Злато за пријателите

26.09.2019 01:38
Злато за пријателите

Ахмет Давутоглу, идејниот творец на новосоманската политичка теорија за засилувањето на турското влијание на Балканот и Блискиот исток, пред две недели самиот ја напушти Партијата за правда и напредок, пред одлуката на Реџеп Таип Ердоган за негово исклучување од партијата да стане извршна. Опкружен со петмина некогашни високи функционери на владејачката партија, Давутоглу со ова самоволно заминување јасно ја покажа силата на својата идна партија, која сè уште не е официјално основана. Некогашниот најблизок соработник на турскиот претседател додаде сол на раната со изјавата дека не е можно него едноставно да го исфрлат од Партијата на правда и напредок, затоа што тој е еден од нејзините основачи, па со таа постапка би им се нанела огромна болка на бројните членови на партијата, принудени да гледаат како еден од нејзините основачи, кој напорно работел за партијата, вложил огромен труд и пролеал многу пот за остварувањето на нејзините цели, сега го бришат од нејзината историја. Со тоа владејачката партија практично се укинува самата себе, со што Давутоглу јасно им стави до знаење на сите дека равенството Партијата на правда и напредок = Претседателот, не е точно и дека Ердоган не може да се изедначи со партијата, која од 2002 години речиси непречено владее со Турција.

Настапот на Ахмет Давутоглу е сфатен како покажување сила на еден од потенцијално најопасните противници на Ердоган, кој пак, во последните три години, од своето опкружување ги исфрли сите кои не биле слепо лојални на неговото сè полично владеење и сите кои не му се блиски роднини. Долготрајната неповолна економска ситуација во Турција која не покажува знаци на скоро пододобрување е дополнителен притисок врз навидум семоќниот турски претседател. Падот на неговата популарност за речиси десет проценти во последната година е јасен знак дека турските граѓани бараат алтернатива за човекот кој цели 17 години, со својата сеприсутност успеваше да ја засени дури и иконата на модерната турска држава, Кемал Ататурк.

44 отсто од турските граѓани, кои според последните истражувања, го поддржуваат турскиот претседател, точно одговара на бројката гласови што би ги собрале владејачката Партија на правда и напредок (30 отсто) и коалициониот партнер на Ердоган, ултрадесниот националист Девлет Бахчели (14,2 отсто). Најсилната опозициска партија, Републиканската народна партија, во овој момент би добила само 3,5 отсто помалку гласови од владејачката партија, додека за курдската Народна демократска партија би гласале 8,1 отсто од турскиоте граѓани. Со само 14 отсто неодлучни гласачи, политичката пресметка е јасна: Реџеп Таип Ердоган може да смета на 44 отсто гласови во кои спаѓаат и гласовите на Партијата на националистичкото движење на Бахчели, додека двете, моментално, најсилни опозициски партии заедно би собрале нешто над 34 отсто гласови на турските гласачи.

Токму во таа разлика од десет отсто се крие една од основните причини за сè поекстремните потези на Ердоган, кои последните недели се пренасочуваат од европската периферија, агресивноста на Турција кон Кипар и Грција, кон самото средиште на Европската унија, пред сè кон Берлин чијшто глас во европско – турските односи е несомнено најважен.

Според истото неодамнешно истражување на јавното мислење на турските гласачи, дури 20,1 отсто од нив се определиле за двете политички партии кои сè уште не се ни официјално формирани, а ги предводат некогашните најблиски сојузници и советници на Ердоган. Најавената партија на поранешниот министер за финансии Али Бабаџан, со кој е и поранешниот претседател на државата Абдулах Ѓул, би собрала 11, 5 отсто гласови, додека за идната партија на Ахмет Давутоглу, својот глас би го дале 8,6 од граѓаните на Турција. Со тоа досегашните најблиски соработници на турскиот претседател најнепосредно би одлучувале за неговата судбина и за насоката по која би се движела оваа држава со најмногу жители и со проблематична економија, чијшто колапс подеднакво ги плаши и инвеститорите и турските граѓани и, бројните, пред сè европски инвеститори.

