Прво дојдоа по Асанж

30.04.2019 01:57
Прво дојдоа по Асанж

Сите мои средби со основачот на Викиликс (WikiLeaks), Џулијан Асанж се одржаа во истата мала соба. Во периодот од есента 2015 до деккември 2018 година, како што им е добро познато на светските разузнувачки служби, повеќе пати одев во амбасадата на Еквадор во Лондон во посета на Асанж. Она што шпионите не ожат да го знаат е какво беше чувството на олеснување што ме обземаше секојпат кога излегував од таа зграда.

Се среќавав со Асанж затоа што длабоко ги почитувам изворните начела на Викиликс. Кога бев тинејџер ја читав книгата на Орвел „1984“ и стравував од државата на вискотехнолошки надзор и можните нејзини последици врз односите меѓу луѓето. Раните текстови на Асанж, особено идејата дека технологијата со која се служи државата треба да се искористи за да се создаде огромно дигитално огледало кое на сите ќе им покаже што се случува, ме изполнуваа со надеж дека со заеднички сили можеме да го поразиме Големиот Брат.

Но во времето кога се запознавме, таа прва голема надеж веќе беше избледена. Седевме и разговаравме до доцна во ноќта, опкружени со полици за книги полни со еквадорска книжевност и владини публикации. Уредот на врвот од едната од полиците емитираше бел шум што го оневозможува прислушувањето, а од чијшто звук на човек му се слошува. Заради калустрофобијата во таа мала соба, заради лошо скриената камера на плафонот, вперена во моето лице, заради звукот на белиот шум и загушливиот воздух, како што поминуваше времето, чувствував сè поголема потреба да истрчам надвор.

Критичарите на Асанж со години тврдат дека домашниот притвор бил негов избор: се скрил во еквадорската амбасада затоа што ги прекршил условите за ослободување во Британија за ја избегне постапката според обвиненијата за сексуални напади во Шведска. Како маж немам право да изнесувам мислења за тие обвиненија, зашто секогаш прво мора да се слушне гласот на жените кои ги пријавуваат овие напади. Еднаш на Џулијан му реков дека да сум на негово место би се соочил со обвиненијата, дека би ги сослушал внимателно и со должна почит, без оглед на тоа дали обвиенението е официјално подигната или не. Ми одговори дека и тој би го сакал тоа. „Но Јанис“, ми рече, „ако одам во Стокхолм ќе ме затворат во самица, а потоа ќе ме стават во авион и ќе ме испратат во некој специјален затвор во Америка, пред и да добијам прилика да одговорам на обвиненијата“. За да ми покаже за што зборува ми покажа писмо од неговите адвокати во кое на властите во Стокхолм им се нуди да се појави на суд, со гаранции дека нема да биде предаден на САД за обвиненијата за шпионажа. Шведска не одговорила на тој предлог.

Во годините што ги помина во еквадорската амбасада, во околности кои Обединетите нации ги опишуваат како „неосновано задржување“, многумина мои пријатели и колеги им се потсмеваа на неговите стравови и ме напаѓаа заради поддршката што му ја давав. Минатиот септември, историчарката и феминистка Germaine Greer тоа го резимираше во својот коментар на австралиското државно радио. „Нема да го предадат на Америка“, рече потсмешливо и ги обвини адвокатите на Џулијан затоа што го навеле да поверува дека таквото предавање е возможно, додека ги земаат парите од правата за неговата книга.

Сега скапува во Белмарш, озлогласениот англиски затвор со висока безбедност, во ќелија без прозор, со уште помалку светлина и воздух отколку што ги имаше во еквадорската амбасада, без право на посета, и ја чека екстрадицијата во Соединетите држави. „Нека гори во пеколот“, велат добрите луѓе ширум светот, кои ги разбесни тоа што Викиликс ја објави електронската пошта на Хилари Клинтон пред претседателските избори во 2016 година и со тоа му помогна на Доналд Трамп. Зошто, прашуваат тие, не објави ништо скандалозно за Трамп или за рускиот претседател Владимир Путин?

Пред да објаснам зошто тие што го напаѓаат би требало да ги преиспитаат своите ставови, дозволете да ја изразам својата лична фрустрација заради неговата поддршка на брегзит, нападот на феминистичките критичарки, заради уредувачката политика што му иде во корист на Трамп и, најмногу заради комуникацијата со луѓето на Трамп. Тоа повеќепати му го реков во лице.

Но нападите врз Викиликс заради тоа што не објавува материјали кои се подеднакво штетни за сите страни ја промашуваат суштината. Викиликс е востановен како поштенско сандаче во кое оние што имаат алармантни информации можат да ги депонираат информациите што се вистински и чиешто откривање е во интерес на јавноста. Тоа е единствената обврска што ја има Викиликс. По дефиниција, луѓето од оваа организација немаат никакво влијание врз тоа што ќе им биде доставено; технологијата што се користи не му дозволува дури ни на Асанж да го дознае идентитетот на доставувачите на информациите. Факт е дека поголем дел од материјалите најмногу ги посрамотува западните држави и тоа е дел од големата услуга што ни ја дава Викиликс, услуга чијашто вредност, на моја голема жал, е намалена со некои уредувачки потези на Асанж.

Последните настани покажуваат дека ситуацијата во која се најде немаат никаква врска со обвиненијата во Шведска, ниту со услугите што му ги давал на Трамп во судирот со Хилари Клинтон. А бидејќи Челси Менинг повторно е во затвор поради одбивање да сведочи дека Асанж ги нарачувал иили го помагал протекувањето на доказите за американските злосторства во Ирак и Авганистан, најдобро објаснување на тековните настани веројатно нуди Мајк Помпео, директорот на Централната разузнувачка агенција, а сега и државен секретар на Трамп.

Помпео го опиша Викиликс како „непријателска недржавна разунувачка служба“. Што е сосема точно. Но тој опис важи и за секој медиум што кога било имал интегритет. Даниел Елсберг и Ноам Чомски предупредија дека новинарите кои се спротивставуваат на екстрадицијата на Асанж во САД и самите ќе се најдат на списокот за отстрел на некој нов претседател што ќе ги прогласи за „народни непријатели“. Славењето на апсењето на Асанж и игнорирањето на новото затварање на Челси Менинг се вистински подарок за непријателите на либерализмот.

Покрај либерализмот, прогонот на кој е изложен Асанж по налог на безбедносно – индустрискиот комплекс на САД има уште една жртва: тоа се жените. Ниедна жена, во Шведска или во која било друга држава нема да ја добие правдата со тоа што тој ќе биде фрлен во затвор со голема безбедност заради тоа што ги открил злосторствата против човештвото што ги сториле некои лоши мажи, во униформи или костуми. Понатамошното лишување од слобода на Менинг воопшто не придонесува за целите на феминизмот.

Затоа го предлагам следното: ајде да ги здружиме силите и да ја спречиме екстрадицијата на Асанж од која било европска земја во САД, за да може да отпатува во Стокхолм и им овозможи на своите тужители да се слушне и нивниот глас. Да работиме заедно на зајакнувањето на жените, истовремено штитејќи ги свиркачите кои ги објавуваат мрачните тајни на нашите влади, армии и корпорации и коишто моќниците би сакале да ги скријат од јавноста.

Извор: Project Syndicate