НЕ! за хомофобијата во образованието

29.10.2010 10:09
Perez.jpg

БАРАЊЕ

до Министерот за образование

Имајќи предвид дека веќе со години во македонскиот образовен систем (основното, средното и високото образование) се публикуваат учебници кои служат за целите на наставата, а во кои се презентираат ставови и сознанија поврзани со сексуалноста и сексуалната ориентација кои се научно незасновани, застарени и идеолошки обоени;

Имајќи ги предвид 10-та ревизија на Меѓународната Класификација на Болести (МКБ-10), усвоена од страна на Светската здравствена организација – СЗО, во која под ознаката F66 Психолошки растројства на обноските поврзани со сексуалниот развој и ориентација и други растројства експлицитно напоменато стои дека дека ‘сексуалната ориентација сама по себе не се смета за растројство’, како и DSM- IV класификацијата објавена 1973 година од Американското Здружение на Психијатри во која хомосексуалноста исто така не се наоѓа на листата на ментални растројства , а кон кои се придружуваат и одлуките на Македонската лекарска комора и Македонската асоцијација на психијатри;

Имајќи предвид дека ваквите текстови претставуваат опасност и обид за манипулација на образованието за целите на ширење на хомофобија, говор на омраза и поттикнување на негативни предрасуди и социјално исклучување на хомосексуалците;

Имајќи го предвид фактот дека ваквите текстови претставуваат сериозно прекршување на основните национални и интернационални одредби со кои се забранува хомофобијата и најстрого казнува секаков вид на говор на омраза, вклучително со Лисабонскиот Договор, член 5б, каде што експлицитно е нагласено дека „во дефинирањето и имплементирањето на сопствените политики и активности, Унијата ќе се стреми кон борба против дискриминацијата, заснована на пол, раса или етничко потекло, религија или верување, попреченост, возраст и сексуална ориентација“. Во оваа насока и чл. 3 од новоусвоениот Законот за спречување и заштита од дискриминација во Македонија, со кој најстрого е регулирана дискриминацијата на сите граѓани врз многубројни основи, вклучително и врз основа на сексуалната ориентација или родов идентитет, истакнува дека „се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор“.

Имајќи предвид дека ваквите текстови не ги почитуваат сознанијата, одредбите и прогласите на цела низа релевантни институции во доменот на медицината и психологијата и психијатријата, со чинот на патологизација на хомосексуалноста, а во книги кои се користат како учебник во средното образование, активно учествуваат во дискриминаторската пракса на ширење на хомофобични изјави , и тоа помеѓу лица кои допрва го стекнуваат суштинското образование и кои активно учествуваат во консолидацијата на македонското општество.

Со оглед на сето гореспоменато, ние долупотпишаните организации, установи и индивидуи, бараме од Министерството за образование:

- итно повлекување на сите учебници од ваков тип од нивна понатамошна употреба во наставно-образовниот процес како нужна превентивна мерка за спречување на идните штети кои произлегуваат од нивната употреба (Костова Марија. Педагогија за трета година гимназиско образование. Скопје: Просветно дело, 2005; Темков Кирил. Етика за втора година гимназиско, Просветно Дело 2004; Чадловски Георги. Психијатрија. Скопје, Просветно дело: 2004; Чадловски Георги. Медицинска психологија. Скопје, Просветно дело: 2004; Шкариќ Олга. Развојна Психологија . Скопје, Филозофски факултет: 2004;)

- Министерството за образование да спроведе соодветни санкции за авторите и рецензентите на учебниците и да востанови механизми за избегнување на вакви состојби при рецензирањето на нови учебници и да организира и да спроведе обуки на лицата одговорни за одобрување на наставно – образованите програми и соодветните учебници

- Да воспостави систем за спроведување на санкции за сите кои поттикнуват хомофобични ставови во рамки на наставно-образованиот ситем во Република Македонија.

- Министерството да спроведе систематска ревизија на целокупните образовни програми со што би се коригирале и спречиле сите можности за хомофобија и секаков друг вид на говор на омраза и дискриминација во образовниот систем.

Со почит,

Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“


Слика: Рафаел Перез

Слични содржини

Никола Гелевски
Општество / Активизам / Квир / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Активизам / Фотографија / Култура / Око

ОкоБоли главаВицФото