Фобии на филм

07.03.2019 07:53
Фобии на филм

Хорор-филмовите можат да бидат суптилни и речиси бескрвни или шокантно брутални и експлицитни. Тонот исто така варира – од црнохуморен до смртно сериозен. Правила и обрасци постојат, но само за да бидат модификувани и кршени. Рецепт за добар хорор-филм не постои – освен што навистина успешните остварувања што му припаѓаат на овој жанр мораат да го здрмаат гледачот и никако не смеат да го остават рамнодушен. Ако се осврнеме на некои од најзначајните наслови настанати во рамката на хорор-жанрот во текот на последните сто години, ќе забележиме само еден заеднички именител. Што ги поврзува филмовите како што се Носферату, Тексашки масакр со моторна пила, Психо, Истерувач на ѓаволи, Бебето на Розмари, Кери, Суспирија, Сјаење, Ноќ на вештерките, Ноќ на живите мртовци, Нешто (The Thing) или Мува? Во секој од овие класици животите на ликовите што живеат во нив се постојано загрозени. Смртта во хорор-филмовите не е гостин, туку домаќин. Крвопролевањето неретко има катарзична функција. Посматрајќи ги погибијата на малиот екран или на големото платно, ние од безбедна оддалеченост се запознаваме со она што најмногу нè плаши и нè вознемирува.

Стравот од смртта (танатофобијата) е, секако, погонското гориво на секој хорор-филм. Во длабочината на битието сме свесни дека смртта е неизбежна, дека сите, без исклучок, нè чека на крајот од патот. Сепак, не е лесно да се сфати дека порано или подоцна ќе затропа на нашата врата или на вратата на некој што ни е драг. Смртта е нешто што им се случува на другите, се тешиме. Затоа хорор-филмовите претставуваат некој вид подготовка за тоа што сите нас еден ден нè очекува – посматрајќи ја од дистанца оркестрираната смрт на филмските ликови, ние до извесна мера ја демистифицираме смртта, го смалуваме стравот од непознатото. Впрочем, не е случајно што во многу хорори физичката смрт не значи истовремено и конечен крај, потонување во потполна небиднина од која, длабоко верувам, луѓето најмногу се плашат. Духовите, вампирите, па дури, во помала мера, и зомбијата, се некој вид доказ, па макар и лажен, исконструиран, дека смртта не претставува дефинитивен крај, потполно гаснење. Можеби на прв поглед тоа не изгледа така, приказите на „животот по смртта“ во хорорите на некој начин се утешителни. Секако, не треба да се заборави дека многу хорор-филмови се гледаат првенствено поради сцените со крвопролевање. Секако, тоа е прилично перверзна причина, а пак не е тешко да се сфати. Луѓето понекогаш уживаат во страдањето на другите, но тоа не е сè. Како што во срцето на грчката трагедија се наоѓа ритуалот („смртта“ на ликовите се доживува како некој вид жртвување), така и хорор-филмовите за современата публика претставуваат некаков вид вентил, барем на потсвесно ниво ќе ви се чини дека смртта ја заситила, барем засега, својата глад – дека „жртвата“ е принесена и дека останатите се привремено безбедни.

Стравот од смртта е – како што Фројд уште одамна има дефинирано – „татко на сите стравови“, но фобиите се јавуваат во огромен број вариетети. Хорор-филмовите првенствено ги движи споменатата танатофобија, но таа фобија е само површинска. Луѓето се генетски предодредени и условени да се плашат од најразлични работи... Има некои, низ призмата на мнозинството, навистина ексцентрични, дури и комични стравови (алектрофобија – страв од пилиња, аулофобија – страв од флејти, галифобија – страв од Французи, погофобија – страв од туѓа брада...), но и оние со кои многумина можат да се поистоветат. Да тргнеме од никтофобијата, страв од темнина. Не е случајно што најстрашните сцени во повеќето хорори се случуваат токму во текот на ноќта. Во некои филмови е искористен и пристапот „шок сред бел ден“, но, главно, највпечатливите сцени се токму оние што се одигруваат ноќе, под превезот на темнината. Стравот од темнината е најизразен во детството кога се плашиме дека под креветот или во шифоњерот се крие чудовиште. Секако, тој страв во основа е сосема ирационален, но тоа не е некоја утеха – особено ако имате пет години. Со растењето, стравот од темнината постепено се смалува и бледее, но ретко кога исчезнува во целост. Хорор-филмовите често веќе во насловот го потенцираат овој страв. Познато е дека хорор-филмовите во насловот често ја имаат именката „ноќ“ (Ноќ на живи мртовци, Ноќ на демони, Ноќ на стравот) и придавката „мрачен“/ „темен“. Стравот од мракот добро се комбинира и со други стравови – да се сетиме само на Ужас од длабочината (The Descent) каде што Нил Маршал многу ефектно ја комбинира никтофобијата со клаустрофобијата.

