Зошто не е лесно да се биде левичар во Источна Европа

07.11.2019 04:05
Зошто не е лесно да се биде левичар во Источна Европа

„Комунист е оној што го читал Маркс, а антикомунист е оној што го разбрал“, се шегува еден од соговорниците на Светлана Алексијевич во книгата „Половно време“, во која нобеловката го документира влијанието на распадот на СССР врз поединечните човечки животи.

Истата мисла го обележа моето детство и созревање во поранешната советска република Молдавија. Моите дедо и баба беа жртви на сталинистичката репресија, дедо ми ги изгубил татко му и тројцата браќа и сестри заради гладта која се случи во државата во 1946 и 1947 година. Баба ми ја изгубила работата како учителка затоа што своето четиримесечно бебе го погребала со христијански обред. Моите родители биле штотуку завршени студенти во времето на отворањето на советските архиви, во периодот на перестројката. Кога дознале дека работните кампови биле идеја на Ленин а не на Сталин, како што ги учеле дотогаш, почуствувале дека нивниот живот бил лага. Тогаш имале доказ дека и Ленин цинично пушувал за бесењето на кулаците; понекогаш било доволно да имаат една крава или неколку овци за да бидат кандидирани за „народни непријатели“. Тука некаде лежи и објаснувањето зошто генерацијата на моите родители можеби и би можела да верува во социјална демократија (иако би кажале дека за тоа ви се потребни нафта и богатство), но социјализам?! За нив тоа е неприфатливо, од тоа се заситиле. „Знаеме како левичарските идеали лесно можат да се злоупотребат и дегенерираат во тоталитаризам“, ми рече еден семеен пријател.

Наспроти тоа, јас работам на историски роман за советските феминистички идеалистки кои соработувале со Сталин. Се придружив на клубот на читатели на Капитал од Маркс, кој го основаа пријателите левичари и активисти, дома во Молдавија. Сите сме млади и не сме го искусиле советскиот комунизам од прва рака. Левицата ја поврзуваме со Берни Сандерс, а не со гулазите. Меѓу себе ги споделуваме лекциите на марксистичкиот антрополог Дејвид Харви и често на социјалните мрежи закачуваме мемиња со Маркс како вели: „Глупав, заборавив на човечката природа“, но се спротивставуваме на авторитаризмот и корупцијата на власта, исто како и нашите баби и дедовци. Исто така, покритични сме кон западните општества и ја делиме загриженоста заради условите за работа, моќта на крупниот бизнис и пристапноста до социјалните служби и јавните простори. Левицата по примерот на запад се шири меѓу малубројните млади луѓе во источна Европа преку граѓанските групи, уметничките кооперативи, фанзини, независни издавачи, онлајн платформи или ситни партии кои своето членство го собираат по универзитетите. Нивната главна критика на современите источноевропски општества е насочена на зголемувањето на нееднаквоста. Имаат право.

Од падот на Берлинскиот ѕид, наспроти фактот дека животот во источноевропските држави стана подобар, сиромашните во тие држави стануваат сè посиромашни, а богатите сè побогати. Во текот на осумдесеттите години на минатиот век, вупните примања на посиромашната половина на источните Европејци изнесувала околу 25 – 35 отсто од националниот доход. Од крајот на комунизмот, таа бројка во некои држави паднала на 17 отсто. Држава со најголема нееднаквост во регионот е Русија, каде најбогатите 1 отсто сега го добиваат 27 отсто од националниот доход, што е драматичен скок од 3,5 отсто од перидот пред падот на железната завеса.

Но додека на запад решенијата што ги предлага левицата се очигледно изводливи, во источна Европа работите се покомплицирани. Можеби ќе гласам за лабуристите или за Зелените во Велика Британија, кадешто живем последните седум години, но во Молдавија или Романија сум понаклонета кон центарот. Тоа е затоа што најголемиот заеднички непријател на поширокиот политички спектар во исотчна Европа е корупцијата. Иако на либералните проевропски партии од десниот центар им недостасуваат одговори на мнигу прашања, тие се повеќе подготвени за посветена борба против корупцијата.

