцев, самостојно издание


„Момци, да започнам со моето излагање“, рече Метју. „Ако речам дека престанав да работам на оваа проблематика, ќе излажам. Секој ден се присетувам на нашиот договор и на нашата мала студентска група од Факултетот за археологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Не поминува ден а да не ми помине Александар Македонски низ главата, а верувам и на вас. Истражував, и сѐ уште истражувам за него. Можам да кажам дека сум на добар пат и дека со ваша поддршка ќе успеам да дојдам до целта.“, со многу самодоверба започна Метју, кој делуваше дека е сигурен во пронаоѓањето. Впрочем, тој е еминентен професор од светски рамки, кој се има истакнато како во археолошката теорија така и на полето на практиката. Неговите тимови имаат откриено многу значајни артефакти и многу нови археолошки локалитети, па неговото име секако би било на листата на археолози кои би можеле да ја откријат и оваа вековна тајна.

„Животот и делата на Александар биле запишувани уште во времето на неговиот живот. Тоа најпрво го правеле писарите кои патувале со него и правеле записи за секој негов потег. Аристотеловиот внук, Калистен од Олинт,
Евмен од Кардија и Диодот од Еритреја воделе дневници за неговиот секојдневен живот. По неговата смрт и неговите соборци и генерали Птоломеј I Сотер, како и Аристобул и Неарх напишале мемоари, врз основа на дневникот воден од Калистен. За жал, овие дела се изгубени или уништени.Се надевам, дека се само сокриени од очите на јавноста и дека еден ден повторно ќе се појават и ќе ни посведочат за правиот Александар. Неколку века подоцна римско – хеленските автори Аријан, Плутарх, Јустин, Квинт Куртиј Риф и Диодор од Сицилија напишале книги за него користејќи различни извори на информации, пред сѐ од делата на александриските автори кои речиси и да не го познавале Александар.

Најверодостоен овде е Аријан,кој успеал да пронајде делови од калистеновиот дневник и творел на негова основа. Но, ако знаеме дека Аријан живее од крајот на првиот век до средината на вториот век од новата ера, не е тешко да забележиме дека имаме празен простор од околу петстотини години кој ни укажува на тоа дека не треба ни нему слепо да му веруваме. Во преписите и во преводите сигурно значително е изменета содржината на неговото дело. И не само на неговото, туку и на делата на останатите автори кои исто така живееле неколку векови после Александар и твореле на јазик различен од тој на кој пишувал Калистен.“

„И сега, врз основа на што ќе ја започнеме теренската истрага?“, зачудено праша Константин.

„Немаме други извори, ќе мораме да ги користиме спомнатите автори и нивните дела, но не треба докрај да бидеме доследни на нив. Ако некаде интуицијата ни вели друго, ќе треба да ја послушаме.

Често ќе треба да се обидеме да влеземе во главата на Александар и на неговите современици, да пробаме да се вратиме назад во времето и да го разбереме нивниот начин на живот. Првите две прашања кои треба да ги одговориме се: „Како сакал Александар да биде погребан и каде сакал да биде погребан?“, праша Метју, замислен, погледнувајќи ги двајцата другари.

„Сакал да има величествен погреб или тоа го сакале неговите генерали? Ќе треба да ја испитуваме неговата волја или волјата на генералите, не сум сигурен до кој момент тие му биле лојални“, се вклучи Константин во
дискусијата.