Оланд и новата надеж

11.05.2012 13:20
Оланд и новата надеж

Кога победи Митеран, буквално, скокав од среќа. По 31 година, откако Франсоа Оланд стана вториот социјалист на чело на француската Петта република, победата ме израдува, драга ми е, но ја дочекав без голема егзалтација. Мислам дека не сум единствениот, а и не само меѓу оние од т.н. средна генерација, кои мислат дека победата на левицата во една голема и важна држава, каква што е Франција, не е доволна причина за еуфорија.

Претпазливоста и умереноста во реакциите не е последица само на поголемото животно искуство и на намалената индоктринизација. Во последниве триесет години левата идеја доживеа два силни удари – комунизмот кој се деградираше самиот себеси пропадна во Европа, а социјалдемократијата изгледаше како да пресушила. Под влијание на неолиберализмот и на постмодерната стана речиси нормално да не се трага по нешто ново и по нешто предизвикувачко, како и да не се очекува дека ќе се пронајде големата слика за светот во кој живееме. Новиот материјализам и позитивизам нè учеа да не се залажуваме со утопии, дека треба да расчистиме со заблудата дека идеите настанати во модерната сè уште се инспиративни за градење на едно поправедно општество.

Конечно, еуфоријата изостана и затоа што оваа Македонија е многу поразлична од онаа во 1981 година. Некогашните комунисти и нивните потомци сега се сдсмовци, вмровци, либерали, социјалисти, приврзаници на третата опција, членови на етнички партии... Во Македонија со години по ред на власт е десницата, а левицата изгледа загубено и дезориентирано. Но, во тоа нема ништо чудно и необично само по себе. Она што најмногу фрустрира е фактот што денес Македонија заличува на европска „вукојебина“, на држава која си го живее својот балкански сон и која нема намера да се откаже од колективниот дремеж. Осиромашени, разочарани, цинични и заглупавени, станавме совршено незаинтересирани за сето она што се случува надвор од нашите провинциски координати.

Оттука, тоа беше и главниот поттик да избегам од нашите домашни теми и дилеми и да се обидам нешто да кажам за значењето на победата на Оланд и за промените во европските политики.

Кога победува некој како Оланд, главна тема стануваат прво очекувањата. По правило, левицата ги активира големите надежи и големите очекувања. „Но, иако левицата е способна да предизвика големи надежи, таа може и брзо да разочара“, му порача Едгар Морен на Франсоа Оланд во заедничкото интервју што го објави „Монд“ во саботата, на еден ден пред изборите за француски претседател. Едгар Морен, 91-годишен филозоф и социолог, една од легендите на француската и на европската мисла, секогаш близок на левицата, кој себеси се дефинира како „конзервативен револуционер“, беше уште подиректен, кога го посети Оланд дека постоеја големи очекувања и кога Митеран дојде на власт. Но, според Морен, тие надежи се изјаловија, бидејќи „иако Митеран го ослободи француското општество од некои окови, тој конвертираше во неолиберализам, односно го фаворизираше развојот на финансискиот капитализам“.

Слични, ако не и поголеми надежи, се јавија и пред четири години кога победи Барак Обама. Тогаш се говореше дека американскиот претседател е човекот кој ќе го инаугурира „новиот, поправеден, светски поредок", дека со него започнува ерата на "прогрес и на ново разбирање во дијалогот меѓу народите во светот“, итн. Денес, и најголемите оптимисти и најголемите поддржувачи на Обама, се согласуваат дека од големите очекувања останаа само поумерената надворешна политика и желбата да се стабилизираат американските финансии.

Големи надежи постоеја и пред 13 години кога во Фиренца се одржа „најголемиот самит“ на левицата. Тогаш, во 1999 година, за прв пат во историјата, премиери на четирите најголеми држави во Европската унија беа луѓе од левицата (Масимо Д'Алема, Герхард Шредер, Тони Блер и Лионел Жоспен), кои, заедно со Бил Клинтон, кој важеше за близок на оваа група политичари, подготвија заедничка платформа за решавање на предизвиците во пресрет на третиот милениум. Дали некој се сеќава на пораките на оваа социјалистичка алијанса? Дали некој денес може да тврди дека тоа беа ѕвездените мигови на европската левица? Или, пак, дека тогаш е зацртана агендата на левицата која трае и денес? На сите овие дилеми, одговорот е негативен или, во најдобар случај, може да се користи фразата од типот – „којзнае, можеби!“

Оттука, се чини, најблиску до здраворазумските позиции се весниците кои важат за блиски на десниот центар. Нивната проекција е дека Франција доби умерен и разумен социјалдемократ, кој ќе биде потежок партнер на Меркел, отколку кооперативниот Саркози. Тие очекуваат дека Франција со Оланд на чело на државата, ќе издејствува промени во фискалниот пакт, односно, ќе се ублажат строгите мерки во водењето на економските политики кои беа донесени под диктат на Германија.

Некои, можеби, очекуваат дека соработката помеѓу Оланд и Меркел ќе биде продуктивна како и оние во времето на Валери Жискар Д'Естен и Хелмут Шмит и, нешто подоцна, помеѓу Франсоа Митеран и Хелмут Кол. Со други зборови, Франција и Германија најдобро соработуваа и европскиот проект најмногу прогресираше кога на чело на овие две држави беа политичари од спротивниот идеолошки табор. Се разбира, мисијата на Оланд и неговиот импакт врз европската политика, а особено врз европската левица, не се исцрпува со краткорочните политики или со форсирањето на тезата за изневерените очекувања.

Не се гледам себеси како некој голем прогнозер или како познавач на состојбите кој може компетентно и докрај да ги промисли последиците од промената во француската политика, па и кај европската левица. Она што за мене е многу значајно е што со Оланд се случи важна промена во дискурсот на левицата, која во иднина може да го има ефектот на мразокршач и за другите леви партии. Кога Морен вели дека дошло времето да се „промени судбината“ (changer de destin), а Оланд се надоврзува со тврдењето дека е тој приврзаник на идејата за „промена на ерата“ (changer d'ere), на прв поглед, тие изгледаат, како леви флоскули, како убави маркетиншки пароли што се кажуваат пред избори.

Јас мислам дека не се работи само за реторика и за враќање кон некогашниот лев дискурс кој зрачеше со полетност и со оптимизам. Во тие изјави, сепак, има нешто супстанцијално. Сега гледаме дека француската левица се ослободува од грчот и од табуто дека не е паметно да се нудат големи концепти и да се промовираат храбри идеи.

Ние во Македонија имаме една поговорка која вели: секоја планина си има своја тежина. Нешто во тој дух напишал и големиот германски поет Хелдерлин на која се повикува и Морен: „каде што расте опасноста, расте и она што се спасува“. Предизвикот мора да се прифати, а пристапот мора да ја изразува потребата од една нова целовитост.

Постојат две причини за една ваква промена. Прво, социјалдемократијата ризикува да ја изгуби целосно довербата ако продолжи да вози „по рамно“ и доколку се претставува себеси само како гарант на социјалната држава. Второ, кризата низ која поминува Европа не е само економска и социјална, туку е и цивилизациска.

Надежта што ја симболизира Оланд треба да се искористи. Нормално, без еуфорија, паметно и трезвено.

Извор: globusmagazin.com.mk

Илустрации: Андреа Ван

Мислам дека посоодветен

Мислам дека посоодветен превод на славната фраза на Хелдерлин е: Каде што расте опасноста, расте и спасоносното (она што спасува).

Вангелчо, напиши расказ на

Вангелчо, напиши расказ на тема „социјалдемократија“.

ОкоБоли главаВицФото