Никој не е слободен додека сите не се ослободат

15.06.2019 09:27
Никој не е слободен додека сите не се ослободат

Се чини дека нашето општество не само што е заробено туку е и заглавено, удавено, задушено, како во некоја чудна одводна канализациска цевка која покажува знаци на гнилост, непроодност, не можност да се исфрлат нечистите, затруени води и да протече онаа бистра, незаматена вода.

„Никој не е слободен додека сите не се ослободат“ – извикува Хегел, во оние, дамнешни времиња. Дамнешните времиња, се чини траат, и тоа траат во нивните најгнили облици. Трае потребата на човекот не да се спознае преку другоста туку да ја поништи другоста. Само преку другиот постоиме.

Идејата за слободата не е апстрактна категорија, запишана низ древните или низ современите книги и учења. Идејата за слободата е отелотворена во конкретни практики кои се разликуваат од заедница до заедница. Нејзе не можеме да ја сведеме на „концепт“, на наратив, кој има исто наличје за сите. Таа се согледува во конкретните практики на конкретните заедници. Тоа бара и од институционалните и од вонинституционалните заедници да ги разберат општествено-историските достигнувања (или назадувања), а тоа, пак, значи дека е невозможно да го резбереме просторот на слободата сами. Уште од почетокот, разбирањето на она што сме и на она што го правиме е неможно да се потврди без признавање на другиот.

Имајќи ги на ум последните ретроградни конфронтации на социјалните мрежи, кои главно упатуваат на горвор на омраза и стигми кон ЛГБТИ заедницата, а поврзани со прикажувањето на уметничко дело, перформансот „Акефално чудовиште“ на Рон Ејти, обесхрабруваат по повеќе основи. 1. во оваа земја уште не сме научиле да живееме заедно 2. нема основни познавања од сферата на уметноста и современите уметнички практики 3. нема релевантен критички аргументативен апаратус туку панично врескање, стигматизирање, адхоминем навреди 4. нема култура на дијалог 5. царуваат стравовите 6. насилно е, многу е насилно.

Она што би сакала во овој контекст да го истакнам е дека и покрај отсуството на релевантни образовни алатки (нека се замислат малку сите образовни институции), едно нешто не смее да се заборави: уметноста има автономија! Само во тоталитарните политички нарации, каде што државниот и идеолошкиот апаратус имаат целосна контрола над општествените динамики, таа нема автономија. Уметноста подлежи на критички анализи, вреднувања кои се поврзани со изразот на уметникот, а не подложи на повик за цензура.

Уметноста од дамнина до сега, постои за да биде мета-конфронтирачки но и директен конфронтирачки двигател на сите општествени, политички, колективни и индивидуални феномени. Нејзината улога, меѓу другото, е да ги предизвикува до крајни граници нештата кои не можат да се предизвикаат со друг јазик, а кои треба да подлежат на критичко преиспитување. Таа мора да деконструира и да редефинира. Таа мора да е во постојан критички дијалог со светот.

Таа не е задолжителна и обврзна. Таа не инсистира секој еден да се согласи со нејзината содржина. Нејзината естетска вредност е простор за аргументирана критичка дебата. Но не и нејзината содржина и пораките кои уметникот сака да ги испорача.

Софокле, Есхил, Аристофан, Молиер, Расин, Лорка, Шекспир, Едвард Бонд, Чехов, Вирџинија Вулф, Оскар Вајлд, Набоков, Роберт Музил, Славко Јаневски, Вислава Шимборска, Елфирде Јеленек, Петре М. Андреевски, Горан Стефановски, Силвија Плат, Ларс Фон Триер, Михаел Ханеке, Дејвид Боуви – сите тие и илјадници други, низ своите дела се конфронтираат со она што според нив е заболено општествено ткиво, а повеќето од нив се прогласени за скандал на своето време, за потоа, во некое друго време, нивните укажувања да бидат прифатени, анализирани.

Перформансот „Акефално чудовиште“ на Рон Ејти, е комплексно дискурзивно и перформативно уметничко дело, кое предизвикува полисемично читање и кое покренува и деконструира безброј историски, политички, теориски, родови, идеолошки наративи. Референците на Жорж Батај и на Фридрих Ниче, се основа која може да ви послужи во разбирањето на ова дело. Дотолку повеќе, недозволив е „упадот“ во авторството на еден мета-наратив како алиби за дискредитација на ЛГБТИ заедницата.

Перформансот се одвиваше во Музејот на современа уметност, институција специјализирана за современи уметнички практики. Тој не се одвиваше во верска установа. Оттаму, замолувам да се држиме до секуларниот, но и експертскиот формат на Република Македонија.

Можеби е време да кренеме раце од секој обид за општествено/колективно прифатено заедништво. Можеби е дојден денот за рабни политики и паралелни светови. Ако е така, тогаш да го изговориме и да го прфатиме тоа. Ако не е така, тогаш да се впрегнеме барем уште еднаш да покажеме ронка широчина, еманципираност, отвореност пред портите на Европа во која гладно сакаме да зачекориме.

(посветено на Skopje Pride Weekend 2019 | Glittering Wounds

Слики: Alison McCauley