„Тајните архиви на Скопје“ - втор дел

16.11.2019 16:04
„Тајните архиви на Скопје“ - втор дел

Поради големиот интерес и преполната сала во Кинотека на првата проекција на видео колажот „Тајните архиви на Скопје“ ќе се одржи втора проекција во Кино Култура на 17 ноември (недела) од 20 часот.

„Носител на проектот „Тајните архиви на Скопје„ е НУФЦ Вардар Филм, кој има за цел зачувување и афирмација на материјалното и духовното современо културно наследство на градот Скопје. Покрај зачувување на овие материјали како културно богатство на градот, проектот има за цел да им се претстави и доближи на младите генерации Скопје од пред неколку децении. Едно Скопје полно љубов, едно мирно Скопје кое во исто време во себе го содржи целиот жагор на скопјани. Целта не е само визуелно (преку снимки) да им го претставиме градот на новите генерации, туку и на емотивно ниво да го разберат животот на скопјани. Проектот е инициран, конципиран и координиран од Катерина Габунија, дигитализацијата и дигиталната обработка се на Александар Трајковски, обработката на тон е на Сашко Потер Мицевски, а гласот на Дарко Ристовски“, се вели во најавата.

За колажот од видеа, селектирани се материјали од десетина семејства. Материјалите се од различен тип: родендени, свадби, прошетки, излети во и околината на Скопје. Во нив се бараше белегот на градот, На-ма, Кермес, Дебар Маало со куќички, плоштадот со калдрма итн. Личната приказна на авторката Катерина Габунија, нејзиното детство и тоа што претставува овој град и начин на живеење за неа е надополнет со приказните од снимките.

Колажот од видеа креира всушност лична, емотивна приказна за Скопје и скопјани, раскажана низ четирите годишни времиња. Идејата на проектот е да не се влијае дополнително на материјалите, ниту пак да се врши измена во монтажата, туку да се прикажат во реално светло, онака како што неколку децении наназад биле првично монтирани и режирани од самите протагонисти.

Како дел од проектот „Тајните филмски архиви на градот“ во Кино Култура ќе бидат изложени 54 фотографии. Фотографиите се издвоени и развиени од дигитализираните 8мм и супер 8мм филмски ленти, од домашните архиви на скопјани, добиени по пат на јавен повик. Тие се селектирани од видео колажот “ Тајните архиви на Скопје“. Фотографиите снимени во периодот од 70-те до 90-те години од минатиот век го отсликуваат Скопје и животот на скопјани во овие неколку децении.

Проектот „Тајните архиви на Скопје„ е проект подржан од Град Скопје.

 

ОкоБоли главаВицФото