Еден од најчестите стравови е токму стравот од затворен простор. Движењето на ликовите во хорор-филмовите е често ограничено – тие неретко се заробени на некој вид остров отсечен од остатокот од светот (Antropofagus, Mamula), или сплетот на околности ги доведува до изолирано здание од кое не можат да побегнат (Апсурд во куќата на стравот, Куќа на проколнатиот рид, Халуцинации). Сепак, дури и тогаш, можноста за движење постои. Колку е просторот во кој се наоѓаме помал и колку подлабоко под земја се наоѓа – ужасот е сè поголем и поголем. Во својата најекстремна форма, клаустофобијата може да биде навистина ужасна. Има ли нешто пострашно отколку да се биде жив закопан (тафофобија)? Овој мотив го користел уште Едгар Алан По во своите познати раскази Предвремениот закоп и Пропаста на куќата на Ашерови, а подоцна го презеле и филмаџиите – Вилијам Кесл (Macabre), Вес Крејвен (Змијата и виножитото), Лучио Фулчи (Градот на живите мртовци). Стравот од височина (акрофобија) е еден од најраспространетите, па со самото тоа и чест во филмовите – како во хорорите, така и во другите жанрови. Можеби најпозната филмска илустрација на акрофобијата е онаа што е прикажана во Хичкоковото ремек-дело Вртоглавица, а клучно место зазема и во Харлиновата акција Алпинист. Што се однесува до хоророт, стравот од височина е ретко главно јадење, но често се користи како зачин. Убијците своите жртви често ги туркаат низ (по можност затворен) прозорец, а неретко и самиот убиец страда така што ќе падне или ќе биде турнат во амбис.

Изгледа дека не постои животински вид што, на овој или на оној начин, не е искористен како закана во некој хорор-филм. Луѓето се плашат од животни (зоофобија), па не е чудно што ликовите во хорор-филмовите се тероризирани од мечки, крокодили, пирани, стаорци, лавови, лилјаци... Но, тоа не е сè... Својата темна страна ја покажале и куќните мачки, жабите, зајаците, голите полжави... Ако на тоа ги додадеме и инсектите (мравките, црвите, пчелите, бубашвабите...), бројот на вакви филмови е навистина импресивен. Сепак, покрај ајкулите и змиите (од кои, впрочем, и се очекува да бидат опасни), во филмовите луѓето најчесто се напаѓани од кучиња и пајаци. Арахнофобија е страв од пајаци, а истовремено и наслов на филмот на Френк Маршал во кој смртоносни пајаци тероризираат идилично американско гратче. Пајаците се чести гости во хорор-филмовите – понекогаш се тука само како „епизодисти“, се појавуваат во една или во две сцени (сигурно не сте ја заборавиле средбата на младата Шерон Стоун со пајакот во Крејвеновиот Смртоносен благослов или нападот на тарантулата во Од онаа страна на Фулчи?), но често им се паѓа да бидат и главни негативци – макар што најчесто во изменета, мутирана форма (Пајаците напаѓаат!, Инвазијата на џиновските пајаци, Тарантула...). За кучињата се вели дека се најдобрите пријатели на човекот, но... Многумина смртно се плашат од овие четвороношци. И тоа со целосно право. Не треба да се заборави дека многу поголеми се шансите да ве касне куче, отколку да ве нападне ајкула. Кинофобијата е експлоатирана во многу филмови, а секако еден од најпознатите е Куџо, снимен по истоимениот роман на Стивен Кинг во кој бесен бернандинец тероризира мајка и син заробени во еден автомобил, макар што има уште доста слични филмови (Глутница, Кучиња, Најдобриот пријател на човекот, Ротвајлер, Раса...).

