Промоција на „Маалски прикаски (1+2)“ на Синиша Станковиќ

26.06.2019 14:16
Промоција на „Маалски прикаски (1+2)“ на Синиша Станковиќ

„Книга прикаски за скопските маала, напишани во семејното бифе ‘Носталгија’ од Случајниот Минувач низ неговиот и вашите животи...“

Во издание на „Или – или“, деновиве излезе од печат книгата „Маалски прикаски (1+2)“ на новинарот Синиша Станковиќ.

Во книгата која содржи 65 прикаски (или, како што ги нарекува авторот, „белешки на Случајниот Минувач, подготвени како мезе за муабет, во семејното бифе ‘Носталгија’“), се објавени и дваесеттина фотографии на тема „Маалски прикаски“, на познатите македонски фоторепортери: Ѓорѓи Личовски, Огнен Теофиловски, Роберт Атанасовски, Томислав Георгиев, Борис Грдановски, Наке Батев, Маја Златевска, Андреј Гиновски и Радован Вујовиќ.

Промоцијата ќе се одржи во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ), во среда, на 26-ти јуни, во 20.00 часот.

Како што во најавата за промоцијата, напиша авторот, „за и околу книгата и нашите маала (со мало фаворизирање на Карпош-ите) ќе муабетат, читаат/пеат: д-р Калина Малеска, актерот Драган Спасов Дац, музичарите Петар Ренџов и Ристо Самарџиев, сè според ‘старите добри маалски правила’: дружба, муабет, музика од ‘нашите времиња’, бифе со ниски цени…“

Станковиќ е новинар и писател, последните две децении е дописник на Гласот на Америка на македонски јазик, а „Маалски прикаски (1+2) е негова седма книга.

ОкоБоли главаВицФото