Коалицијата на десниот центар на поранешниот романски претседател, Трајан Басеску основаше национален антикорупциски директорат кој, наспроти сите свои недостатоци, успеа да прати во затвор некои од највлијателните корумпирани политичари, заради што му се препорачува на целиот регион. Во Молдавија, Партијата на акција и солидарност на премиерката Маја Санду е првата партија која во целост е транспарентна за изворите на своите финансии.

Шокантното ниво на корупција во комбинација со комунистичкото наследство значи дека политиката на источна Европа не може лесно да се мапира на познатиот лево – десно спектар кој го објаснува однесувањето на гласачите во поголемиот дел на западна Европа. Овде приликите се далеку покомплицирани. Левичарските идеали и слогани се оптоварени од искуството на тоталитаризмот, а истовремено популистите ги преземаат за да победат на изборите манипулирајќи ги сиромашните и постарите граѓани. Носталгични по својата младост, гласачите на државна пензија често го продаваат својот глас за еден пар чорапи или вреќа брашно – и ветување дека ќе добијат уште.

Една од најперверзните тнр. леви партии во регионот е романската Социјал – демократска партија (PSD) која ја водеше владејачката коалиција до октомври годинава, иако во домашата политика доминираше уште од 1989 година. Оваа партија често го ставаше интересот на крупниот бизнис над интересите на локалните заедници; познат е случајот од 2013 година, кога нивната влада дозволила отворање на рудник на злато, кој користи цијанид на античкиот локалитет Росиа Монтана (Roșia Montană) што предизвика масовни протести. PSD е обвинета за неверојатни размери на непотизам во државните институции и одбори, како и за обиди за ублажување на антикорупциските закони и отпуштање судии. Водечката партиска фигура, на почетокот на оваа година, беше осудена на затворска казна заради корупција. Не е чудо што романските граѓани веќе не им веруваат на државните институции.

Но, не е хаотична само партиската политика. Системот на социјална заштита официјално е во сопственост на државата, но неофицијално е полуприватизиран. На хартија, ширум источна Европа сме го задржале бесплатното (или речиси бесплатното) здравство, детската заштита и основното и високото образование. Во реалноста, особено во Украина, Молдавија, Романија, Литванија и Унгарија, многумина се осудени на неформално плаќање на овие услуги. Од пациентите често се очекува дебел бакшиш за преглед кај лекар или, во случај на поскапи операции се очекува да платат однапред, без оглед на здравственото осигурување. Исто така, од родителите најчесто се очекува да платат за дополнителни часови, испити и „подароци“ за наставниците.

Најужасното комунистичко наследство, Големиот брат, за многумина од Запад – само мал историски пропуст, сè уште во голема мера е присутен. Романија троши повеќе пари за својата разузнувачка служба SRI, отколку Германија, Турција или Канада. Во Молдавија (3,5 милиони жители) во 2017 година, бројот на телефонските разговори кои ги снимале тајните служби бил три пати поголем од оној во Велика Британија. Полицијата често повеќе и најпрво ги брани корумпираните политичари отколку граѓаните – уште еден остаток од полициската држава. Роамнската полиција во 2018 година, фрлаше солзавец врз мирните демонстранти кои бараа владата да го повлече предлог законот со кој се овозможуваше корумпираните политичари да го избегнат затворот. Минатата година, полицијата во Молдавија брутално се пресметуваше со демонстрантие кои учествуваа на антивладините протести и на кои граѓаните носеа знамиња на ЕУ и извикуваа „Долу мафија!“. Правдата никогаш не е задоволена за сите апсења, претепувања, силувања и убиства од времето на масовните протести против наместените избори во режија на молдавската Комунистичка партија во април 2009 година.

На многу начини проблемот во источна Европа е државата – голема, корумпирана, неефикасна и опресивна што објаснува зошто и реформистите од левиот центар и новите, помлади левичарски групи кои настануваат во граѓанското општество – решенијата ги бараат надвор од неа.

Паула Еразину е писателка од Молдавија која живее и работи во Велика Британија.

Слики: Cleon Peterson

Извор: The Guardian