Во светот во кој физичката убавина е една од најважните вредности, стравот од грдотијата е неизбежен. Какофобија е предмет на интерес на многу филмови. Можеби и најдобриот филм што се занимавал со оваа тематика е францускиот класик Очи без лице, макар што овој мотив може да се најде и во многу други остварувања – особено во оние што се вдахновени или засновани на животот и злосторствата на унгарската грофица Ержебет Батори (Грофицата Дракула, Валпургиска ноќ...) Во сите тие филмови е присутен (најчесто неуспешен) обидот младоста и убавината да се зачуваат и/или да се вратат; и смртта, макар и привремено, да се прелаже и да се избегне. Не е тајна дека страшните филмови ја негуваат естетиката на грдото. Чудовиштата во хорор-филмовите по правило се гротескни и изобличени, најчесто зад петиците на некоја убава девојка. Хорор-филмовите најчесто претставуваат хиперболизирана алегорија за неумоливоста и неизбежноста на смртта, па во нив, баш како и во стварниот живот, секоја победа е само привремена. Некои режисери (Дејвид Кроненберг, Ридли Скот и Џон Карпентер, на пример) успеваат во своите филмови да ги поместат границите – на чудовишното да му вдахнат одреден степен бизарна убавина. Да се сетиме само на Осмиот патник (Alien) или на римејкот Нешто – чудовиштата во овие филмови се неспорно ужасни и смртоносни, но истовремено фасцинираат со својата гротескност и различност.

Сомнифобијата (стравот од спиење) претставува мотор на долговечниот серијал Кошмар во Улицата на брестовите. Фреди Кругер (Роберт Инглунд), демонот што своите жртви ги демне и ги убива во нивните соништа, во текот на осумдесеттите стана попкултурна икона и едно од најпрепознатливите лица на модерниот хорор. Ониричните елементи се покажаа како многу добри, па сценаристите можеа да ја ослободат фантазијата. Серијалот, како што обично се случува, имаше свои подеми и падови, но Фредиевиот modus operandi не се менуваше – своите жртви ги напаѓаше во соништата и најчесто со нив се поигруваше пред да ги убие. За разлика од повеќето други убијци од хорор-филмовите, Фреди поседува способност да ѕирне во умовите на своите жртви и да ги искористи нивните стравови за, пред конечниот удар, да го засили своето садистичко уживање. Така, на пример, во петтиот дел, анорексичната манекенка Грета (Ерика Андерсон) ја клукаше насила сè додека несреќничката не се задуши – а слични примери има уште доста во серијалот. Успехот на Кошмар во Улицата на брестовите роди уште многу копии, но ретко кој од тие филмови успеа да се приближи дури и до најслабите делови на серијалот што го започна Вес Крејвен.

Некои доста ретки/необични фобии одлично се имаат вклопено во хорор-жанрот. Стравот од деца (педофобија) е присутен во филмовите како што се Лошо семе, Претскажување, Деца на пченката, Гробишта за домашни миленици, Селото на проклетите... Додека, на пример, стравот од кловнови (кулрофобија) доживеа свои хорор-обработки во насловите како што се Тоа (мини серија по истоимениот роман на Стивен Кинг; како и кинофилм во режија на Енди Мускети), Куќа на кловнови, Куќа на илјада трупа или четвртата сезона на Американски хорор-приказни.

Фобиите очигледно се многу инспиративни за филмските уметници – на IMDB се наведени стотици филмови, главно хорор, во чиј наслов се спомнуваат зборовите „фобија“ или „страв“. Меѓу нив се наоѓа и еден, денес речиси потполно заборавен филм. Станува збор за остварување од 1980 година што го режира легендарниот Џон Хјустон, човекот што ги сними класиците како Малтешки сокол и Богатството на Сиера Мадре. Во почетокот на осумдесеттите кариерата на Хјустон очигледно била во сериозна криза – што се гледа и во Фобија. Станува збор за канадска продукција, рутински трилер со елементи на слешер, филм што и не е толку лош колку што е незапамтлив, блед и непотребен. Заплетот е доста едноставен – фобичарите, пациенти на угледен психијатар, ги убива некој така што ги користи нивните најголеми стравови. Ако пациентот се плаши од височина – ќе умре паѓајќи од висока зграда, ако се плаши од змија – ќе умре од угриз на змија и слично. Всушност, почетната идеја и не е толку лоша. Подоцна, на пример, на многу поефективен начин е разработена во епизодата на Дилан Дог Испишано со крв (регуларна серија број 47), но реализацијата е далеку од задоволителна – филмот е успешно завршен и не е доволно возбудлив. Покрај тоа, ликовите се еднодимензионални и крајно неинтересни. Почитувачите на опусот на Хјустон постоењето на Фобија главно го премолчуваат, а не постои ни званично DVD издание – филмот е достапен само на пиратски VHS рип со сомнителен квалитет. Ова најголемо промашување во кариерата на Џон Хјустон сосем убаво би можело да послужи како илустрација за фобијата на која се подложни само режисерите – страв од снимање лош филм.

Извор: libartes.rs
Превод: Ѓ. З.