Вие, докторе Мартин

09.04.2019 17:45

Вие докторе Мартин, си имате лежерна црта,
шеткате од вашиот појадок до нечие лудило.
А јас сум заитана низ антисептичкиот тунел
во кој жив мртовец напинал коски, се бунел,
против принудната терапија, одвратна и дрта.
Јас тука сум кралица, а не би ве ни зачудило
ако сум засмеана пчела врз цветот на смртта.

Ние построени чекаме на испрекинатите линии
дур врата да ни отворат и да нѐ пребројат добро
за влез во уштирканите манири на главниот оброк.
Во костуми од насмевки, одобрение ни е речено,
во хорски редови седнуваме пред нашите чинии
кои ѕивкаат ко школска креда или бесни еринии
додека макаме и гребеме сок од месото печено.

За да се заколам ножови нема, целта е да се смирам,
затоа цело претпладне еден куп мокасини шнирам.
За изработката на почетокот бев како да сум фатена,
се потресував за животите со кои таа кожа е платена.
Сега научив како прстите да ги повратам од скукот:
на оној што со гневен протест ми го пара слухот
му велам „на друг прст утре ќе му го кршам духот“.

О, јас ве сакам; на пластелинското небо на нашиот блок
вие сте надвиснале озгора и знам дека немаме друг бог,
вие на сите итреци сте им кнезот и џокер во секој шпил.
Нашите џумкосани чела се нови а не како во „Џек и Џил“,
таа детска песничка вие наредивте да се пее во џез‒стил.
Во нашите ќелии каде спиеме или плачеме барајќи спокој
врз нас осветлувачки и грижливо бдее вашето трето око.

Овде, како големи деца сме ние, посебна каста.
Во најдобрата клиника, и јас највисоко растам.
Ваш бизнис се луѓе, за најулавите нудите азил
кој е пророчкото око кое гнездото ни го пази.
Ходничкиот разглас ве сврте накај нова станица ‒
свлечиштето од итри дечиња преминало граница:
како поплави на живот си играат сува лизганица.

А ние сме магионичари за зборување сам со себе,
викотно јавно или осаменички спикани под ќебе.
Јас сум кралица на сите мои заборавени гревови.
Сеуште ли сум загубена, со испопукани шевови?
Порано им бев убава на сите, сега сум си само моја,
и дури ред по ред изработените мокасини ги бројам
ги чекам дните кога безработна но здрава ќе стојам.

Оригиналната песна

Превод: Љупчо Бочваров

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото