Не е покрената иницијатива за уставни измени за притворот

19.06.2019 02:03
Не е покрената иницијатива за уставни измени за притворот

Ќе иницираме уставни измени и ќе побараме поддршка за уставно ограничување на траењето на притворот.

[Извор: Изборна програма на СДСМ „План за живот во Македонија“, стр. 258 , датум: декември 2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во предизборието за предвремените парламентарни избори кои се одржаа во декември 2016 година, социјалдемократите ветија дека во првите две години по доаѓањето на власт ќе иницираат уставни измени и ќе побараат поддршка за уставно ограничување на траењето на притворот. Ова изборно ветување на СДСМ досега (18.06.2019), не е исполнето.

Ветувањето е дел од изборната програма „План за живот во Македонија“ и се споменува на две места. Најнапред заложбата за покренување иницијатива за „уставно ограничување на траењето притворот“, е истакната во поглавјето „Човекови права“ (стр.35), а потоа и во рамките на „Планот 24м – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 2 години“ (стр.258). Што значи, според рокот за реализација наведен во програмата вакви уставни измени требаше да бидат иницирани најдоцна до крајот на минатиот месец, со оглед на тоа што Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, тоа досега (18.06.2019) не се случи.

Инаку, истата обврска за покренување уставни измени поврзани со притворот ја презела и Владата во нејзината Програма за работа (2017-2020 г.), каде на стр.23 во делот „Човекови права“, меѓу другото, е наведено дека „заради имплементирање на европските стандарди за човекови права и ефикасна заштита на човековите права“, Владата ќе:

Отвори расправа за уставни измени и ќе побара поддршка за уставно ограничување на траењето на притворот

Меѓутоа, освен споменатите заложби, нема информации за тоа дека се подготвува или е во тек некаква иницијатива за уставни измени од ваков формат.

Сѐ уште е на сила уставното решение (Член 12, поточно АМАНДМАН III од Уставот усвоен од Собранието на 1 јули 1998 година), во кое е дефинирано дека:

Притворот до подигнување на обвинението, по одлука на суд, може да трае најдолго 180 дена од денот на притворувањето. По подигнување на обвинението, притворот го продолжува или го определува надлежниот суд во случај и во постапка утврдени со закон.

ИЗВОРИ:
Изборна програма на СДСМ: План за живот во Македонија ( стр.251) [Пристапено: 18.06.2019]
Собрание на РМ: Устав на РМ (член 12, АМАНДМАН III) [Пристапено: 18.06.2019]
Влада на Република Македонија: Програма за работа на Влада(стр.23) [Пристапено: 18.06.2019]
Тајм.мк (31.05.2017): Избрана новата Влада на Република Македонија [Пристапено: 18.06.2019]

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Извор: Вистиномер