Дали имаме емпатија кон луѓето со ниска интелигенција

08.11.2019 01:23
Дали имаме емпатија кон луѓето со ниска интелигенција

Академската Твитер заедница со месеци не престанува да му се воодушевува на новиот профил со име Just say in mice, кој поставува линкови со вести за нови (медицински) откритија додека во коментарите секогаш стојат два збора - КАЈ ГЛУВЦИ. Еве како изгледа тоа:

Научниците открија нов начин за уништување на клетките на карциномот... КАЈ ГЛУВЦИ.

Револуционерно: научниците открија дел со кој можат да го забават стареењето! (КАЈ ГЛУВЦИ)

Научниците случајно открија лек против гојазност... КАЈ ГЛУВЦИ

Сопственикот на профилот, научникот Џејмс Хедерс, рече дека дошол до оваа идеја зашто бил изреволтиран од начинот на кој повеќето медиуми известуваат за научните истражувања, а особено оние прелиминарните кои се прават на животни. Смета дека неговите објави на Твитер се најлесен начин за да се промени оваа ситуација. Со над 68 илјади следбеници, Џејмс успеа да ги поттикне научниците и лаиците повнимателно да ги читаат вестите, а некои медиуми дури и се согласија да ги додаваат овие одредници.

Зошто е важно да се нагласи дека откритијата се засноваат на глувци а не на луѓе? Иако глувците често се користат како модел за човечките болести, малку е познато дека само секој десетти лек кој ќе успее кај глувците се одобрува и за човекот. Ако нешто ги нервира истражувачите тоа е вклучувањето на алармот околу предклиничките студии изведени на животни додека останува прашањето дали тој лек или третман воопшто ќе може да се употреби на човек (а, почесто е случај дека нема да се употреби). Помеѓу глувчешкиот и човечкиот мозок постојат сличности но и големи, неочекувани разлики, заради што, впрочем, глувците се лош предвидувач за тоа како ќе реагираат луѓето.

Што ќе се случи кога третманот кој успеал кај глувците брзоплето ќе се примени на човекот, покажува и фиктивното дело на Даниел Киз „Цвеќе за Алџернон“. Алџернон е лабораториско заморче кому со експериментална процедура му била зголемена интелигенцијата. Чарли Гордон има фенилкетонурија, генетско нарушување кое доведува до прогресивна ментална ретардација, и е првиот човек кој ќе помине низ истата процедура, прво успешно, сѐ додека Алџернон не почне да се однесува чудно, а на крајот и да умре. Преку извештаите на Чарли го следиме неговиот напредок, когнитивниот и емоционалниот развој, сеќавањата, односите со блиските луѓе, а потоа и судбината како онаа на Алџернон.

Даниел Киз (кој инаку дипломирал психологија), инспирацијата за овој роман ја добил во периодот кога работел како професор во училиште за деца со развојни нарушувања. Кога еден ученик се вратил на училиште по долго отсуство, Киз забележал регресија - веќе не знаел да чита: „Изгуби сѐ... Буквално ми се скрши срцето“. Оттука и емпатијата кон различностите, или како што пишува во рецензијата на Њујорк Тајмс за книгата од 1966 година:

„Пораката е очигледна: Мораме да го почитуваме животот, да се почитуваме едни со други, да бидеме нежни спрема оние кои немале среќа како нас“.

Дали книгата навистина нѐ учи да ги почитуваме различностите и да развиваме емпатија? На самиот почеток, Киз прави читателот да сочувствува со ментално заостанатиот Чарли, а како што се приближуваме кон крајот, губењето на високата интелигенција се претставува како еднакво на смртта, како комплетна катастрофа со која ниту тој ниту кој било од неговите блиски луѓе не може да се помири. Последната реченица запишана во извештајот личи на проштална порака од некој кој умира: „Збогум госпоѓице Книјиан и докторе Строс и сите...“.