Опонентите на Ердоган, одмана се вмрежени со највисоките европски и други политички кругови, кои сега ги идентификуваат како политички реалисти и чиешто влијание ќе биде пресудно за иднината на Турција и нејзините односи со Европската унија, Израел, Америка, Русија и арапскиот свет. Затоа тие своите програми и не мора да ги претставуваат директно во Брисел. Таму, во самото средиште на европската политика, веќе внимателно се следат и разбираат сите нивни потези.

„Злато за пријателите“ е основата на илјадагодишната доминација на Цариград и на византиското царство на широкот простор на јужна Европа и Блискиот исток, на сличен начин како што и денес ја чини суштината на политичкото влијание на најмоќните држави врз остатокот од светот. Колку е посилна заканата на одметнатите и навидум нескротливите варвари, толку е поголема количината злато со која од нив се купуваат мирот и влијанието, со што варварите, навидум преку ноќ, се претвораат во блиски сојузници. Овие игри на моќ применети на денешна Турција значат дека нарушувањето на сувереноста на Кипар и Грција од страна на Ердоган, подеднакво како и неговото привидно свртување кон Русија преку купувањето оружје и склопување договор за изградба на нуклеарна електрана на границата на Турција со Леван и Кипар, вреден над 20 милијарди евра – не се доволни за да во средиштетот на Европа предизвикаат доволно силно чувство на загрозеност за да се понудат дополнителни количини „злато“ на заканувачкиот претседател на Турција. Меѓутоа, ова не значи дека Ердоган останува без адути пред европските политичари.

Неодамнешната закана на Ердоган, очигледно недоволно промислена, дека ќе се сврти кон производство на нуклеарно оружје, само ги покрена европските моќници кон зајакнување на влијанието на неговите ривали на сè поинтересната турска политичка сцена. Затоа турскиот претседател со полна пареа ја покрена најсилната политичка рачка, која пред четири години веќе му донесе огромна количина „злато“ во замена за пријателството изразено во запирањето на бегалците од Сирија кои тргнаа кон срцето на Европа и нивното сместување во кампови во Турција. Стотици бегалци пред две недели пристигнаа на Самос, Иос и Лезбос, грчките острови најблиски на брегот на Мала Азија, каде од 2015 година се наоѓа првата станица на бегалците на нивниот пат кон северот на Европа. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, чиј министер за надворешни работи, искусниот Никос Дендиас, имше забележително поцврст став кон турскиот претседател, кој цело лето го посвети на провокации во Егејот и источен Медитеран – на самиот почеток на својот премиерски мандат е принуден многу повнимателно да реагира на потезите на Ердоган. Слушајќи ги гласовите од Брисел, од каде новата претседателка на Европската унија, Урсула фон дер Лајен, која на 1 ноември го почнува својот мандат и најавува можност за нов договор за бегалците со Турција, Мицотакис заедно со Република Кипар чувствува опасност од ново жртвување на европската периферија и интересите на малите држави, членки на Унијата, заради зачувување на помоќниот центар на Европа.

Политиката на злато за пријателите секогаш подразбирала купување мир додека не се пронајде друго решение со кое заканата трајно би се отстранила. Во сегашната кратковида политика се отвора прашањето колку злато ќе биде потребно и дали тоа воопшто ќе биде доволно да се отстранат брановите закани кои ги заплиснуваат европските брегови. А малите држави на европската југоисточна периферија, без оглед дали се внатре во Европската унија или не, би морале да сфатат дека без договор за минимум заедники интерес секогаш ќе бидат изиграни во големата политичка игра.

Авторот е професор на Филозофскиот факултет и управник на Центарот за кипарски студии.

Фотографии: Кападокија

Извор: Peščanik

 

ОкоБоли главаВицФото