Кога „новиот“ опериран Чарли ќе сфати дека неговата вештачки предизвикана состојба е привремена и дека ќе се врати на „фабричките поставки“, одлучува да го посети Државниот дом и училиштето Ворен, каде подоцна ќе биде сместен. За тоа искуство, пишува во својот извештај:

„Додека се возев назад во градот, не знаев што да мислам. Ме обзема некакво студено и сиво чувство - чувство на помиреност со судбината. Немаше разговор за рехабилитација, за тоа дека тие луѓе еден ден ќе ги вратат назад во светот. Никој не зборуваше за надеж. Владееше атмосфера на жива смрт - или уште полошо, како штитениците никогаш да не биле сосема живи и свесни. Овенати души од самиот почеток, осудени секој ден да зјаат во времето и просторот.“

За Чарли враќањето на состојбата од пред операцијата е еднакво на потполно бришење на сѐ што е и сѐ што создал, заради што и читателот почнува да го доживува стариот Чарли како негативец кој му се заканува на главниот јунак.

Иако низ романот му се спротивставува на докторот Немур зашто го третира како свое лично чудовиште на кое му вдахнал живот, се чини дека ни самиот Чарли не верува дека бил човечко битие пред експериментот. Тој не е во состојба да го поврзе момчето од своите сеќавања со своето моментално постоење. Кога се присетува на својот претходен живот, за себе зборува во трето лице, нагласувајќи дека е само посматрач на туѓите сеќавања, а не и учесник. Сето тоа на кое се сеќава му припаѓа на некој друг, некој кој молчи и посматра, па и неговиот сексуален однос со соседката Феј. За старото Јас зборува како за друга личност која се крие некаде длабоко во него, се вмешува кога не треба и чека да излезе и да го преземе водството („Малиот Чарли Гордон ме гледа преку прозорецот - чека. Не, само не тоа повторно.“).

Киз нѐ уверува дека менталната заостанатост го лишува човекот од какви било позитивни искуства во животот. Предрасудата која ја промовира преку ликот на „добриот“ доктор Строс е дека на повеќето луѓе со потпросечно интелектуално функционирање им недостасува мотивација, грижливост и волја за учење: „Но повеќето луѓе како него се непријатни и не соработуваат, тие вообичаено се тапи и апатични и тешко е да се допре до нив“.

Чарли има лесна ментална ретардација, а повторно е претставен како вечно дете кое не е во состојба да го препознае насилството на кое е изложен. Тој мисли дека колегите од пекарата кои го злоставуваат се негови пријатели и дури кога ќе му се зголеми коефициентот на интелигенција чувствува срам. Се покажува дека децата како Чарли не се во состојба да ја почувствуваат отфрленоста, болката и осаменоста.

Интересно дека ни ликот на интелигентниот Чарли не е лишен од предрасуди, па така високиот коефициент на интелигенција го спречува во секојдневното функционирање, особено во односите со други луѓе.

„Колку што ќе бидеш поинтелигентен, толку повеќе проблеми ќе имаш. Твојот интелектуален раст ќе го надмине твојот емотивен раст“.

Неговата претерана паметност му гарантира социјална неприлагоденост. Потсетува на савант, некој со стереотипна дијагноза на Аспергер, кој заради преголема количина знаење не може да разговара со луѓе. Дури и угледните професори бегаат пред да го заврши монологот („тие секогаш наоѓаа изговори за да се извлечат, заради стравот дека ќе ја откријат ограниченоста на своето знаење“).

Алис во еден момент го потстеува дека претходно во него имало топлина, отвореност, дообрина заради кои на сите им бил драг и заради што сите сакале да бидат во негова близина. А сега, вели, со неговата интелигенција и знаењето се појавиле разлики во негативна насока. Тоа би значело дека Чарли станал гениј, но нужно и егоцентричен и студен, зашто разумот и емоциите нужно се спротивставени.

Најпосле, трагична судбина ги чека и човекот и глушецот: Алџернон умира заради последици од операција, додека Чарли умира симболички, враќајќи се на претходното интелектуално ниво. Вистина е, пак, дека Чарли не ја нашол својата среќа во ниту еден момент, а стереотипите и предрасудите не го заобиколиле ни пред ни после операцијата.

Cline, Brent. (2012). “You’re Not the Same Kind of Human Being”: The Evolution of Pity to Horror in Daniel Keyes’ Flowers for Algernon. Disability Studies Quarterly. 32.

LOFTIS, S. (2015). Imagining Autism: Fiction and Stereotypes on the Spectrum. Indiana University Press.

Илустрации: Andrea Wan

Извор: http://www.psihobrlog.com

ОкоБоли главаВицФото